Македонија

Тешки обвинувања на затворските полицајци: ни ги крадат дипломите, немаме оружје и униформи

Тешки обвинувања на затворските полицајци: ни ги крадат дипломите, немаме оружје и униформи

Вработените во Затворската полиција се жалат на катастрофалните услови за работа во македонските казнено-поправни домови. Велат дека им недостига буквално сè: униформи, оружје, лисици, столчиња и маси. Немаат менза, насекаде „се шетаат“ бубачки, возилата за превоз на затворениците се речиси неупотребливи, а гумите се менуваат дури кога целосно ќе се искинат.

– Да биде работата пострашна, ни ги украдоа и дипломите за завршено високо образование и нè водат како да сме со средно. Верувајте, условите за вработените се полоши и од оние на самите затвореници – изјави еден од револтираните затворски полицајци по денешната прес-конференција на која Независниот синдикат на полицијата бараше изедначување на правата на Затворската полиција со другите припаднци на МВР.

Синдикалните претставници Антонио Стојчевски и Горан Ристевски велат дека јавноста сè досега била оневозможена да добие вистинска слика за она што се случува во затворите, но дека веќе немаат намера да молчат. Истакнуваат дека се работи од 12 до 15 часа на ден, храна мораат да си носат од дома, а затворските полицајци не можат да одат на годишен одмор бидејќи во таков случај нема кој да ги замени. Очекуваат новата влада веднаш да се заложи за решавање на бројните проблеми и недостатоци бидејќи состојбата е „едноставно катастрофална“.

Од друга страна, затворските власти ги негираат обвинувањата на синдикалците. Директорот на КПД „Идризово“, Живко Пејовски, за Макфакс изјави дека „ситуација не е баш таква каква што ја прикажуваат дел од вработените“.

– Можам да зборувам за условите само кај нас. Имаме набавка на нови униформи во Идризово, веќе се одобрени средства за 22 возила, но се чека да се реализира одлуката на Влада. Лага е дека вработените немаат оружје, напротив има и оружје и средства за работа – изјави директорот на КПД Идризово.

Што се однесува, пак, до хигиенските услови на кои Затворската полиција сообено се жали, тој одговори дека тука не може ништо да стори бидејќи според законот тие самите се одговорни за хигиената во нивните простории.

 

Драган Милосављевиќ

MAKFAX



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.