КолумниМакедонија

Обвинителството се сомнева дека се переле пари во инвестиција промовирана од ДУИ

Управата за финансиска полиција  по повеќегодишна пауза денеска го достави бараното известување до Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за предистрага од 2016 година поврзана со трансакциите, движењето на парите и инвестицијата на фабриката за вода „Маја“ близу селото Гари. Обвинителството истражува можно перење пари преку оф – шор фирми од Кипар и Британските Девствени Острови за реализација на клучната инвестиција во дебарско – „Маја Вода“. Фирмата МЛ – Гари од Македонија се појави и во протечените „Пандора документи“ а партнерите на ИРЛ, Остро од Хрватска и Меѓународниот проект за известување на организиран криминал и корупција (OCCRP) веќе пишуваа дека зад хрватската инвестиција од островот Мали Лошињ, се кријат оф – шор фирми на лица кои тесно соработуваат со високи функционери од Русија кои се дел од најтесниот круг соработници на Претседателот Владимир Путин. 

Известуваат: Бојан Стојановски, Ивана Настеска

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се сомнева дека преку фабриката за вода „Маја“ се переле пари во земјава. Министерството за внатрешни работи во ноември 2016 година, само еден месец откако фабриката свечено беше отворена, испратило известување до обвинителството. Полицијата, информации за сомнителни транскации добила од Управата за финансиско разузнавање со индиции дека се перат пари а инволвирани се лица од сопственчката структура на МЛ – Гари и самото правно лице. Предистрагата за овој случај трае речиси седум години а долгиот период на собирање докази за „перење пари“, обвинителството го правда со фактот што истражувале лица и фирми од од – шор дестинации.

 

„Во овој предмет се работи за странски физички и правни лица – хрватски државјани и македонски државјанин со македонско и хрватско државјанство, како и правни лица регистрирани на Девствените острови и Кипар во чија сопственичка структура се јавува физичко лице од Украина, за кои преку меѓународна полициска соработка и соработка со единиците за финансиско разузнавање на инволвираните држави се побарани податоци и за истото е потребно време за добивање на повратни информации. Побараните податоци во овој случај се неопходни во насока на обезбедување на доволно докази кои што би го поткренале нивото на сомневање и би се овозможило отворање на истражна постапка“, одговорија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција на прашањето на ИРЛ, дали се истражува евентуално перење пари преку фабриката „Маја“ изградена близу селото Гари. 

Дури откако обвинителството ќе ги добие овие податоци ќе донесе одлука дали ќе се оформи истрага и дали истата во иднина ќе финишира со обвинение за „перење пари“.

Како хрватскиот слаткар донесе сомнителни милиони за да инвестира во извори во Дебарско

Дашмир Абдија е по потекло од Пирок, тетовско. Тој е трета генерација иселеници од неговата фамилија на островот Мали Лошињ во Хрватска. Тие се еснафска фамилија, позната претежно по бизнисот со слатки. Дашмир Абдија, во 2009 година ќе одлучи да влезе во сосема друг бизнис – флаширање на вода за пиење. Но, овој бизнис нема да биде развиван на убавиот хрватски остров, туку во Македонија близу дебарското село Гари. Тој ја презема фирмата „Мали Лошињ“ основана во 1999 година во Тетово од страна на неговиот дедо. За потребите на новиот бизнис, фирмата ја менува дејноста, од трговија со парфимериски и козметички препарати во производство на освежителни пијалаци, минерална и флаширана вода. Во 2011 година Абдија преку компанијата „Мали Лошињ“ ќе основа уште една фирма-ќерка МЛ-Гари.

Во новоформирана компанија како сосопственик ќе се приклучи хрватскиот адвокат Бранимир Којиќ. Во април 2012 година, со одлука на тогашната Влада на Никола Груевски, Абдија ќе  добие концесијата за експлоатација на минерална вода во времетрање од 30 години. Оваа концесија ќе се однесува на фирмата „Мали Лошињ“. Договорот, во име на Владата тогаш ќе го потпише министерот за економија,  Ваљон Сарачини од ДУИ, кој е и познаник на Абдија. Веќе наредната година 2013, ќе биде година во која ќе се најави милионската инвестиција во фабрика за вода за пиење. Тогаш ќе се удри и камен-темелникот на изградбата на фабриката која ќе работи под името „Маја“. Во 2016 година, изградбата на фабриката „Маја“ е завршена и отпочнува со работа. Лоцирана е покрај регионалниот пат Бошков Мост – Извор, пет километри пред еколошки чистото село Гари.

На отворањето на фабриката ќе присуствува целиот партиски врв на ДУИ на чело со Али Ахмети. Во 2018 година, на владина седница ќе биде одобрена и доделена втора концесијата за експлоатација на минерални суровини за локалитетот Звичница во село Гари. И оваа ќе трае 30 години, а во име на Владата договорот ќе го потпише сегашниот министер за економија, Крешник Бектеши.

Четири години подоцна, во јануари 2022 година фирмата „Мали Лошињ“ ќе склучи договор за пренос на концесија со фирмата МЛ-Гари. По меѓусебниот договор на фирмите на Абдија, пред крајот на 2022 година потпишан е договор и меѓу Владата и МЛ-Гари како нов концесионер. Со овој договор за пренос, практично МЛ-Гари ги презема двете концесии за експлоатација на минерална вода во селото Гари.

Сомнителна позајмица за стартот на Маја директно од даночните прибежишта поврзани со проруски бизнисмени од Хрватска

Инвестицијата во фабрика за полнење вода во подзаборавениот мијачки предел, доаѓа преку оф-шор фирмата „Зедарија Вентурс“, регистрирана на Британските Девствени Острови. Партнерите на Истражувачката репортерска лабараторија од Хрватска Остро преку протечените „Пандора документи“ открија дека изградбата на модерната и целосно автоматизирана фабрика за вода близу селото Гари се реализирала преку позајмици кои потоа треба да се претворат во капитал на македонската компанија Мали Лошињ – Гари која во македонската јавност се презентираше како главен инвеститор на над 10 милиони евра во 2016 година кога и фабриката свечено се отвори во присуство на врвот на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

 

Лидерот на ДУИ Али Ахмети заедно со сопственикот на МЛ Гари Дашмир Абдија сечат лента на отворање на фабриката за вода Маја Вода на 19 септември 2016 година.

Хрватско Остро на шести декември 2021 година објави дека компанијата „Зедарија Вентурс“ која позајмува пари на македонската МЛ – Гари за да се реализира идејата „гарска вода“ да се пие низ светот, е во сопственост на Томислав Филиповиќ и Предраг Перенчевиќ. Колегите од Хрватска преку „Пандора документите“ ќе утврдат дека компанијата е формирана за да има можност милиони евра да се трансферираат до Македонија во форма на заем. Дополнително, новинарите по деталниот преглед на протечените документи „Пандора“ во нивното истражување посочуваат дека формални сопственици на фабриката за вода „Маја“ во Гари се Дашмир Абдија родум од тетовски Пирок кој живее и работи на хрватскиот остров Мали Лошињ и адвокатот Бранимир Којиќ, исто така од Мали Лошињ. Но проверките на новинарите од ostro.hr покажале дека позајмиците на оф – шор компанијата „Зедарија Вентурс“ не се претворeни во сопственост на оваа фирма која ја дала позјамицата, туку напротив финансиките податоци на македонската МЛ – Гари покажале дека само се зголемил кредиот на оваа фирма која се јавува како инвеститор на најмодерната фабрика за полнење вода во Македонија но и пошироко.

 

Но, во 2016 година кога фабриката „Маја“ и свечено е отворена, хрватскиот веб сајт Т-портал ќе објави текст со наслов „Како слаткар и адвокат од Мали Лошињ изградија фабрика за полнење вода во Македонија“. Текстот ќе открие дека главни инвеститори на објектот се руси а инвестицијата е руско – хрватска. За Троптал ХР тогаш изјава дава Бранимир Којиќ, адвокат и ко-сопственик на македонската МЛ – Гари која ја реалзираше идејата за полнење вода.

„Мојот и паричниот влог на Абдија се многу мали и тешко може некој да нè нарече инвеститори. Во основниот капитал по докапитализацијата ќе учествуваме со помалку од еден процент“, ќе изјави Којиќ пред речиси седум години. 

Којиќ како искусен правник на колегите од им обајснил дека тој и Дашмир Абдија се единствени сопственици на фабриката „Маја“ само поради промени во законите за докапитализација во Македонија односно претворањето на кредит во сопственички удел. Tportal.hr тогаш објавува дека најголем инвеститор во „Маја“ е УК Промсвајз, едно од водечките друштва за управуавање со инвестициски фондови во Русија. УК Промсвајз според податоците на tportal.hr е во сопственост на една од најголемите руски банки Промсвајз.

МЛ – Гари го призна заемот од „Зедариа Вентурс“  

ИРЛ контактираше со сопственикот на МЛ-Гари, Дашмир Абдија, кој не упати сите прашања да ги поставиме официјално до фабриката „Маја“. Оттаму признаваат дека зеле позајмица од оф-шор компанијата „Зедариа Вентурс“ којашто пак според хрватско Остро има сопственици кои имаат бизнис операции и фирми во Русија, а тесно соработуваат и со луѓе кои важат за екстремно блиски до претседателот на Русија, Владимир Путин. Едниот од нив, Михајло Перенчевиќ, син на Предраг Перенчевиќ, се најде и на листата на санкции од страна на Велика Британија поради неговите бизнис релации со блиските соработници на Владимир Путин.

„Откако ги обезбеди сите дозволи и го купи земјиштето од тогашна Република Македонија, раководството на фирмата МЛ – Гари на локален и светски пазар бараше кредитори за изградба на фабриката за вода. Односот со компанијата „Зедариа“ е класичен однос на заемодавач и заемопримач кој во тој момент беше комерцијално најповолен“, велат од МЛ-Гари.

Првичните најави на управувачкиот тим на „Маја“ вода беа дека нивниот производ, планинска вода со висока PH вредност, ќе се извезува во регионот, Русија и Белорусија а клучна амбиција е „гарска вода“ да се пие на Средниот Исток.

 

Забелешка: Тимот на новинари од ИРЛ, Остро и OCCRP веќе неколку месеци работат на истражувањето за тоа како е реализирана инвестицијата „Маја вода“. Меѓународниот конзорциум од репортери продолжува да работи на ова истражување кое што во наредниот период ќе има и продолженија заедно со парнерите.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.