Колумни

Што се пет милијарди години за вселената?!

Дали филмската индустрија е побрза од науката? Или, дали науката нè подготвува за иднината преку филмската индустрија?! Како примери за дилема, ги пронајдов следниве податоци.

Сања ЛУКАРЕВСКА

За 5 милијарди години, Сонцето ќе ја проголта планетата Земја. Третиот камен од Сонцето ќе се врати од каде што дошол – во јадрото. Таков е законот на вселената, а за „среќа“ човекот ќе исчезне извесно време пред таа неминовна „пеколна средба“. Се разбира, ако дотогаш самиот не се истреби.

Во 1990 година, кога во орбитата конечно е поставен вселенскиот телескоп Хабл, поради неправилно избрусеното огледало НАСА, научниците и астрономите биле исмеани од политичарите. Во Хабл се инвестирало две децении, а резултатот бил матни слики од ништо.

Потсмевот завршил кога тие што работеле на Хабл на земјата, го сервисирале овој моќен телескоп лебдејќи во вселената. По оваа поправка, телескопот ги оправдал потрошените милиони. Испратил јасни фотографии од нашето сурово опкружување во космосот. Ете колку значи добро огледало.

ИСТРАЖУВАЊЕ НА ВСЕЛЕНАТА

Еден од астрономите што учествувал во таа поправка и прв ги видел јасните слики од она што се случува на Сонцето, ќе изјави дека им завидува на луѓето што прават романтично селфи на изгрејсонце или зајдисонце. Во Сонцето нема ништо романтично, ќе рече. Ете, а ние се расправаме кое сонце е наше.

Дали филмската индустрија е побрза од науката? Или, дали науката нè подготвува за иднината преку филмската индустрија?! Како примери за дилема, ги пронајдов следниве податоци.

Германскиот нем филм „Жена на Месечината“ уште во 1929 година, со неверојатна точност ќе предвиди како и кога човекот ќе ја истражува вселената. Во таа година, на Македонија (со декрет Вардарска бановина) ѝ биле укинати училиштата и бил намален бројот на гимназиите. Народот морал да биде здрав и нем.

Филмот „Забранета планета“, снимен во 1956 година, ги најавува мобилните телефони. Истата „најава“ набргу ќе ја видиме и во едно од продолженијата за британскиот агент 007. Таа година, во Бугарија имало попис. Во Сандански, Петрич и во Благоевград, Македонците биле мнозинство. Така стои во достапните документи.

Главните ликови во серијата „Ѕвездени патеки“ меѓу себе безжично комуницираат и имаат апарат за преведување. Тоа се денешните блутут слушалки и автоматскиот превод на сите јазици што денес го поседуваат паметните телефони преку соодветни апликации. Серијата почнала да се снима во 1966 година. Таа година, Струмица и Валандово ги добиваат првите противпожарни возила.

„2001 Вселенска одисеја“, снимен 1968 година и прогласен за ремек-дело, ја најавил нашата конекција со преносливите компјутери и патувањето во вселената како туристичка дестинација. Билетите за овие „туристички прошетки“ веќе се продаваат. И додека Одисеја лебди во вселената, на планетата Земја, таа 1968 година, имало масовни студентски протести за правда и права. Не молчеле ниту македонските студенти.

Филмот „Блејд ранер“ предвидува дека во 2019 година, автомобилите ќе летаат, вселената ќе биде колонизирана, но и делот што се оствари – луѓето ќе комуницираат преку Скајп. И така се случи. Инаку, во 1982 година, снимен е македонскиот филм „Време на летала“.

„Воените игри“ во 1983 година го „обелоденија“ постоењето на суперкомпјутер што може да биде „разбуден“ од млад и љубопитен компјутерџија, кој денес е страв и трепет и се нарекува хакер. Истата година, во филмот „Видеодром“, Јутјуб ќе биде најавен како ТВ-канал. Во 1983 година, популарното „југо“ добило посилен мотор, тапацир на вратите и светло за рикверц.

ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Во 1984 година, „Терминатор“ ќе нè соочи со иднината на вештачката интелигенција и на андроидите. Светот ја „преживеа“ и Орвеловата 1984.

Тенките екрани на телевизорите ги најави „Враќање во иднината“ во 1989 година. И по неполни две децении, почна сериското производство на тенките екрани. А во 1989 година, Македонија доби нов телефонски именик.

„Тотален отповик“ снимен во 1990 година за „животот“ на Марс во 2084 година. Не е тајна, напротив. Илон Маск гласно зборува за „преселба“ на Црвената планета. Во 1990 година се основаше ВМРО-ДПМНЕ.

„Хакер“ во 1995 година ја „најави“ употребата на очила за виртуелна реалност. Истата година, филмот „Мрежа“ ни порача дека сè ќе можеме да нарачаме и плаќаме преку компјутер, дури и пица, но и нè предупреди дека нашите лични податоци се лесно достапни за манипулација. Таа година, некоја друга Мрежа, изврши атентат врз претседателот Глигоров.

Дека интегрирањето на телевизијата, паметниот телефон и компјутерот е возможно, ќе видиме во „Човекот од кабелската“ во 1996 година. Во истиот филм, луѓето преку ТВ-канал го „шетаат“ Лувр и од дома си купуваат што им се допаѓа. Тоа е во 1996 година, а наша реалност 20 и кусур години подоцна. Инаку, во 1996 година, ние го добивме првиот мобилен оператор Мобимак.

Во 1998 година, „Шоуто на Труман“ го најави постоењето на Големиот брат, а „Вечниот сјај на беспрекорниот ум“ од 2004 година ни докажа дека нашата меморија може да биде намерно избришана. Во реалноста, пред кратко време, тоа им успеа на холандски научници. И ние сме успешни во тоа, без длабок третман.

Да не ги заборавам и бројните филмови за „бродовите за преселба“, кои, исто така, стануваат реалност. Не е тајна дека научниците одамна трагаат по нов Дом. Во САД веќе почна објавувањето „добитни места“ преку лотарија за пат на Марс. И роковите ќе поминат и луѓето ќе се преселат, а ние тука уште ќе се расправаме прашувајќи се – ти од Марс да не си паднат?!

Да се вратам на Сонцето. Што се 5 милијарди години за Вселената?! Ништо. За час ќе поминат.

(Авторката е заменик-претседател на СДСМ)



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.