МакедонијаТОП

Жан Митрев: Обвинителството со индикации дека може да ја напушти државава

Доктор Жан Митрев денеска е повикан на распит во скопското Јавно обвинителство. Обвинителството го повика сопственикот на приватната клиника по добиени информации дека е можно да ја напушти државата. Затоа, како гаранција да спречи негово бегство, Обвинителството бара Основниот суд Скопје да му ги одземе патните исправи.

„По утврдување на определени околности во текот на предистражната постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Измама од член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација“, соопштија од Јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителството – Скопје по допрен глас оформи предмет на 18 јули, откако ИРЛ објави истражување за работењето  на клиничката болница „Жан Митрев“ и на доктор Жан Митрев во периодот од 2020 до 2022 година.

ИРЛ во документарниот филм „Нечиста крв“ обелодени сведоштва на семејства на КОВИД пациенти врз кои била применувана методата хемофилтрација (филтрација на крвта) без да знаат дека се предмет на клиничко испитување. Хемофилтрацијата, доктор Митрев, ја рекламираше како единствен спас за лекување од корона вирусот, а услов за лекување на пациентите беше авансно да уплатат 12.000 евра за да бидат хоспитализирани во клиниката. Клиничките студии кои се вршеле во болницата не се пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД.

Обвинителството соопшти дека ќе ги проверува наодите на семејствата на жртвите, кои сведочеа за пропустите со кои се соочиле при лекувањето во приватната болница „Жан Митрев“. Според информациите, станува збор за 560 пациенти чии здравствени досиеја ги разгледува специјална комисија на Министерството за здравство, по што наодите ќе бидат доставени до надлежните институции.

ИРЛ во сторијата откри и дека болницата на доктор Жан Митрев за време на пандемијата, не пријавила ниту една интрахоспитална инфекција во Центарот за јавно здравје иако била законски обврзана да го стори тоа. Семеjствата на пациенти кои се лекувале велат дека во болницата имало многу интрахоспитални инфекции кои биле кобни по животите на нивните најблиски. И во самите студии објавени од клиниката „Жан Митрев“ се наведува дека имало присуство на опасни бактерии кај поголем дел од пациентите.

По документарниот филм „Нечиста крв“ голем број граѓани секојдневно носат преставки до Лекарската комора со барање за ревизија на КОВИД лекувањето во болницата Жан Митрев, но и за други приватни и државни клиники.

Дел од надлежните институции се уште немаат конкретни одговори за јавноста околу откритијата во истражувачкиот документарен филм „Нечиста крв“.

Погледнете го документарниот филм „Нечиста крв“ кој на 17 јули беше емитуван на Македонската Радио Телевизија. Како и дополнителната сторија за срцевите операции кои се вршени во приватната клиника и финансиските малверзации со парите од Фондот за здравство и поткастот „Разговор во Редакција“ во кој гости беа министерот за здравство Беким Сали и директорката на Фондот за здравство Магдалена Филиповска Грашкоска.

 

https://youtu.be/sFI5LQPpLTY


Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.