Забава

Вчера се случи најискреното политичко интервју во земјава

„Како ќе практицираме власт ако не влеземе во таа власт?!“ – праша политичкиот активист на Левица, Жарко Масларковски, во интервју за Радио Лидер, потврдувајќи јавно дека вработувале партиски кадри во јавни установи и претпријатија

„Имаме 30-40 луѓе, 50 максимум да се, ама се по меридит систем (веројатно се мисли на мерит систем, односно систем по заслуги)“, рече Масларковски

Земјата се врти околу Сонцете, Месечината се врти околу Земјата а политичарите лажат и крадат. Вака се шегуваше еден универзитетски професор од Филозофскиот факултет во Скопје, кога ги опишуваше основните законитости во природата и во општеството.

Следејќи ја логиката од мислата на професорот, човек никогаш не би требало вистински да очекува политичар да биде искрен, барем не за прашања што можат да го компромитираат или изложат на срам пред јавноста. Ама денеска се случи сосема спротивното – еден неортодоксен политичар говореше отворено за веќе традиционално вгнездените пракси, како што е феноменот наречен партиски вработувања. Тоа што не станува збор за политичар-функционер или за активист на една од „големите“ партии, не го прави кажаното помалку релевантно.

Жарко Масларковски од Левица (лево) и Љупчо Златев (десно), фото: принтскрин

Несекојдневниот настан се случи вчера претпладне во студиото на Радио Лидер. Домаќини беа водителите, новинарот Љупчо Златев и екс-дипломатот и поранешен вицепремиер за европски прашања, Ивица Боцевски. Гостинот беше Жарко Масларковски, политички активист на Левица и брат на Дарко Масларковски – носител на листата на Левица на последните локални избори, а сега советник во Општина Аеродром.

„Не“ за непотизам, ама „за“ за партиски вработувања

Во првите минути по претставувањето на гостинот имаше само малку време за разговор за политика, доволно за Масларковски накусо да ја опише партиската мисија.

„Ние сме за враќање на името, легализација на марихуната, крај на криминалот, непотизмот, корупцијата“,

кажа Масларковски.

Потоа, водителите го однесоа разговорот кон клучната тема за нив – инцидентите на територијата на општина Аеродром, во кои беа вмешани, а поред нивно тврдење, и нападнати Жарко Масларковски и неговиот брат советник.

Во втората половина на интервјуто почнаа да се отвораат политички теми. Масларковски беше прашан дали е точно дека во јавните претпријатија под капа на Град Скопје вработиле луѓе „преку Левица“. Во моментот кога секој друг политичар, па макар се нарекувал и само политички активист, би ги почнал маневрите за избегнување на испалениот проектил, Масларковски возврати со: „Да, ама…“

  • Во дел од јавните претпријатија, луѓе сте вработиле и преку Левица, праша водителот Златев

„Да, во културњаци. Немаме ние вработувања 250 души, овој е без метла. Се е по меридит систем (се мисли на мерит, односно систем по заслуги, н.з.). Значи, Тони направи ренесанса во КИЦ. Снеже направи ренесанса во библиотеката“,

одговараше Жарко Масларковски.

  • Да, но, сепак, се партиски, знаете?

„Да. Ама ние не ги ставивме луѓе коишто поима немаат. Значи, поетеса води библиотека, човек од пишаниот збор, човек којшто дејствува таму“,

објаснуваше Масларковски.

Во тој момент се вклучи и вториот водител, Ивица Боцевски. Му појасни на Масларковски дека не го прашуваат за директорските позиции, туку за „обични“ вработувања. Партискиот активист на „Левица“ не само што одговори потврдно, туку ги соопшти и бројките и начинот на кој се правела партиската селекција.

Жарко Масларковски од Левица (горе лево), Љупчо Златев (горе десно), Ивица Боцевски (доле), фото: принтскрин
  • Љупчо (Златев н.з.) мисли дали покрај директорите имате по партиски листи вработувано луѓе на професионални позиции?

„Имаме 30-40 луѓе, 50 максимум да се, ама се по меридит систем“,

одговори Масларковски.

  • Значи партиски се, ама по мерит се?

„Не сме пратиле шумар во економија“,

возврати Масларковски.

  • Да ги седнеме сега Таче (се мисли на премиерот Димитар Ковачевски, н.з.) и господинот Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ тука, ќе ни речат – па, и нашите партиски вработувања се по мерит, се надоврза новинарот Љупчо Златев.

„Да, ама вие сте ставиле шумар којшто само краде, а ние сме ставиле човек кој работи. Еве сега да ги споредиме. Значи, Љупче, кај нас во партија секое вработување е два-три пати преиспитано од самото тоа. Им е дадено насока да ги ловат штетните, прљавите работи. Значи, ние како ќе практицираме власт ако не влеземе во таа власт?! Ако немаме човек таму да чуеме дека работничките права се загрозени или нешто?! Значи, нашето дејствување во Град Скопје е супер принципиелно. Се што е добро за градот, се сме поддржале“,

дообјасни Масларковски.

Но, мислата на Масларковски не заврши со отворенето признание дека ставаат „нивни луѓе“ во инститиуции кои потоа ја брифираат партијата и дека нивните „кадри“ имаат специфични инструкции, освен да си ја гледаат работата за која се платени. Отворено призна дека, како на партија, им се нудело и многу повеќе ама немале кадар. Затоа, почнале да произведуваат „човечки потенцијал“.

„Ние, кога почнаа да нудат ова-она, значи самите, другите, имате ова – имате она, ние рековме немаме човечки потенцијал во моментов за тоа. И сега се работи на градење на човечки потенцијал и луѓето по сектори, секторската работа на Левица да дојде на едно ниво, каде што ќе имаме луѓе за надворешни работи, за здравство, за енергетика. Значи, секторски работиме и гледаме секој човек којшто е донесен на државна работа да придонесе за таа фирма“,

кажа Жарко Масларковски.

Можеби тежината на зборовите на Масларковски е намалена од фактот што тој самиот не е функционер на Левица. Но, изјавата не е безначајна ако се има предвид увидот и прецизноста на деталите што се јавно познати и партиската функција на неговиот брат. А, и помина еден ден без неговата матична партија да се огради од нешто од кажаното.

Тоа што го кажа Масларковски за Левица, сепак, е само јавна артикулација на една од најлошо чуваните политички тајни за секоја партија во земјава – како може човек да се вработи на државно.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.