Живот

Сестрите ми викаа „Не ти кажаа како е на пораѓај?! Убаво ти беше кога го правеше, сега што викаш, што плачеш?“

„Нè третираа како животни“ – Приказни од породилните сали

44

Отсекогаш сум имала огромен страв (да не кажам гадење) од раѓање, па и од самата идеја човек да расте внатре во мене 9 месеци, за на крај буквално да ми го снемили животот за да излезе. Растена сум со релативно позитивни приказни во овој поглед од страна на мајка ми (и со двете бремености била во можност да плива скоро до пораѓај, а и јас и сестра ми сме излегле за максимум пола саат, наводно без многу трауми). Сепак, овој факт не го спречува ежењето кога гледам пораѓање на филм или серија, или слушам лична приказна.

Меѓутоа, овие емоции драстично ми се имаат засилено откако почнав да откривам дека пораѓајот не вклучува само страшни породилни и постпородилни болки и секакви можности за компликации, туку многу често може да подразбира и ужасен третман, од навреди, исмевање, иживување до насилство, од страна на персоналот во болниците кон родилката, кое може да се смести под терминот акушерско насилство. Непотребно е да се додаде и фактот дека условите за родилките во болниците се генерално лоши во земји како нашата кои не можат да се пофалат со функционално здравство.

Според бразилските истражувачки Данубија Барбоса Јардим и Селина Модена, акушерското насилство „се открива во форма на несовесни, неодговорни, дискриминаторски и непочитувачки постапки од страна на здравствените работници, а се легитимирани преку симболичните односи на моќ што го натурализираат и тривијализираат нивното настанување“. Иако знаев дека акушерско насилство се случува, верував (или подобро кажано се надевав) дека се работи за ретки исклучоци, не за правило. Бев грешка. Според истражувањата на Светска здравствена организација, соочување со физичкото и вербалното насилство е глобален феномен (според нивното последно истражување дури една третина од жените испитанички биле жртви на ваков вид на насилство). Иако секоја жена може да биде жртва, жените кои не се мажени, кои се млади или необразовани се соочуваат со највисок ризик.

Акушерското насилство и генерално трауматичните искуства поврзани со пораѓај се широко распространети, а истовремено претставуваат едно од низата премолчани видови на насилство против жените. Па така, не би било претерано да се каже дека воспевањето на „отстварувањето“ на жената во улога на мајка е толку доминантен дискурс, што целата голгота низ која поминува една жена за успешно да се породи (патем зборуваме за 21 век со модерна и развиена медицинска технологија), останува невидлива. Впрочем, наративите во јавноста, дали зборуваме за популарна култура или приказни раскажани од уста на уста, го претставуваат овој чин како најпрекрасното искуство во животот на една жена, налик чудо, а нормално, штом го добиеш бебето во раце магично забораваш како дошло на овој свет. Уживај дека се заборава – ова беше одговорот на една моја другарка која неодамна се породи. Овие наративи се штетни, не само затоа што се невистинити и нереални, но и бидејќи тотално го маргинализираат искуството на жената кое често излегува од таа тесна рамка, во чекор со долгата традиција на игнорирање и нетретирање на женската болка во медицината.

Па така, често при пораѓај жените се среќаваат со коментари од типот многу се дереш, доста викаш, како ќе раѓаш ако вака се лигавиш, ај не боли до толку, ајде ма, од сабајле си тука, до сега три пати ќе се породеше¹, итн… Како и во другите сегменти од нашето живеење, очигледно и породилната болка и специфични потреби при пораѓај не се земаат предвид како сериозни, а генералното очекување од жената е да биде тивка и покорна – дури и кога ѝ излегува бебе од 4 кила од вагината, или пак се опоравува од царски рез, а потоа да заборави на овој дел од исуството, да дои, менува пелени и се грижи за бебето, како да е родена со тие вештини.

Наспроти овие наративи, од време на време во јавноста се појавуваат реалните искуства на жените кои раѓаат во нехумани услови, трпат навреди и потсмев, им се вршат процедури без анастезија, а некогаш се тепани и дехуманизирани.

Пред неколку години во Хрватска се појави кампањата #PrekinimoSutnju, која имаше за цел да го обелодени акушерското насилство во Хрватска и собра над 400 сведоштва за само три дена. Истражувајќи на темата и разговарајќи со мајки за нивните лични искуства, сфатив дека ако сестрата те навредува при пораѓај или ти го каже фамозното а кога го правеше не те болеше, така?!, тогаш си поминала добро. Секако постојат и искуства кои не вклучуваат траума (било дали е психичка или физичка), но обично се поврзани со местото на пораѓај или твојот личен/семеен статус. Ако имаш близок вработен во болницата, или пак си платиш приватно ќе бидеш третирана човечки. Па можеби знаејќи го ова, кога видов билборди за кредити за пораѓај во Систина и не бев до толку изненадена. Кој има да плати 2000 евра за ебан пораѓај? Многу малку луѓе, веројатно и затоа постојат овие криминални кредити.

Фактот дека Ромките и Албанките се третирани ужасно при пораѓај, под изговорот дека раѓаат многу деца, па заслужуваат лош третман, е исто така јавна тајна, која тешко може да се поткрепи со бројки и статистика, но може да се поткрепи со вести од црна хроника. Во 2015 година на една Ромка не ѝ било дадено мртвото бебе за да го погреба, туку било фрлено како медицински отпад. Овој случај го издвоив како симболичен во однос на нехуманиот третман, додека само оваа година имаше два смртни случаи на родилки Ромки. Проблемот со смртноста на родилките и новороденчињата е сериозен проблем, со оглед на тоа што во 2018 бевме на 2ро место во Европа по смртност на новороденчиња, а во главно се поврзува со лошите услови во болниците, „но истовремено и со нарушените меѓучовечки односи кои водат до црни сценарија.

Овој проблем не е директно тема на овој текст, но фактот што како држава се соочуваме со висока смртност и на родилки и на новороденчиња, не може да не биде спомнато кога зборуваме за начинот на кој се третираат родилките и нивната болка, но и за условите во кои „се носат децата“ на овој свет. Па човек не може да не се запраша, каква порака им се праќа на жените, ако од државни пари се спонзорираат реклами за раѓање деца, а не се одделуваат доволно средства за подобрување на условите во болниците каде тие деца треба некој да ги роди.
Тешко е да се најдат многу информации на оваа тема. За различни искуства на родилките може да се прочита случајно на социјалните мрежи кога некоја жена ќе ја сподели својата приказна, па во коментари ќе се надоврзат и други. Слична е и ситуацијата со различни женски форуми, каде жените комуницираат едни со други, споделуваат совети и искуства, но речиси секогаш во една таква ограничена и контролирана средина каде проблемите со кои се соочуваат жените во здравството се сведуваат на „женски проблем“, наместо сериозна точка во која општеството потфрла и треба да се третира јавно. Со цел да собереме повеќе искуства од овој домен го направивме прашалникот „Во какви услови се пораѓаме“, каде жените анонимно можат да споделат какви биле условите при нивниот пораѓај и каков бил односот на медицинскиот персонал.

Не беше лесно да се читаат 120 одговорени прашлници, повеќето од нив детално пополнети и да се изберат 10тина искуства кои ќе бидат претставени во видео формат. Добивме одговори од жени од цела Македонија, но доминантно од Скопје, најмладата од нив на возраст од 20 години, а најстарата 60, со искуства на пораѓај од 1990 до 2020. Најголемиот дел од прашалници се однесуваат на искуства поврзани со ГАК и Гинекологија Чаир, како и други државни и градски болници низ Македонија, и помалку, односно 30% од приватни болници, доминантно Систина.

Искуствата се разнолики, како за различни жени, така и за различните бремености и породувања на истата жена. Она што може лесно да се потврди од податоците е дека условите и односот е неспоредлив кога се споредуваат приватните и државните/градските болници. Па така, ако „типичното“ искуство на една родилка во Систина е опишано како одлично, супер, прекрасно, ситуацијата за другите е драстично различна и варира од супер, нормално и задоволително до катастрофа, ужасно, хорор, поразително, страшно, како за условите, така и за односот. Кога би требало да се претстави ова во бројки, само 40% од родилките искуството го опишале со зборови кои се позитивни или неутрални како одлично, супер, ок, прифатливо и слично. Да бидам уште попрецизна, тоа значи дека 72 од 120 жени имале лошо искуство при пораѓај. Со сиот ризик да кажам нешто што е многу очигледно, тоа се многу жени.

 

 

Во видеото доминантно се претставени баш тие искуства, како класично отфрлени од јавниот дискурс, но секако претставивме и дел од позитивните искуства. Самите трауми можат да се поделат во неколку категории. Една од тие категории е поврзана со односот, а често се работи за навреди и лош третман кон родилките, а во прашалникот тие нешта се често споделени пропратно, како помалку важни.

Сестрите ми викаа„Не ти кажаа како е на пораѓај?! Убаво ти беше кога го правеше, сега што викаш, што плачеш?“

Со првото дете ме држеа во иста облека три дена, која целосно беше извалкана и не дозволуваа да си донесам своја.

Молев за вода. Контракциите веќе стануваа неподносливи. А јас бев толку слаба и толку неспремна. Плачев и врескав—за капка вода.

Се сеќавам дека откако ме однесоа во соба за да ја поминам првата ноќ (бебето таа ноќ не беше со мене) една медицинска сестра не сакаше да ми ја доближи торбата за да земам марамици, иако ја замолив убаво, велејќи ми „па еве ти ја тука е“, а мене ми беше страв да се помрднам оти имав големи болки по сечењето. На крајот некако сама си ја земав.

Докторот беше доста груб, без лубрикант ја стави раката да провери, а сестрата што беше со него ми викаше: Ајде, не си ни прва ни последна, како ќе раѓаш, издржи.

Зависи во каква смена ќе се погодиш! Првиот пораѓај (демек со врски) катастрофален…од бабици или сестри во родилна сала кои ти се дерат буквално зошто си го правела бебето ако не можеш да ги трпиш болките.
Односот кон нас беше како да сме животни.

 

 

 

 

Според одговорите, чест проблем е давањето вештачки провокации пред време, со цел побрзо да се заврши пораѓајот.

Сестрата ми рече ќути ќе ти го пукнам водењакот и ќе му кажеш на докторот дека спонтано ти пукнал (пошо тоа го забрзува процесот а докторот не дозволува, фала за сестрата-претходно и јави мојата “врска” да ми помогне, иначе уште ќе седев а беба ќе се родеше со уште една глава).

Дојде докторката ми ја пикна раката и вика ти си готова за пораѓај. Ми го допукна водењакот и ме прати на бокс. Ја зачудена си викам ај знае докторката, а таа да нè истера во серија сите што бевме, за да може да спие после.

Дополнителни проблеми кои се појавија често во одговорите се болката при шиењето (започнато шиење пред да почне да делува анестезијата), како и генерално лошо изведено шиење, кое на повеќето од жените им има направено долгорочни проблеми.

Шиењето не го правеше докторот, туку специјализантка, за тоа дефинитивно не бев подготвена, болеше повеќе отколку самото пораѓање… на живо.

Во меѓувреме, седев сама во салата, со болки од раната, односно засеците, кои почна да ги шие една а ги заврши друга лекарка. Четириесет и седум конци. Два пати паднав во несвест. Ме ладеа со валкан сунѓер. Од лошото шиење и денес имам проблеми.

При шиењето ми заборавиле газа која можеше да доведе до сепса, но брзата реакција од моја страна и консултација со мојот матичен гинеколог, се заврши брзо во истиот ден. Ова се случи откако бев отпуштена од болницата.

 

 

 

Секако, не ги игнорирам ниту останатите приказни кои на некој начин даваат надеж дека може и треба да биде поинаку. Позитивните искуства при пораѓај и задоволството со кое жените ги раскажуваат треба навистина да се потенцира како редовна пракса, а не повремена „среќна приказна“. Секако и во овие приказни е присутна болката, физичката траума и можните компликации. Меѓутоа, тоа што можам да го забележам е дека односот на персоналот навистина ја прави целата разлика. Па така, кога се соочуваш со екстремна болка, неизвесност, страв и сомнежи во себе, а вооедно си сосем сама и во тотално ранлива позиција, зборови на поддршка и човечен однос од страна на персоналот може целосно да го промени искуството. Смешно ми е ова да го нагласувам, но тоа треба да биде минумум стандард, а не игра на среќа.

При пораѓајот најмногу ми помогна една повозрасна жена што мислев дека е бабица, на крај испадна дека е чистачка. Жената ми даде сила, спокој и техника за како побрзо да се породам. Да се појавеше порано се ќе завршеше побрзо.

Вториот пат ми беше нереално – во таа сала каде што се пораѓав осетив неверојатна поддршка, храбрење, женска поддршка каква што ѝ посакувам на секоја жена дури се пораѓа. И сега ми доаѓаат солзи од тоа искуство. Ама повторно имав познат човек, кој се грижеше за мене и знаев дека сум во добри раце.

Финално, тука е и постпородилниот период. На многу од жените никој не им кажува точно што се случува со нивните бебиња откако ќе им ги земат, не им се објаснува како се дои, ниту што генерално се прави со самошто родено бебе. Комуникацијата во овој аспект е сведена на минимум, судејќи од многу од раскажаните искуства. Зборуваме за период кога многу од мајките сè уште се соочуваат со физичка болка, нестабилна емотивна состојба и генерална збунетост. Недоволната комуникaција може да вроди со фрустрација, стрес и дополнителни проблеми кај жените кои се соочуваат со постпородилна депресија. Во принцип, жените често не се подготвени за многу од аспектите поврзани со периодот по породувањето.

Во тој момент не размислував на ништо, само сакав побргу да заврши. Откако заврши не бев подготвена за процесот наречен ДОЕЊЕ.

Не бев подготвена за постпородилна депресија. Очекував дека ќе се породам и се ќе биде розево и ќе бидам пресреќна, но наместо тоа се чувствував празно, осамено, а најмногу исплашено, иако не знаев од што се плашам. Уште истата вечер откако се породив добив чувство на голем страв и не можев да престанам да плачам. Тоа траеше околку 2 месеци.

Имајќи предвид дека породилниот и постпородилниот период се тешки и комплицирани дури и во добри услови, едноставно е логично и правично здравствениот систем да направи сè што може за да им олесни на родилките и новите мајки: од услови во болниците и за медицинскиот персонал, до стимулирање на коректен однос и комуникација (можеби преку казнување на акушерското насилство), до функционални патронажни служби, за сите жени.

Наместо тоа, толку многу жени во Македонија се соочуваат со валкани породилни сали, навреди и викање, непотребни компликации, и во најекстремни случаи: смрт. Тука би додала повторно дека најголем дел од одговорите кои ние ги добивме се однесуваат за Скопје. Потребни се екстензивни и детални истражувања и увиди во однос на тоа што се случува во сите болници, како во Скопје, така и во другите градови.

Очигледно, проблемот со акушерско насилство е поврзан со лошите работни услови, долгите смени, недостатокот на персонал, и секако ниските плати. Па затоа, важно ми е да напоменам, иако овие сведоштва кои ги претставуваме говорат за екстремно лош однос од страна на персоналот, исто така говорат за ужасната состојба во полето на работничките права на медицинскиот персонал.

Меѓутоа, доколку копаме подлабоко, во суштина се работи за класична системска мизогинија, која е толку распространета, што во една од своите најгрди форми извира токму кога жената ја исполнува својата „најважна“ улога за едно традиционално, хетеропатријархално општество: раѓа. Дополнително, она што го говорат податоците, но и живеаните искуства, се работи и за проблем кој најсилно ги погодува жените кои се посиромашни и/или припаѓаат на етнички малцинства, па слично како моменталната ситуација со лечење од Ковид, испаѓа дека соодветен третман ќе добие оној кој има врски, или оној кој ќе плати, а во држава со јавно здравство, која се прокламира како сoцијална, тоа е едноставно не-при-фат-ли-во.

Ми се чини дека како што стојат работите во моментов, државата не сe ни приближува кон решавање на овој проблем, особено земајќи го предвид фактот дека траумите и насилството кои ги преживуваат жените не се адресираат јавно. На истите често се гледа како на индивидуален проблем, лоша среќа, исклучок, наместо на распространет проблем вкоренет во родовата нееднаквост кога зборуваме за медицината, но и дискриминацијата, системското насилство и лошите работни услови. Како и за секој друг проблем од слична природа, важно е да се крши мразот, сè додека не стане толку нормално да се зборува на темата, што стигмата нема да стои на патот на решавање. Во моментов, молкот е првата пречка која треба да се прескока, колку и да боли.

 

 

 

 

¹Сите цитати користени во текстот се извадоци од анонимните одговори на прашалникот „Во какви услови се пораѓаме“

НАПИШАНО ОД:

КАЛИА ДИМИТРОВА



Македонија

Заболени
66,330
Мртви
1,877
Излечени
42,241
Активни
22,212
Last updated: 05/12/2020 - 03:26 (+01:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.