Колумни

Заеб

Кога ќе научиш дека народот во Македонија е изморен од овие поделби, од овие кавги, од овие одмазди, од оваа омраза? До кога мислиш да го делиш овој народ, другарче Заев? Погледни убаво околу себе, ако си способен да направиш макар минимална дистанца од своите заблуди, дистанца од себе и ако веќе не си станал заблуда и заеб по себе. Погледни, луѓето во Македонија имаат и желба и потреба да гледаат напред, во иднината. И веќе не трпат некој да ги дели, да ги хушка едни на други, да ги крви. Тоа е пораката што ти ја испрати народот.

Ништо ти не си разбрал, другарче Зоран Заев!

Да, точно е, народот македонски вчера ти испрати порака. Жестока порака, силна, јасна и прецизна. Ама ти ништо не си разбрал. Ама баш ништо!

Кој заеб…

Со часови чекав да го слушнам твојот говор после дебаклот на СДСМ во првиот круг од локалните избори. Те чекав до еден ипол сабајле, во ниедно време што се вели, да ве видам тебе и твоето хорче од скиселени фаци, да слушнам каков спич ти стокмиле шарените другарчиња.

Го видов и другарот Венко, стутулен во дуксерче.

И другарот Оливер, набрекнат во фацата ко корнишон.

И Љупче Путеро од зад грб.

А кај ти беше Радмила Шеќеринска? Неа не ја ни очекував. Рада знае каде (не) ѝ е местото. Бира друштво, нормално …

Не видов никого и од твоите кандидати за градоначалници.

Ги упропасти, човече!

Цела кампања вревиш на бината. Гласот го искина. Се грчеше во твоите наместени насмевки. Киптеше од нервоза. Ни кажа дека сите сме ти криви. Ни се закануваше. Нè испоапси. Ни пресуди. Со еден збор, мамето мамино ни го …

Да потраеше уште малку кампањава, мајките децата ќе ги плашеа со тебе. Молчете и спијте деца, сега Заев ќе се појави на телевизија. Hannibal ante portas!

И што со тоа? Што ќар видоа од тоа СДСМ, кандидатите, коалициските партнери?

Никаков. Голем заеб, другарче.

Оној непристоен гест, кога со раката свиткана во лактот ни го покажа „стапот“, тоа ли беше најдобро за кое Македонија требаше да гласа масовно и бескомпромисно?

Може ли сериозен човек да си дозволи таков заеб и да се надева дека ќе победи?

Кога ли ќе ти кажат, другарче Заев – ако веќе не сфаќаш самиот – дека ти си проблемот на СДСМ и затоа веќе не можеш да бидеш истовремено и дел од решението на проблемот?

Не се виновни кандидатите за овој пораз на СДСМ. Не е виновен ни Петре Шилегов. Ти си виновен! Само ти и никој друг!

Твојата моќ на перцепција е сериозно оштетена. Не гледаш ништо. Надвор ден светнал, ти велиш ноќ е. И обратно. Не слушаш. Не успеваш да се соочиш со елементарните факти. Не успеваш два и два четири да врзеш.

Не е можно два дена пред изборниот молк, на митинг, триумфално да соопштиш дека СДСМ во првиот круг ќе добие 22 градоначалнички мандати, а ВМРО-ДПМНЕ само 6. И при тоа да нагласиш дека си знаел што зборуваш и дека си имал добри информации. И после да излезе дека цифрите се можеби и точни, само во обратната насока – дека тебе те растртиле, другарче.

Кој заеб …

Не е можно во еден ипол сабајле да соопштиш дека Петре Шилегов во Скопје води со 15.000 гласови, а само неколку часа подоцна и официјално да се каже она што беше познато уште додека кинеше зелени, имено дека во Скопје сепак води Данела Арсовска со најмалку 4.000 гласови разлика.

Не е можно во еден ипол сабајле часот да не ти било јасно дека ти си тој што од цело Скопје пак направи вмровски град. И дека губиш насекаде. Откако само пред четири години ВМРО-ДПМНЕ спадна на одвај 4 градоначалнички мандати.

Не е можно да не си знаел дека СДСМ ја губи битката за советите безмалку во цела Македонија. Јас мислев дека ќе губиш од ВМРО-ДПМНЕ само со околу 20.000 гласови, не повеќе од тоа, но изгледа дека ова сепак ќе биде дебакл за тебе.

Навистина не верувам дека си немал информации што се случува. А тоа значи дека не си ја зборувал вистината.

Или веќе навистина не знаеш што зборуваш?

Свесен ли си што сè надроби во твојот лузерски говор, другарче Заев?

Рече, борбата продолжува, злото се заканува.

Силите на прогресот против силите кои влечат назад.

Кочи Мицко, има втор круг…

Ај што си нервозен, агресивен и непристоен. Од човек кој во кампањата ни го покажа „стапот“ јас и не очекувам поинаква реторика. Но, вистинскиот проблем е што целиот си опседнат од тие глупави дихотомии.

Твојот свет е црно-бел. Ти си политички далтонист. Не распознаваш бои и нијанси.

Некој те убедил дека ти си доброто, а ВМРО-ДПМНЕ е злото.

Некој те излажал дека ти си прогресот, а другите влечат назад. И дека ти си го џитнал ленгерот за да нè повлечеш напред.

Кој те заеба вака, другарче Заев?

Сфаќаш ли дека тој што вака ти ја упростил сликата, за полесно да го разбереш светот околу себе и да се соживееш со својата „мисија“, тој те смета за прост, недоволно интелигентен и неспособен да го разбереш животот во сета негова сложеност и убавина?

Не дека имам некое посебно мислење за тебе како интелект и секако не те сметам за талент во политиката, другарче Заев, но пак не ми е јасно како успеаја вака да те уфилмаат.

Твоите партиски подопашници, што самиот ги избра за да ти ласкаат. Браво шефе, тоо царе, растураме, газиме! Газите лајна сега …

Твоите шарени советници, тие нешколувани дрва, тие превртливи и искварени паразити што ти се пикнаа под кожа и те глодаат одвнатре …

Твоите апологети, твоите блескави и блесави гомновичи, твоите поликлинички случаи, твоите кутриња и олајавци, во медиумите и на социјалните мрежи, твоите самопрогласени бардови из Бардовац, тие шапшали чиешто влијание врз јавното мислење се сведува на одржување на моралот на дворот муртински и напразно храбрење на твоите приврзаници кои не стасале да се разочараат од тебе. И да осетат што е вистински заеб…

Како воопшто помисли дека таа ваша тажна групировка е олицетворение на доброто и на прогресот, а сите ние другите сме злото?

Со кој памет стотици илјади луѓе кои гласаа за опозицијата на овие избори, стотици илјади пристојни луѓе и домаќини, ти ги означи како злото на Македонија?

Денес си на власт, утре не си, другарче Заев. Еве, гледаш и самиот дека среќата е превртлива и дека сè си има свој крај. Не ми е јасно, како мислиш утре спокојно да живееш во ова земја, опкружен со сите тие „злотвори“, чиј најголем „грев“ е тоа што не гласале за тебе, што одбиле да му се умилкуваат на твојот „стап“, што не прифатиле дека мора да умрат за ти да живееш, што сфатиле што е тоа заеб?

Кога ќе научиш дека народот во Македонија е изморен од овие поделби, од овие кавги, од овие одмазди, од оваа омраза?

До кога мислиш да го делиш овој народ, другарче Заев?

И кој си ти да одлучуваш што е доброто, а што е злото во Македонија и за Македонија?

Кој те набеди баш ти да бидеш Каин и да го убиеш брата си Авел?

Погледни убаво околу себе, Зоране Заев, ако си способен да направиш макар минимална дистанца од своите заблуди, дистанца од себе и ако веќе не си станал заблуда и заеб по себе.

Погледни, прогледај и ќе видиш дека Македонија, земјата во која таму каде што од тројца Македонци двајца го јадат третиот, таа наша Каинавелија за која пее Славко Јаневски, е длабоко повредена, осакатена, преморена од овие делби.

Погледни, Заев, луѓето во Македонија имаат и желба и потреба да гледаат напред, во иднината. И веќе не трпат некој да ги дели, да ги хушка едни на други, да ги крви.

И прашај се – кој има право да го крви овој народ, како што ти го правиш тоа?

Имаш ли претстава со какви ајдамаци, можеби несвесно а сепак опасно, си се уротил против својот народ?

Свесен ли си што правиш, каде си кинисал и каде ќе стасаш?

Свесен ли си кој заеб е сево ова, другарче Заев?

Те молам, немој мене да ме слушаш и да ми веруваш. Јас сум ти еден од тие „злотворите“. Ама еве, најди некој да ти ги прочита и да ти ги разјасни овие стихови од Каинавелија.

Пробај бре да сфатиш нешто, да се скурдепсаш, да се очовечиш малку. Не брзај толку кон својата пропаст …

Чекај.
Почекај си.
Утре ни на гробот гроб не ќе му ископаш.
Утре и сенките ќе бидат без сенки.
Утре твојата ситост слатко ќе те излапа.
Утре.
Денес си сон во кожурец на сонот.
А јас кога ќе се разбудам
ќе ја истресам земјата од зглобовиве
и ќе се прашам што се случило.
И ќе се видам во скришна осојница
сенка распната.
Каине македонски
ќе се насмеам
за умрените и сонцето е умрено.
Авеле
ќе затрепериш на пајажина
чудесата се викале самоуништување.
А обајцата ќе сме без кожи
и не ќе можеме со нокти да се дереме.
На голите прсти
место нокти суши ќе се собираат.
Чудно е, Каинавелијо, чудно е
како денес Каина и Авела ни ги ничкосува
утрешното ѕвоно на нивното умирање.



Македонија

Заболени
216,328
+333
Мртви
7,609
+17
Излечени
200,669
Активни
8,050
Last updated: 02/12/2021 - 22:45 (+01:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.