Колумни

Заев е веќе минато

Истечен е рокот на оваа владејачка структура и на овој начин на владеење. Најпаметно би било до Нова година да се распишат вонредни парламентарни избори, на кои ќе се добие новото мнозинство, кое потоа ќе може да формира влада со полн капацитет.

Традицијата на македонската демократија и плурализам е збогатена со уште еден изборен циклус, кој иако локален по карактер, повторно ја покажа решеноста на електоратот наместо да избира нови лидери да ги казнува старите.

Незадоволни од општата состојба во државата, граѓаните по кој знае кој пат решија да ја казнат актуелната владејачка гарнитура, со тоа што гласот го дадоа за опозицијата. Тоа нема никаква врска со теми од локалната самоуправа, туку има врска со општото расположение на гласачите.

Најголемата опозициска партија во моментов ВМРО-ДПМНЕ, освои 55.000 гласови повеќе од владејачката СДСМ, а како никогаш до сега одличен успех остварија и помалите партии, како и независните кандидати, кои исто така профитираа од непопуларноста на владината политика. Соочен со фактите од изборните резултати, премиерот Зоран Заев од говорницата порача дека пораката на народот е јасна и дека тој ја разбрал. Не знам какви сè неговите размислувања, но јас сметам дека сега е премногу доцна за нешто вистински да се промени во начинот на неговото владеење.

Гласачите, истите оние што пред четири години ја казнија погрешната политика на Никола Груевски, сега се разочарани од Заев и од неговите министри. Причините за тоа се многубројни. Од неисполнетите ветувања за покачување на животниот стандард на граѓаните, водењето на неконзистентна здравствена политика во време на пандемија, како и многу проблематичните ставови на премиерот искажани во преговарачкиот процес со Бугарија. Секако дека и односот во владејачката коалиција и релациите со ДУИ, чии министри делуваат како независни политички субјекти, дополнително му ја намалија популарноста на Заев. И ниту една од овие политики, тенденции и практики тој нема да може да промени, дури и да сака.

Животниот стандард нема да порасне, бидејќи наскоро ќе се соочиме со најавеното поскапување на поголем број на производи и услуги. Здравствената политика е повеќекратно злоупотребена, а преговарачкиот процес со Бугарија е речиси мртов. Што се однесува, пак, до релациите со ДУИ, допрва ќе доаѓаат лошите денови по владата, бидејќи во обидот да се обезбеди коалиција за да се спаси тоа што може да се спаси во вториот круг на локалните избори, од СДСМ ќе мораат да добијат „контигент“ гласови од коалицискиот партнер. А сите добро знаеме дека ваквите испораки никогаш не биле бесплатни.

Затоа сакам да нагласам дека е истечен рокот на оваа владејачка структура и на овој начин на владеење. Најпаметно би било до Нова година да се распишат вонредни парламентарни избори, на кои ќе се добие новото мнозинство, кое потоа ќе може да формира влада со полн капацитет.

Секое одложување на неизбежното, СДСМ ќе го чини полош резултат. Подобро е да се загуби сега, отколку да се доживее катастрофа подоцна.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.