Македонија

Возачот денеска го сменил исказот и признал дека лажел за да му помогне на Диме Спасов

Возачот од Министерството за труд и социјала, Марио Тавиќ попладнево го сменил исказот во полиција.

dime-spasov

Тавиќ вечерта кога Диме Спасов лумпуваше по скопските улици, отишол на ул. Алжирска каде полицијата го запрела возилото да каже дека не возел Спасов туку самиот тој. Тоа е запишано и во полицискиот билтен.

„Од страна на полициски службеници лично и непосредно било утврдено дека од возилото ПМВ Туарег, сопственост на Агенцијата за вработување, излегле Д.С. и сопатничката Т.К..

Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото, по што од страна на полицискиот службеник била известена Единицата за Информирање и Командување. За време на утврдувањето на идентитетот на Т.К., лицето кое го управувало возилото Д. С. разговарало на мобилен телефон и се оддалечило од возилото на неколку метри, по што со трчање се дало во бегство во правец на ул„Дрезденска“. Од страна на УПС од ПСОН Карпош заедно со тимови од единицата АЛФА биле извршени обиколки во непосредната околина, но лицето не било пронајдено односно успеало да избега.

Околу 2 часот на ул.Алжирска, односно на местото каде што било оставено ПМВ Туарег дошол М. Т. и на полициските службеници им пренел дека возилото Туарег било управувано од негова страна. Од дадената изјава на М. Т. може да се констатира дека недоволно ги познавал околностите под кои се случени претходно опишаните сообраќајни незгоди, што наведува на заклучок дека тој не го управувал возилото. Изјавата на М.Т. не кореспондира со изјавата на сопатничката Т. К. и утврдената фактичка состојба на лице место од страна на полициските службеници кои што констатирале дека во возилото се наоѓале само лицата Д.С. и Т. К.“, пишува во полицискиот билтен.

Денеска, откако Спасов се појави на интервју на ТВ Нова, а Латас преку Сител објави монтирано видео во обид да прикаже дека Спасов бил жртва, Тавиќ се премислил и повторно отишол во полициска станица.

Тој денеска рекол дека го повлекува претходниот исказ, и потврдил дека не возел тој туку возел Спасов. Тавиќ рекол дека вечерта дал лажен исказ бидејќи сакал да му помогне на Спасов, но и дека никој не го натерал да го направи тоа, туку самиот, во обид за помош.

По ова, Тавиќ може да добие прекршочна пријава за давање лажен исказ.



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.