Некатегоризирано

Врање не е Солун, ама луѓето веќе не сакаат да седат дома и да ги гледаат суратите на политичарите везден

Туристичките работници велат дека турите во Врање се само обид да се работи нешто.

Шопинг турите до „Лидл“ во Врање не можат да бидат замена за турите кои се организираа за Солун. Организирањето превоз, односно тура до Врање е само обид на туристичките агенции кои имаат и автобуси да обезбедат некаква работа во услови кога секторот трпи огромни загуби поради пандемијата и затворените граници, велат туристичките работници.

– Секторот сѐ уште е во мирување поради затворените граници, скапите тестови и стравот од вирусот. Бројот на луѓе кои во услови на пандемија патуваат е сведен на минимум. Нашата работа е намалена за 95 отсто, а загубите се огромни. Ги отвораме агенциите и сме задоволни ако телефоните ѕвонат, но тие кои се јавуваат и бараат резервации се малку. Имаме поединечен интерес, но е минимален за подалечните дестинации како Дубаи, Бахами… Сето тоа не влијае на резултатот од работата – вели Андреј Сирачевски од туристичката агенција „Аурора“.

Според него, и туристичките капацитети кои се достапни моментално во Србија по отворањето на границата се скапи, а за Црна Гора која ја отвори порано границата сѐ уште нема интерес за патување.

– Зимските центри во Србија се скапи, а интересот за бањите со текот на годините е сѐ помал. Некои од агенциите организираат само еднодневни патувања до нив, па според тоа не може да се замени Грција, Турција, Египет, каде што нашите граѓани одат за капење и посета на историски реткости – додава тој.

И сопственикот на агенцијата „Јоцо турс“ од Куманово, Јовица Јанкиќ, која деновиве е во фокусот на интересот на новинарите поради пишувањето на српскиот весник „Данас“ за турите до Врање, вели дека една тура во Врање не може да покрие ниту една плата на работниците.

– Ние превезовме само 11 патници за Врање и се направи врева околу сето тоа. Со патување до Врање не се заменуваат шопинг турите кои ги организиравме за Солун кога одевме со полни автобуси. Луѓето цела година седат дома и имаат потреба малку да прошетаат, па и до Врање. Се обидуваме да работиме со почитување на сите протоколи иако во однос на она што го остарувавме во претходните години сегашново е под минимумот – вели Јанкиќ.

Во овој период, додава тој, главно се носат туристи кон домашните туристички дестинации Попова Шапка, Пониква и Молика.

– Најава за некаква раздвиженост очекуваме за 8 Март. За овој празник веќе има интерес и ние подготвуваме соодветна програма. Ако остане отворена Црна Гора и за Острог ќе има интерес. Но што ќе се случува до тогаш не се знае – велат вработени во „Јоцо турс“.

Туристичките работници, како што велат, сега се ставаат на одговорот на владите на пандемијата и се надеваат дека вакцинирањето ќе го намали стравот на граѓаните за патување, а отворањето на границите, барем малку ќе го раздвижи секторот кој повеќе од една година е во мирување. А до тогаш очекуваат поддршка од Владата и во петтиот пакет мерки.



Македонија

Заболени
101,214
+582
Мртви
3,111
+13
Излечени
90,685
Активни
7,418
Last updated: 25/02/2021 - 20:56 (+01:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.