МакедонијаТОП

Шилегов ја презеде градоначалничката функција, Трајановски му посака успех,Жерновски со торта му посака добредојде на Богдановиќ

Петре Шилегов, новиот градоначалник на Град Скопје, денеска ја презеде градоначалничката функција од Коце Трајановски кој раководеше со главниот град во изминатите осум години.

– По долги години успеавме Скопје да го вратиме на граѓаните. Скопје повторно ќе биде град на хуманоста и град на солидарноста. Македонија конечно доби главен град којшто ќе ги поврзува граѓаните и ќе работи за нив. Новата градска администрација што ќе ја предводам, ќе го продолжи принципот на одговорност, инклузивност и отчетност што го воспостави Владата предводена од СДСМ. Ќе работиме во интерес на сите граѓани без разлика на нивното место на живеење, нивната етничка или партиска припадност, истакна Шилегов, додавајќи дека сите одлуки ќе се носат заедно со граѓаните, граѓанските здруженија и стручната јавност.

Како приоритетно прашање на кое ќе работи Шилегов го посочи намалувањето на загадувањето за што најави интензивно зазеленување на градот, гасификација и изградба на секундарен сообраќаен северен прстен којшто ќе овозможи развој на современите видови јавен превоз.

Тој најави и дека изградбата на Панорамското тркало засега е стопирана, а за останатите проекти започнати од неговиот претходник најави дека ќе се направи соодветна проценка за нивно стопирање или продолжување со цел да не му се наштетни ниту на Градот, ниту на граѓаните.

Досегашниот градоначалник Трајановски посочи дека во изминатите осум години се реализирани низа проекти, консолидирани и финансиски стабилни се јавните претприатија, а во касата на Градот остануваат 834 милиони денари. Му посака на новиот градоначалник успешна реализација на сите проекти од изборната програма и искористување на постоечките капацитети на државните службеници кои работат во Град Скопје.

Досегашниот и новиот градоначалник на општина Центар си разменија подароци на чинот примопредавање на градоначалничката функција. Андреј Жерновски му посака добредојде на Саша Богдановиќ со торта во раце на која е илустриран грбот на Општината. Богдановиќ, пак, му поклони дрес од клубот „Работнички“ на неговиот претходник.

– Му се заблагодарувам на мојот пријател, Андреј Жерновски. Ќе разменуваме искуства за да ги продолжиме сите отпочнати процеси во општина Центар. По долго време, имавме фер и демократски избори. Се сеќаваме како се одвиваа изборите во 2013-та, но и тогаш граѓаните успеаа да се изборат за вистинската опција. Вољата на граѓаните никој не може да ја оспори, изјави новиот градоначалник на Центар.

Тој најави дека меѓу првите работи со кои ќе се зафати во Општината ќе биде ревизија на проектот „Скопје 2014“.

Жерновски рече дека пред четири години, кога ја преземал функцијата никој не ги пречекал, но од утредента веќе редовно доаѓале инспекции.

– Машината е запалена, сега треба да се продолжи она што се работеше. Петнаесеттина проекти се веќе почнати и документацијата е завршена за нив. Центарци на овие избори го добија она што го заслужуваат, Саша е избран во првиот круг. Тука сум за соработка и совети, изјави Жерновски.

Освен градоначалникот уверенија добија и новоизбраните советници, 16 од коалицијата предводена од СДСМ и седум од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

 



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.