Колумни

Токму ли сме, Апостоле Симовски? А вие таму, токму ли сте?

Не се секирај, Апостоле директоре! Не шпекулирај, не прогнозирај. Колку сме, толку сме. Ти нема да нè преброиш , ама гледај да ги стокмиш бројките со оние кои традиционално преговараат за нив и на кои секогаш им се чини дека се нетокму. Оти, ако не ги стокмиш бројките, тие ќе те прашаат – директоре, ти да не си малку нетокму?!

За мене, темата „попис“ е забавна само по изјавите на уметничкиот директор на Заводот за статистика Апостол Симовски. Друго политичко значење темата нема. Освен ако некој не се обиде да наметне…

И знам дека сме „малцичка“, како што пее Гане Тодоровски во „Нашинска“, дека „по стопати по севезден нè пребројуваат“, ама се согласувам со големиот поет – колку сме, толку сме, токму сме.

Она што е важно, како што пее Гане, е „да ни е да сме доста колку да се разбистри небото над Бистрине, Корабине“ и „да ни е да сме доволно колку за да се довардиме покрај Вардарине и Струмине“ и секако, „да ни е да сме мерата колку да се прелееме од колено во колено до кај истрајвекот“.

А доволно сме си и токму сме си.

Има луѓе кои се плашат дека тоа не е така. Има и такви кои не сакаат да биде така. Затоа и се обидуваат да нè пребројат, меѓу другото и по етничка основа. Тие на пописот му наметнуваат едно такво, опасно политичко значење.

Затоа и правилата на игра со години се штелуваа со предумисла за тоа кој ќе „добие“, а кој ќе „изгуби“ на пописот. Ние или Албанците. Затоа и немавме попис. Затоа и еден попис што почна беше запрен.

Сега, во вакви околности, при попишани само 600.000 граѓани, да се даваат прогнози за крајниот резултат, според мене, е сериозна компромитација на оваа статистичка операција. Опасна дури. Неетичка. За пописната администрација можеби дури и законски забранета, не знам, треба да се провери.

И затоа се чудам кој тоа му дозволува на уметничкот директор на Заводот за статистика јавно да споделува прогнози за тоа што ќе покаже пописот – имено, колку нè има. Погледнете што вели логореичниот директор Симовски:

„Не би сакал да шпекулирам и очекувам дека ќе биде помал податокот од оној кој го имавме во 2002 година. Да почекаме, имаме уште малку време да го завршиме пописот и да завршиме со обработката на податоци и да излеземе со официјални резултати. Има некои индиции дека може да биде 1,8 или 1,9 милиони, но да не избрзуваме со прогнози“.

Многу е смешен овој Апостол Симовски.

Не би сакал да шпекулирам, ама шпекулирам.

Да не избрзуваме со прогнози, ама јас ќе избрзам.

А види микрофон Апостол, веднаш зинува уста.

Можам да полемизирам со прогнозите на Симовски. Можам да го упатам на базите на податоци во земјава (на пример, на базата на Фондот за здравство), за да му докажам дека не треба да си многу умен за да „прогнозираш“ колку граѓани живеат во Македонија. Ама, ако кон тоа се додадат и луѓето кои ја напуштија земјава во овие две децении, а кои исто така треба да се попишат, ако мене ми е дозволено да шпекулирам, сигурно нè има повеќе одошто утврди пописот во 2002 година (тогаш бројката беше 2.022.547).

Нè има повеќе, само што Статистика не умее да нè попише. И мислам дека тоа го прави другарот Апостол нервозен. И затоа се впушта во вакви шпекулации и прогнози, кои значат сериозна компромитација на пописната операција.

Не се секирај, Апостоле директоре! Колку сме, толку сме. Ти нема да нè преброиш , ама гледај да ги стокмиш бројките со оние кои традиционално преговараат за нив и на кои секогаш им се чини дека се нетокму. Оти, ако не ги стокмиш бројките, тие ќе те прашаат – директоре, ти да не си малку нетокму?!

А ние ќе се разбистриме, ќе се довардиме и ќе се прелееме од колено на колено. Колку за тоа и за толку, токму сме.

Не се секирај и за Македонија, Апостоле. Што би рекол Гане во „Фуснота без повод“, лека полека и неа ќе ја домакедончиме.



Македонија

Заболени
189,887
Мртви
6,594
Излечени
170,956
Активни
12,337
Last updated: 27/09/2021 - 08:00 (+02:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.