Живот

Семејство од Неготино бара помош: Пандемијата не остави без леб!

Семејството Китанови, кое со две деца на возраст од три и пет години едвај преживува, бара помош од хуманите граѓани. Апелираат за донации во храна, облека, градежни материјали, а мајката се моли и за било какво вработување.

Благица Китанова е млада жена на возраст од 34 години. За ,,Фокус” раскажува дека пред панедмијата работела во фабрика во Кавадарци, но откако започнала пандемијата со корона вирус, таа била отпуштена од работното место. По потекло е од Неготино, а со сопругот и со децата сега живеат во многу лоши услови во трошна куќа во неготинско Пепелиште.

-Како започна пандемијата, така започна и нашата борба за гол живот. Останав без работа, а сопругот кој е на возраст од 48 години е во многу лоша здравствена состојба, живее со еден бубрег, со оштетен вид, едноставно, преживуваме од ден во ден. Ќерката има пет години, синот има три години, оставени сме да се снаоѓаме како знаеме и умееме.

Јас одам како аргатка кога некој ќе ме викне, но од тие пари не се живее. Сместени сме во трошна куќа, која ја купи мојот свекор пред смртта, јавноста може да види од фотографиите какви услови имаме овде.

Значи, потребно ни е да создадеме основни услови за живот на нашите деца, барем една средена соба, купатило… Свесна сум дека е криза, градежните материјали и работната рака не се евтини, а јас со моите аргатски дневници едвај можам да извадам пари за леб.

Ги молиме сите хумани граѓани кои се во можност, сите општествено одговорни компании, да ни помогнат, ако може да донираат храна, средства за хигиена, облека, градежни материјали… Јас барам работа, било каква работа која ќе ми овозможи дома да донесам плата – раскажува мајката.

Вели дека во време на предизборните кампањи, во Пепелиште доаѓале партиски функционери, и кога им ја кажувала својата мака, и ветувале помош по избори.

-Како завршија изборите, никој повеќе ниту дојде да не види, ниту да не праша како живееме, раскажува Китанова.

Појаснува дека доколку некој од нејзиниот роден град Неготино сака да донира, може да ја остави донацијата кај нејзината мајка Нада, која живее во центарот на градот, во куќа која се наоѓа зад судот.

-Може да се остави помош кај мајка ми, кај фамилија Комбови во Неготино, доколку некој сака да ни помогне, а не може да патува во Пепелиште. Во било кое време може да ме контактираат хуманите граѓани на телефонскиот број 075 283 614, или пак да донираат на сметката на мојот сопруг Тони Китанов, во NLB – 210 501727827002, со назнака донација.

Многу е лошо кога човек е доведен во ваква ситуација, да моли за донации, но имам деца и потребна ни е помош.
Верувам во хуманоста на народот, се надевам дека ќе ни биде подадена рака во овој тежок период, кога ни е потребна помош да застанеме на нозе.

Најсреќна би била доколку добијам вработување, затоа што претешко е да се зависи од туѓата милост, секој човек сака да биде во состојба сам да заработува и да се грижи за семејството.
Се надевам дека со помош на добрите луѓе ќе ја надминеме оваа криза, изјави Благица.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.