ЖивотМакедонија

Се претера со цените- граѓаните почнаа да купуваат храна на интернет директно од производителите!

Во потрага по поевтини производи граѓаните почнаа да купуваат директно од производителите. На социјалните мрежи се појавија многу страници на кои може да се купи млеко, сирење, кашкавал, урда, овошје, зеленчук, како и преработки директно од производителите по многу пониски цени од оние во маркетите. Цените варираат од понудувач до понудувач. Се нуди домашни сирење по цена од 300 до 400 денари за килограм, а купувачите велат дека цените се реални, со оглед на тоа дека станува збор за домашни производи.

-За сите од Струмичко. Со оглед на беспарицата од апашите кои го изедоа народот бачилот Алапулови ги спушта цените да би биле пристапни за секого…

Сирење 300 денари
Урда 120 денари
Гладни нема да останеме

Фејсбук статус на Зоран Алапулов во групата земјоделие мк

-Браво за ваквата идеја, сите што произведувате по нешто објавете овде да си купуваме чисто домашно произведено. Еве ние дома трошиме по две литра млеко, да има некој да се нафати да носи како порано, ќе му најдам многу повеќе муштерии, вели член на една од групите на социјалните мрежи на кои се нудат домашно произведени производи.

Поскапувањето на цените на млекото и млечните производи во маркетите, ги натера граѓаните да се свртат кон локалните производители. Цените на сирењето и кашкавалот скокнаа високо, па народот почна да бара поевтина варијанта.

-Порачав 6 литри козјо млеко по 50 денари од селска фарма, мириса на тазе млеко и многу сум задоволен од квалитетот. Жената направи јуфки и многу беа вкусни, презадоволен сум и ќе продолжам да порачувам од оваа фарма барем знам дека купувам млеко, а не хемија во тетрапак што не мириса на млеко и што не се расипува, вели еден купувач на интернет.

Цената на козјото млеко, кое се продава на интернет, се движи од 70 денари од литар, додека пак козјата сурутка е поевтина – 50 денари за литар. Цената на килограм ореви е 150 денари, додека пак килограм компири чинат 35 денари, а доматите од Скопските регион се продаваат за цена од 50 денари.

И некои од фармерите незадоволни од ниската откупна цена што ја нудат откупувачите почнаа да наоѓаат алтернативи и да го продаваат млекото и другите млечни производи сами преку социјалните мрежи, а организираат и испраќање до домовите на граѓаните.

Освен млеко и млечни производи на интернет се продаваат и пиперки за ајвар.

 – Пиперот го продаваме и на Фејсбук по 60 денари кило, многу е квалитетен, прва класа, непрскан, крупен… Лани имаше голема побарувачка и многу добро се продаваше. Годинава е многу слабо, не знам дали е поради поскапата струја, дрва, масло… Народот нема пари, но и за нас земјоделците трошоците многу ни се зголемени, за ѓубре, за потхранување, препарати за прскање…, освен тоа бара многу работа, а пласман нема, вели еден земјоделец од Македонска Каменица.

Дел од купувачите на социјалните мрежи, кои се од Скопје, велат дека вреди да се плати и достава, бидејќи поголем дел од производителите се од другите градови. Домашно си е домашно, а плус е и поевтино, додаваат тие.

И овоштарите почнаа да ги нудат своите производи на интернет. Еден овоштар од Ресен вели дека јаболката ги продава по 10 денари за килограм, но не вршат и достава, кој сака нека дојде во Ресен и нека си купи колку гајби сака.

Освен  готови производи по групите на интернет се нудат и купуваат и преработки: ајвари, џемови, слатка, домашни сокови, домашна туршија…



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.