Македонија

Правна мистерија: каде е спогодбата за Пуч на Костовски, СЈО ја бара, Судот вели дека е во државното обвинителство

Спогодбата на Ѕвонко Костовски, која тој ја прифати пред две години, а се однесува на случајот Пуч не е во СЈО туку во обвинителството за организиран криминал и корупција. СЈО поднесе барање за заштита на законитоста (БЗЗ) до Врховниот суд по барање на новиот адвокат на Ѕвонко Костовски кој со спогодбата договори казна од три години затвор за Пуч. Но Врховниот суд кој треба да одлучи ја барал спогодбата од СЈО, информира Телма.

sud_skopje_1_0

Специјалното обвинителство веќе неколку пати ја барало спогодбата од Кривичниот суд, но на крај пред две недели добиле одговор дека спогодбата ја доставиле до странките кои ја договориле спогодбата уште во 2015-та. Пуч како случај Обвинителството за организиран криминал и корупција го предаде на СЈО пред повеќе од една година, но без спогодбата на Ѕвонко Костовски.

Кога кривичниот суд го прашавме дали до нив имало барање од некоја институција (Врховен суд, СЈО, Јавно обвинителство на РМ или МВР) да им биде доставена пресудата-спогодба за Костовски и во кој рок била доставена спогодбата на евентуалните баратели ни одговорија дека прашањата не се прецизно поставени и ни побараа информации од спомнатите институции.

-Во однос на вашите прашања, нејасно е за какво барање прашувате за да може да ви дадеме прецизен одговор. Таков одговор може да добиете од институциите кои евентуално поднеле такво барање до судот и да ни ги доставите барањето по број и дата на поднесување до судот како би се произнеле. Судот, согласно Законот, доставува пресуди единствено до странките во постапката, а од вашите прашања нејасно е за која постапка и од која инсититуција е поднесено некакво барање., беше одговорот од Кривичниот суд Основен суд Скопје 1.

СЈО ни потврди дека ја барале спогодбата со месеци од кривичниот суд, за на крај по нивна ургенција да им биде одговорено дека спогодбата е во државното јавно обвинителство.

Од прес службата на државното јавно обвинителство пак за Телма одговориле дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не задржува списи со туѓи предмети.

– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја има предадено севкупната документација со сите списи и докази за предметот познат во јавноста како „Пуч“ при преземањето на надлежноста од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Спогодбата за која покажувате интерес е верификувана од страна на судија на претходна постапка на 25 февруари 2015 година и истата со оглед на нејзината правосилност и извршност, согласно досегашната практика, е доставена до странките веднаш од страна на Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ниту задржува, ниту поседува списи и докази за предмети што не се во негова надлежност, тврдат во обвинителството кое го отвори случајот Пуч и ја договори спогодбата.

Сега не е познато каде е спогодбата, а правосудните институции тврдат дека е доставено до странките во Пуч кои по формирањето на Специјалното обвинителство се токму СЈО и Ѕвонко Костовски. Но СЈО потврди дека ја бара спогодбата за да ја достави до Врховнио суд. Одбраната на Ѕвонко Костовски смета дека спогодбата треба да се поништи затоа што е потпишана за дело помагање, а досега се уште не е откриено и утврдено кој е извршител на дело нелегално следење на комуникации.

За нелегалното следење на комуникации СЈО го отвори случајот Тврдина. СЈО се откажа од Пуч поради како што наведе докази од Тврдина кои се спротивни на тврдењата во обвинението за Пуч. По откажувањето од Пуч, се појави проблем како да се третира спогодбата за која има и барање до заштита на законитоста во Врховниот суд.

По масовната аболиција на Иванов за случаите на СЈО, Ѕвонко Костовски беше ослободен од затвор, но по поништувањето на помилувањата на претседателот на државата, судот повторно му упати покана за доиздржување на казната. Судот и натаму води постапка за доиздржувањето на казната иако СЈО се откажа од обвинението.

-Има решение на судија за извршување санкции за доиздржување на затворската казна кое по жалба на осуденото лице, е на одлучување пред Кривичниот совет, за кое доплнително ќе известиме, ни одговорија од судот денеска.



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.