ЖивотТОП

„Симнав 60 килограми и го сочував здравјето“ – Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка ги победи килограмите

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски по долгогодишна борба со килограмите, засекогаш го реши проблемот со хируршка интервенција на желудникот во Турција. Сашко пред 2.5 години во Истанбул направи кратење на желудникот и денес често го слуша епитетот „манекен“, бидејќи ги нема веќе проблематичните 162 килограми, туку со задоволство раскажува дека има 80 и дека ужива.

Митовски за ММС  раскажа низ што се поминувал додека да се решил на интервенцијата, и каков живот живее сега, кога веќе вишокот килограми за него се минато. На Сашко му претстои уште една хируршка интервенција, да го реши проблемот со кожата, но, вели тој, наскоро и тоа ќе го среди.

Неговата приказна ја живеат многумина, кои исто така сакаат да го решат проблемот со килограмите. Корекцијата на желудникот во Истанбул веќе не е ниту новина ниту чудо, бидејќи сите кои се подложиле на ваквата интервенција, сега велат дека живеат среќно.

Но, патот до таму воопшто не е лесен, бидејќи треба од корен да се сменат некои животни навики, кои воопшто не се лесни за менување.

-Јас  подолг временски период имав проблем со килограмите. Долго време ми се случуваше да ослабам пет, а да зголемам 10 килограми. Постојано го имав тој проблем.  Практикував разно разни диети и начини на исхрана, што беа многу скапи. Потрошив еден куп пари, бидејќи бев серизоно решен да направам нешто, со што ќе си го решам проблемот.  Но, не успеав. Занимавајќи се со тие диети не забележав дека килограмите само се зголемуваат, затоа кога решив сериозно да се занимавам со мојот проблем имав веќе 162 килограми. Иако со некои од тие скапи диети, што ги практикував, некако успеав да ослабам околу 20 килограми, стасав до 143 килограми. Но, секако тоа не беше доволно. Еден пријател ми рече дека најдобро решение за мене е да одам во Истанбул на опрација на желудникот, дека многумина кои се оперирале имаат добри резултати.  Мене ми требаа само 2-3 дена за одлука. Решив, заминав и се оперирав. Одев на варијанта кратење на желудникот, не на подврзување или прстен. Сега после скоро три години можам да кажам дека донесов добра одлука и навистина супер се чувствувам.  Имам 80 килограми, ги одржувам овие килограми и си внимавам на исхраната, вели Митовски.

Тој, како и многумина кои поминаа низ овој процес на слабеење, на почетокот јадел само кашички, додека да се привикне организмот. Скоро 15 дена на Сашко единствена храна му биле кашичките, а потоа полека се привикнал на нормална храна.

-Сега јадам протеинска храна 60 до 70 грама дневно. Сега нормално се хранам и си  функционирам како што треба, рече тој и додаде дека воопшто немал страв од операцијата.

„Не, немав страв, бидејќи бев цврсто решен. Сопругата многу повеќе се плашеше. Таа ме разубедуваше, беше скептична. Но, ете помина и тоа, рече тој.

По толку енормно слабеење, сите се соочуваат со нов проблем, а тоа е кожата. Сашо вели дека и него го чека уште една хируршка интервенција.

-Да, имам проблеми со кожата.  Ама и тоа  ќе го средам, само не дошол момент на одлука. Свесен сум дека ме чека уште една операција, вели тој за ММС.

Луѓето кои ќе дојдат до посакуваната тежина, независно дали тоа го направиле со диети или оперативно, се трудат да ги задржат тие килограми, а притоа воопшто не жалат за оној период кога јаделе што ќе посакале и кога ќе сакале, без да внимаваат.

-Сега ми е многу, многу подобро. Па, јас претходно имав еден куп проблеми, не само здравствени. Имав проблем и со облекувањето. Сите мои другари кога требаше да се оди на прослави или на некои семејни средби ќе се дотераат, а јас се доведов до степен да немам што да облечам. Можам да кажам дека дебелината е болест, не е состојба. Еве сега веќе немам никаков проблем. Јас на сите кои што се соочуваат со овој проблем има го споделувам моето искуство, им давам совети, им помагам затоа што знам низ што поминуваат. Да се решат, да ја направат операцијата, бидејќи колку порано толку е подобро. Не дека штедев на парите за оепрацијата. Па, јас парите што ги дадов за операција и со која трајно го решив проблемот, ги имав веќе дадено. Можеби и повеќе пари потрошив на разни скапи диети, од кои и немав некој резултат. Разликата е што парите за операција на кратење на желудникот ги дадов одеднаш, а за диетите постепено, вели Сашко.

Според неговото искуство, тој советува дека за да се направи ваквата операција е подобро кога си помлад, отколку повозрасен.

-За да се одлучи човек на ваков потег мислам дека многу се важни годините. Според мене јас ги погодив тие години. Имам 35 години и мене оваа операција ме подмлади. Познавам луѓе кои  го направија истиот чекор, а поради наглото симнување на килограмите се како остарени. Јас сум апсолутно задоволен од се што направив. Мене ова ми го кажаа лекарите уште  кога бев на операција. Ми рекоа дека оваа операција на некои делува супер на некои не, односно некои луѓе ги подмладува, изгледаат поубаво, а некои постаро. Зависи кој  како ќе ги погоди годините. Јас сметам деа точно на време ги погодив годините за операција, вели тој и додава:

-За да се доведам до тој степен мислам дека кај мене најмногу влијаеше стресот и нередовниот начин на живот и исхрана. Не ми се знаеше кога ми е појадок, кога ручек, кога вечера. Односно, многу доцна ми се случуваше да појадувам, а со тоа и многу доцна да вечерам. А сега си имам свој начин иако искрено да кажам дека сега речиси и да не јадам. Сега јадам повеќе  пати во денот ама помалку храна. А порано целата таа храна што сега ја јадам на пет оброци во денот, јас порано ја јадев само за ручек.  По операција исфрлив еден куп работи, како што е мрсната, тешката храна. Сега сум повеќе на протеинска исхрана, телешко, пилешко, салати..  Денот задолжително ми започнува со овошје и понатаму во текот на денот јадам се ама во многу, многу мали количини. Јас веќе се навикнав така да се хранам и немам никаков проблем, дури ми е вака и супер, вели задоволно Сашко.

Весна Миленковска

Фото: Фејсбук



Македонија

Заболени
252,947
+2,071
Мртви
8,177
+11
Излечени
225,056
Активни
19,714
Last updated: 22/01/2022 - 00:30 (+01:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.