ПОТРЕСНА СЦЕНА КАЈ РЕСЕН: Загина малолетник, пожарникари го ваделе телото (ФОТО)
Несреќата се случила вчера кај селото Крушје, а момчето починало на самото место. Според изјави на очевидци, пожарникари го сечеле автомобилот за да можат да го извадат неговото тело
Седумнаесетгодишно момче загина во сообраќајна несреќа што се случила вчера на патот Охрид-Ресен. Во сообраќајката учествувале два автомобила, а според изјави на очевидци, сцената била потресна. Телото на починатото момче што било заробено во автомобилот го ваделе пожарникари.
Сообраќајката се случила вчера во 17 часот, кај селото Крушје. Во неа учествувале „југо“ со ресенски таблички управувано од Д.С. (20) и „пасат“ со ресенски таблички управувано од Љ.Д. (47).
Според информациите на полицијата, на самото место починал сопатникот од „југото“, седумнаесетгодишниот С.П. од Могила. Возачот на „југото“ се здобил со тешки телесни повреди и по укажаната лекарска помош во ресенската болница бил пренесен и задржан на лекување во Клиничката болница во Охрид. Возачот на „пасатот“ се здобил со лесни повреди.
Како што објави порталот ОхридЊуз, очевидци на настанот рекле дека дошло до директен судир на автомобилите. Од силината на ударот предниот дел на „југото“ бил згмечен и поради тоа пожарникарите морале да го сечат за да можат да го извадат телото на починатото момче.
На местото на несреќата е извршен увид, кој треба да ги покаже причините за несреќата.
