Македонија

Во Центар повеќе нема да се повторува сценариото „Шиповиќ“, СДСМ доби девет советници повеќе од ВМРО-ДПМНЕ

Советничката листа на СДСМ во Центар доби околу 10.000 повеќе гласови на локалните избори од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа распределбата на членови во општинскиот Совет натежнува на страната на СДСМ за девет советници повеќе.

Во претходниот мандат СДСМ имаше само еден советник повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа придонесе некои одлуки во Општината да се носат со неизвесност, па дури и доведе до раздор меѓу членовите на СДСМ поради случајот со Мирослав Шиповиќ. Неговиот глас беше одлучувачки при гласањето во промена на ДУП и зголемување на катноста на хотелот Панорама на Водно, откако претходно Шиповиќ беше ослободен од притвор.

Тоа повеќе нема да биде случај затоа што социјалдемократите имаат 16 советници, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои добија само седум.

Меѓу советниците на СДСМ ќе биде Јон Фрчковски, синот на професорот Љубомир Фрчковски. Дел од оваа советничка група ќе биде и Јана Белчева-Андреевска, активистка од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ која беше и носител на листа како независен кандидат. На советничката клупа повторно ќе седне Марија Бошковска-Јанковски која во меѓувреме беше поставена за вршител на должност директор на Централниот регистар.

Меѓу седумте советници на ВМРО-ДПМНЕ е поранешниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, како и претходниот координатор на советничката група на оваа коалиција во Центар, Томислав Лазаров. Инаку, Лазаров беше обвинет дека учествувал во организирање на насилните протести во оваа Општина во 2013 година што резултираше со судски процес познат како „шамарите во Центар“ против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.