Ред е и ние Македонците еднаш за нешто самите да се избориме!
Бранко Героски
Три фактори доведоа до осамостојување на Република Македонија пред четврт век – пропаста на комунизмот, распаѓањето на Југославија и демократизацијата на македонската комунистичка партија под водство на Петар Гошев. Ниту еден од тие процеси не зависеше од желбата и од волјата на македонскиот народ. Тоа е историски факт!
За разлика од Словенците и Хрватите, на пример, кои за независност сонуваа, ама и работеа, најмалку една деценија пред распаѓањето на Југославија, ние, Македонците, со исклучок на неколку репресирани политички маргиналци дома и во дијаспората, за осамостојување од федерацијата почнавме да зборуваме дури кога стана јасно дека Југославија конечно ќе пропадне и кога македонските комунисти овозможија и поттикнаа плурализам во политичкиот живот и кај нас. Тогаш се појавија партии и поединци како Љубчо Георгиевски, кои проговорија за независност. А проектот на осамостојување го спроведоа првата македонска експертска влада и политичката екипа на Бранко Црвенковски и на Киро Глигоров.
Тоа е вистината за нашето осамостојување. Не ви се допаѓа? Спротивна е на наративите за осамостојувањето како јуначка епопеја и како остварување на историските стремежи на македонскиот народ? Гајле ми е! Не ме интересираат лаги! Вистината е таа и мора да биде јасно кажана, најмалку од две причини.
Прво, најголем дел од денешната генерација млади македонски политичари, во годините на осамостојувањето на Македонија, воопшто не учествуваа во тие процеси – дел од нив биле премлади за да имаат било каква свесност за политиката воопшто, а дел, пак, не биле заинтересирани ни за Македонија ни за општеството во кое растеле. А денес ни прикажуваат бајки за својата „историска улога“ во растежот на независна Македонија.
Второ, сите ние во овие 25 години проживеавме се и сешто, главно маки и страданија. Но, ништо не може да се спореди со овие црнила што ни ги затруја душите во овие десет години владеење на хунтата на Никола Груевски. Независна Македонија денес пропаѓа во мизерија и во безнадежност. Затоа, оваа генерација Македонци има обврска на 11 декември да си ја поврати државата и да ја осамостои од оваа криминална банда што ја има окупирано и којашто крвнички ја уништува.
Деновите на хунтата се избројани. Тоа го знаеме сите. Вака или онака, до промени ќе дојде. Порано или подоцна. Но, не е сеедно дали тоа ќе се случи порано или подоцна и дали ќе биде вака или онака. Ред е и ние Македонците еднаш за нешто самите да се избориме. Да не биде после, на 50-годишнината од независноста, некој како мене да не потсетува дека после четврт век самостојност, со Македонија владеел некој лудак, но дошол шумарот и го избркал лудакот, па така сме се спасиле. Резултатот е ист, но чувството е многу, многу лошо.
