Колумни

Тортевски: Заев не треба да слави порази, сменивме име, проголтавме огромна жаба

– Па сега, знаете, човек со време полека осознава и разбира некои работи. Еве, целиот овој процес околу името, околу договорот со Грција, мене воопшто не ми е драг. Го доживувам како тежок, сериозен пораз. Мене многу тешко ми падна кога по изгласувањето видов дека премиерот само се бакнува со некои свои соработници, зашто не е тоа позиција и момент за бакнување и за славење, за радост. Тоа е тежок наш пораз, тоа е тешка изгубена битка, која можеби ни дава шанса да добиеме некоја војна подоцна.

Јас на Твитер напишав дека нè натераа да проголтаме жива жаба огромна, нè посипаа со катран и сега ние се бацуваме дека тоа се случило. Значи си делиме бакнежи. Не е таква ситуацијата.

Како човек што беше активен во Шарената револуција, Ве нервира ли оваа соработка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, заемното вршење услуги, пазарењето?

– Апсолутно, апсолутно. Јас како адвокат по дифолт сум насочен да соработувам со одредени категории луѓе, меѓутоа иако сум адвокат, пак ги одбирам странките, муштериите, има луѓе со кои не сакам по ниедна основа, по ниедна цена да седнам да разговарам.

Тоа за мене е многу големо разочарување, можеби најголемото, и во многу ситуации сега луѓе ми префрлаат. Имаше многу луѓе што велеа дека ништо од ова нема да излезе.

Да речеме, Љубчо Георгиевски уште пред три години рече дека ова на крај ќе заврши со амнестија и се гледа дека полека паѓа ентузијазмот во таа насока, почнуваат огромни пазарења. Да бидеме искрени, парите што се во игра се навистина многу големи, со кои старата гарнитура располага, и што е најтрагично, праќаме лоша порака до младите, дека криминалот се исплаќа и дека сè е можно и дека неказнивоста живее тука, дека во основа не се одговара за кршење на законите.

Бевте советник на СЈО. И СЈО влезе во таа игра на некој начин.

– За жал, влезе. Меѓу поголемите разочарувања по промената на власта е Катица Јанева.

Поради блискоста со власта или поради интерес? Таму има многу пари, да бидеме искрени.

– Значи, да зборуваме отворено. Катица Јанева доби на лото со поставувањето на таа позиција. Од многу аспекти.

Прво, јавен обвинител во Гевгелија што претходно работел минорни случаи, тоа е суд со мала надлежност, мало обвинителство, одеднаш се наоѓа на позиција специјален обвинител практично без лимит во материјални средства и со огромна поддршка кај јавноста и факт е дека во одреден период ја заврши улогата. Меѓутоа, каде е сега конфликтот… конфликтот е во тоа што според законот, тие не можат да продолжат да водат истраги, да отвораат нови истраги, меѓутоа нивната материјална положба и привилегиите што ги имаат, не велам дека не се заслужени, меѓутоа се многу високи во однос на сите други обвинителства.

Тоа е страшна привилегија и страшен мотив за пазарење, за да се задржи позицијата, па таа сега почнува да размислува за уште еден мандат, што ќе значи продолжување на бајката. Знаете, во другото обвинителство немате тонери, немате секретарка, немате хартија, немате истражител да пратите… Тука имате возачи, ве зема од дома, ве носи, ве враќа, платата објективно е петкратно поголема од другите обвинителства, а кој впрочем одлучува за продолжување на нивната позиција? Одлучуваат партиите од кои практично голем дел би требало да бидат опфатени со нивните постапки и сега тука доаѓа пазарењето. „Тргнете ги бомбите, ние ќе ви го продолжиме мандатот“, или дури и нејзиното барање, што е апсурдно во нивниот предлог, уште еден мандат да ѝ се гарантира дека ќе биде на таа позиција и подоцна дека ќе стане член на републичкото јавно обвинителство.

Тоа е скандал, на никого во закон не може да му се гарантира дека подоцна ќе оди на повисока позиција, затоа што по правило, тоа е врвот на една обвинителска кариера, треба навистина многу да се докажете за да стигнете до републичкото јавно обвинителство.

Меѓутоа, како што е сè девалвирано кај нас, така и ова, па сега таа си вика дека треба да ѝ се гарантира таква позиција, да се исполнат тие желби, поради тоа што сигурно сега нејзе мислам дека ќе ѝ се сруши светот ако треба да се врати во Гевгелија и таму да биде обвинител. Тој свет веќе за неа не постои.

Многу работи во целото општество се сведоа на зборот „пазар“. Дека буквално сè е можно со некоја логика „на-ти-го-дај-ми-го“.

– Апсолутно, апсолутно, апсолутно. Во секоја сфера. И за жал тоа станува правило и тој што е исклучок, тој е црна овца, жигосан од средината.

Чаре?

– Е сега чаре… Ако ме прашувате за научна фантастика, чарето е протекторат.

Значи чаре е да признаеме. Дури и кога порано во Југославија ќе се вратевме од Словенија, кога ќе видевме колку таму е чисто, и кога ќе видите од Дунав навака, точно се познаваат границите на Австро-Унгарија и на Турција, кога ќе видите кај нас колку има ѓубре и смет, сè ви е јасно. Еве, отидете кај МВР, денеска некој постави слика на социјалните мрежи, кај издавањето лични карти кај Телевизија, тоа е една Дрисла таму.

И сега, кога ќе се вратевме од Словенија, секогаш викавме – ние најдобро да ги пуштиме Словенците да нè управуваат, да им дадеме високи плати, и да нè донесат барем на 50 отсто од нивото што го имаат таму.

Јас сум убеден дека нас може само протекторат да нè оправи поради тоа што прво, ние сме луѓе што не се спремни на луѓе од својата околина да им признаат ништо. Тој синдром „а бе го знам од мал, ја знам мајка му, беше чистачка, го знам татко му, беше работник“, или сестра му, или како што викаше еден мој пријател, „Ти го фаќаш у кражба, а он ти вика А сестра ти што се ебе со црнци?“

Значи, ние не сме подготвени. Ние сме можеле да функционираме, целиот Балкан добро функционирал кога бил под туѓа капа, кога бил под цврста рака од надвор. Австро-Унгарија или Турција, или Тито, кој да речеме ги затвори Шешељ и Изетбеговиќ, Туѓман, можеби недемократски, можеби за вербални деликти, меѓутоа се покажа дека тој вербален деликт по сегашни стандарди бил практично говор на омраза, кој доведе и до страшни жртви. Едно чудо луѓе да загинат или да се иселат. Отидете во Виена во Цирих, секаде, таму во сите кафани келнерите се од бивша Југославија.

МКД

Македонија

Заболени
27,199
Мртви
934
Излечени
18,948
Активни
7,317
Last updated: 27/10/2020 - 06:56 (+01:00)
loading...

Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.