МакедонијаТОП

Почнаа смени во МВР – сите 8 СВР-а ќе добијат нови началници

Сите 8 сектори за внатрешни работи (СВР Скопје, Куманово, Тетово, Охрид, Битола, Штип, Велес, Струмица) ќе добијат нови началници, а досегашните началници ќе станат дополнителни како што предвидуваат правилата за МВР со договорот за техничка влада.

Министерот Наќе Чулев во телефонски разговор за Телма потврди дека досега одлучил да се сменат вкупно 12 раководители на оддели и единици во составот на МВР, додека за останатите 3 законски дозволени смени ќе размислува и ќе одлучи до утре.

Чулев потврди дека ќе биде назначен нов началник и на Oдделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал каде во моментот раководител е Лазе Велковски. Техничкиот министер тврди дека овој оддел е избран за промена затоа што се очекува зголемен број на информации и сомнежи за сериозни кривични дела кои до сега не биле пријавувани затоа што постоел страв и недоверба кај пријавувачите.

Не открива кого ќе стави на позицијата началник за сузбивање на организиран криминал. Според информациите на Телма, еден од најсериозните кандидати на списокот на Чулев за оваа позиција е актуелен раководител во финансиската служба на МВР, кој до пред половина година држел началничка позиција во Секторот за прикриени каде бил назначен уште во време на директорувањето на Митко Чавков.

За сите имиња кои се спомнуваат како нови кадровски технички решенија, Чулев ни изјави дека не може да ги каже бидејќи изборот се уште не е конечен и договорен и дека се вршат последните проверки.

И одделот за внатрешна контрола ќе добие нов началник, за таму се спомнува службеник од внатрешната контрола, а Чулев ни објасни дека секторот е избран за да се проверат сите нови назначувања и решенија издадени во последниот период од министерувањето на Спасовски. Смена ќе има и одделот за специјални полициски операции каде во моментот началник е Бранко Трајановски. Смена ќе има и во новоформираната единица за интервентна полиција која во моментот ја води Примислав Димовски, таму според сознанијата на Телма треба да дојде досегашен вработен во престроените Алфи, кој има чин главен инспектор, заработен уште во време на претходното раководство на Алфите.

Министерот Чулев телефонски ни изјави дека интервентната полиција и специјалците се многу важни и за одржување на изборите, за покривање на голем број критични изборни точки каде во блиско минато имало сомнежи за нерегуларности. Но во предизборието скопската полиција и интервентните единици на МВР ги чека и фудбалски предизвик, ќе мора безбедно да се организира сензитивниот кавалификациски меч меѓу Македонија и Косово, кој според последните информации на Чулев е префрлен и наместо во Струмица ќе се игра на арената во Скопје.

Како нов началник на СВР Скопје се спомнува еден од советниците на екс министерката Гордана Јанкуловска. Конечниот список ќе биде соопштен утре, а владата ќе треба да донесе нова систематизација за да ги предвиди и дополнителни началници во раководењето со секторите и одделите на МВР што ќе ја претрпат смената од Чулев.

Миомир Серафиновиќ

 



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.