ЗОШТО СЕ САМОУБИ МАКЕДОНСКИОТ БИСЕР БАЛКАНСКИ: ГОЦЕ НИКОЛОВСКИ
НЕЗАБОРАВ КОГА НИ ТРЕБА ТРОНКА ПАТРИОТИЗАМ ЉУБОВ ИНАКУ ДА ГОЦЕ СЕ САМОУБИ ПОРАДИ ПРИТИСОК ОД ЛИХВАРИ ДОЛЖЕШЕ ПАРИ ОТИ БЕШЕ КОЦКАР ИГРАШЕ КОМАР
Кога почина Гоце, во еден од сега непостоечките весници (Утрински Весник) беше објавен следниов текст за него:
https://www.youtube.com/channel/UCcKLvtyKsg63GuuFRSLXAdA
После секаков крај зборовите се раѓаат тешко. Ги има можеби премногу, но секогаш го носат со себе сомневањето дали го имаат капацитетот да ги соберат емоциите, тагата и болката што ги носи конечноста на крајот. Никако не е полесно ни тогаш кога крајот доаѓа како сопствен избор за бегство од безизлезот на животот, што колку што го создаваме самите, сепак, ни е предодреден и со самото постоење.
Гоце Николовски (роден 1947) својата лична борба на сопствените принципи и идеали, со „превртената слика“ на општествени вредности, ја прекина самиот на 16 декември 2006 година. Човекот, кој од 1990 година како своја идентификација ја имаше песната „Бисер балкански“ и неспорно има биографија на автентична македонска пејачка ѕвезда, заврши како „сензација“ од црната хроника, што секако би било неправедно за личноста што носеше „бајроновски дух во време на транзиција“. Велат дека дури и во времето на неговата најголема слава, Николовски ја имал секогаш онаа романтичарска „светска тага“, толку нетипична за времето што го живееше. Таа негова романтичарска природа, соочена со личните и општествени искушенија, го доведува до состојба на хронична депресија, која некогаш повеќе, некогаш помалку успева да ја прикрие. Но, на сите оние што го познаваа, некако премолчано им беше јасно дека тој не се обидува да ја надмине депресијата, особено по првиот обид за самоубиство, во 1996. Се’ што е кажано по една трагедија, дури и како „оправдување“, го носи ризикот да звучи неправедно, но ни животот не му „одеше на рака“ со своите прилози на реалноста.
Николовски својата пејачка кариера ја започна кон крајот на шеесеттите години на минатиот век, како пејач со ѕвездена перспектива на тогашната југословенска забавна естрада. Од почетоците на „Скопски фестивал“ во седумдесеттите години, како евергрин е останата песната што тој ја има испеано „Тивко, тивко“ на авторот Григор Копров. Во тоа време тој е откритие за белградското шоу „Максиметар“ и, приближно, во тој период се случува неговата преселба во Ниш. Таму станува херој на градот, особено откако ќе спаси од давење во река една девојка. Но, уште тогаш, неговата аура на музичка ѕвезда како да доаѓа во конфликт со неговите македонско – патриотски насоки во карактерот. Сепак, своето семејство го формира во Ниш, Србија, а на првиот фолк-фест „Валандово“ во 1985 година доаѓа и е прифатен како голема ѕвезда, иако песната „Ино моме веселино“ не освојува награда. Во првите години на фестивалот, Николовски е редовен учесник, каде што во 1990 година победува со песната која станува сензационален хит, како и хит на деценијата во 1998 година. „Бисер балкански“ (автори – Јован Павловски и Хилми Билбил). Ниту една новосоздадена песна претходно, ни потоа немала таква општонародна прифатеност, што во периодот на раните деведесетти, што се совпаѓа со независноста на Македонија, ужива и своевиден статус на химна. Неспорно, во тие години, Гоце Николовски е ѕвезда по која владее еуфорија, и во Македонија и во дијаспората. Тој е веќе интензивно влезен во патриотскиот пејачки период, кој започнува, всушност, пред „Бисер балкански“, со песната „Мајка Македонија“ (од Ристо Краповски), испеана неколку месеци претходно. Патриотизмот и желбата за општествено-политичка праведност на Гоце Николовски беа искрени и далеку од поза и скриен мотив за некакво профитерство, сосема во согласност со неговата романтичарска природа. За цело време на неговата слава во Македонија, тој е невработена ѕвезда, понекогаш на работ на семејната егзистенција.
Пријателите, кои признаваат дека тешко се допирало до него во последните години, се уверени во искреноста на неговиот политички ангажман уште од почетоците на Демократската пратија во 1994 година, како и присуството на кандидатската листа на ЛДП, на локалните избори во 1996 година. Дури и причините за неговата лична депресија, распадот на семејството (кое од 1987 е преселено во Скопје) и сите животни премрежиња што му се случувале ги наоѓаат токму во разочараноста од општествено-политичкиот транзиционен развој на земјата. Во последните години тешко било да се натера Гоце да запее, особено љубовни песни. Сепак, во антологијата на новосоздадената македонска лирика остануваат песните што тој ги испеа – „Мојата серенада“ и „Приказна за Ангелина“. Во социјално-административните „тефтери“, Гоце Николовски беше забележан како вработен во скопски „Водовод“. Сепак, Гоце Николовски е бисерот балкански што замина по долгогодишна тивка тага на романтичар во време на транзиција
