Македонија

Пензионерите се држат во заблуда: Нема зголемување на пензиите, само се одржува нивната вредност

Најавеното зголемување на пензиите од едвај 6,8 проценти, наместо да ги израдува, ги вознемири пензионерите, со оглед на тоа дека најголемиот процент пензионери ќе добијат само околу 1.000 денари. Оние пак што земаат највисоки пензии, ќе добијат околу 4.000 денари плус.

Праведно ли е вакво зголемување на пензиите со ист процент за сите?

Најавеното зголемување на септемвриските пензии од ПИОМ е врз основа на нивно усогласување со порастот на трошоците на животот и на просечно исплатената плата, што е во согласност со последните измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Погрешно е толкувањето дека пензиите се „зголемуваат“, всушност се врши усогласување на нивната економска вредност што опаднала во претходниот период заради зголемување на цените и во однос на платите кои растеле во тој период. Од тие причини различен е апсолутниот износ на пораст на индивидуалните пензии затоа што целта на усогласувањето е да се одржи вредноста на пензијата што е утврдена при остварување на правото на пензија, а не таа да се зголеми. Со усогласувањето не се врши корекција на висината на стекнатата пензија која е утврдена врз основа на висината на платите што пензискиот осигуреник ги примил во текот на работењето – вели во интервјуто за „Слободен печат“ универзитетската професорка Јадранка Мршиќ.

Според неа важно е градење свесност кај јавноста дека вака најавеното зголемување на пензиите не е резултат на волјата на власта ниту подарок за пензионерите, туку е законско право за да се надомести изгубената вредноста на пензиите поради порастот на цените во изминатиот период. Тоа е чин за ублажување на ерозијата на пензиите и е клучен елемент на правото на пензијата како право од социјално осигурување.

Професорката Мршиќ во интервјуто открива дека е предвидено постепено намалување на „заменските стапки“ за членовите на првиот столб и за членовите на вториот столб за делот на пензијата што ќе ја добиваат од првиот столб. Ова значи дека на идните пензионери ќе им се пресметуваат помали пензии во однос на сегашната формула.

Со тоа се намалуваат трошоците за пензии што е една од целите на реформата на пензискиот систем и воведувањето тристолбен пензиски систем. Потребата од мерки за финансиска консолидација на системот произлегува од значителните економски и демографски промени што претходно се идентификуваа, а се заоструваат во текот на овој век и кои влијаат врз намалување на приходите, а во исто време и врз зголемување на трошоците на пензискиот систем. Со инвестирање во доброволно пензиско осигурување, се остваруваат дополнителни приходи за пензионерските денови и се коригира ефектот од намалувањето на пензиите врз основа на првиот столб – вели Мршиќ.

Заменската стапка е законски одреден процент, со кој при остварувањето на правото на користење пензија, се утврдува висината на пензијата.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.