Македонија

Првите пациенти во новата ковид-болница „Мала Богородица“ в понеделник – лекувањето ќе го плаќа државата, а условите се како во „Аџибадем Систина“!

Сите приватни болници ќе партиципираат со медицински кадар, но дури 90 отсто од кадарот ќе биде од „Аџибадем Систина“ и од „Жан Митрев“. Останатите 10 отсто ќе бидат здравствени работници од другите десетина помали приватни болници во земјава, вели сопственикот на „Аџибадем Систина“, Јордан Камчев.

Во тек е опремувањето на стариот објект на приватната болница „Аџибадем Систина“, кој според договореното помеѓу Министерството за здравство и приватните болници треба биде претворен во нова инфективна болница со 100 кревети. Ова, на денешниот брифинг со новинарите го истакна претседателот на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“, Јордан Камчев, кој посочи дека се очекува веќе во понеделник оваа нова болница да ги прими првите пациенти болни од ковид-19.

Тој истакна дека вчера почнало приспособувањето на објектот „Мала Богородица“, монтирањето медицинска опрема и апарати за кислород, а како што рече, просторот ќе биде пуштен во функција штом се средат документите, односно лиценцата за работа што треба да ја издаде Министерството за здравство.

– Во моментот се подготвува техничката документација за станица за кислород, која ќе биде поставена надвор од објектот, со цел опслужување со кислород на пациентите кои ќе бидат хоспитализирани. Сè уште не е договорено каков тип на регистрација ќе има објектот, но сметам дека тоа прашање лесно ќе го решиме. Тоа што е важно е дека го прифативме договорот од Фондот за здравство, кој дневно ќе префрла по 6.000 денари на наша сметка. Цената е никаква во однос на тоа што треба да се вложи, но ние решивме да го покриеме трошокот. Колку за информација, ние самите ќе вложиме во основната медицинска опрема, во лабораторијата, во заштитните материјали, тука се и потрошните материјали, боците со кислород, храната за пациентите, рентгенот, платите на здравствените работници и сè што е потребно. Првичните проценки се дека целиот влог ќе нè чини од 550.000 до 600.000 евра – рече Камчев.

Тој додаде дека со медицински кадар ќе партиципираат сите приватни болници во земјава, но дека најголемиот дел од кадарот ќе биде од „Аџибадем Систина“ и од „Жан Митрев“.

– Според договореното, сите приватни болници ќе партиципираат со медицински кадар, но дури 90 отсто од кадарот ќе биде од „Аџибадем Систина“ и од „Жан Митрев“. Останатите 10 отсто ќе бидат здравствени работници од другите десетина помали приватни болници во земјава. Ние прифативме сè што беше побарано од нас. Што се однесува до условите во новата болница, тие ќе бидат исти како што се условите во „Аџибадем Систина“ и во „Жан Митрев“. Во секоја соба ќе има по два кревета, бесплатен интернет, телевизија, клима уред, посебна бања за секој пациент и постојана нега – истакна Камчев.

На денешната прес-конференција во дворот на „Аџибадем Систина“, инфектологот Д-р Патриција Каламарас објасни дека во новата болница ќе се лекуваат само пациентите со лесна и со средна клиничка слика, додека, пак, пациентите со тешка клиничка слика ќе бидат испраќани на лекување во ГОБ „8 Септември“.

– Сè уште не е кристализирано, но во новата болница „Мала Богородица“ ќе се лекуваат само пациентите со лесна и со средна клиничка слика, а пациентите со тешка клиничка слика ќе се носат на Инфективна или во ГОБ „8 Септември“. Во овој ковид-центар ќе работат 5 доктори, 30 медицински сестри, 8 болничари и друг медицински персонал, 8 лица за обезбедување, 6 лица администрација и 12 лица болнички персонал. Тоа што засега го знаеме е дека во новата ковид-болница ќе работат и двајца доктори кои ќе бидат назначени од Министерството за здравство – објасни Д-р Каламарас.

Таа се осврна и на болеста ковид-19, за којашто рече дека е сосема непредвидлива, а додаде и дека болницата „Аџибадем Систина“ деновиве успеала да го набави лекот фавипиравир.

– Заразата од ковид-19 е целосно непредвидлива. Секој може да биде заразен. Заболуваат и млади лица, па дури и спортисти. Сметам дека генетиката игра голема улога, а секако и коморбидитетите. Инаку, болницата „Аџибадем Систина“ успеа да го набави лекот фавипиравир, кој ќе им се дава на пациентите за кои ќе заклучиме дека им е потребен. Овој лек не може да им се дава на сите луѓе, бидејќи може да се добие контра-ефект. Пациентите никако не смеат на своја рака да го пијат лекот – нагласи Д-р Каламарас.

Болницата „Аџибадем Систина“ успеа да го набави лекот фавипиравир, кој ќе им се дава на пациентите за кои ќе заклучиме дека им е потребен.

Д-р Патриција Каламарас


Македонија

Заболени
91,161
Мртви
2,812
Излечени
79,621
Активни
8,728
Last updated: 27/01/2021 - 10:56 (+01:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.