Македонија

Обвинителката Ѓешкоска без мандат седи во ОЈО Скопје, користи возило, телохранители и шофер

Гордана Ѓешкоска, која до 15 мај беше јавен обвинител на Скопје и натаму го држи кабинетот во ОЈО, возачот и обезбедувањето и пред неа реферираат обвинители за предметите што ги работат, спротивно на закон.

Извори од ОЈО Скопје, за Сведок потврдуваат дека Ѓешкоска која еден месец не е обвинител доаѓа секојдневно на работа и седи во кабинетот, го користи возачот и возилото, како и двајца членови на обезбедувањето доделени од МВР, кои и служат за да и ги носат торбите од пазар.

-Сега има ситуација кога обвинителите влегуваат кај Ѓешкоска, реферираат што работат, таа им дава насоки и на крај им вика да видат што мисли и Јове Цветановски, кој како вд шеф или претходно нејзин заменик го води скопското обвинителство. А, кога ќе отиде обвинителот кај Цветановски, таму друга приказна, не важи ништо од тоа што сугерирала Ѓешкоска. Кој нормален ќе се снајде во ваква ситуација – вели извор за Сведок од скопското обвинителство.

Обвинителите прстот го вперуваат во Советот на обвинители, кој по истекот на мандатот мораше да донесе решение за Ѓешкоска, во кое ќе констатираше дали таа останува да работи во ОЈО Скопје како заменик обвинител или ќе ја именуваше на позицијата заменик во Републичкото обвинителство, од која позиција дојде да го води скопското обвинителство.

Но, Советот, според извори на СВЕДОК сега е со врзани раце, бидејќи направил правна „утка“ во времето кога ја именувал за шефица на скопското, бидејќи не донел решение дека и мирува местото во Републичкото обвинителство, а според закон, не е предвидено мирување на функцијата за вакви ситуации, туку, само ако обвинителот е избран во Советот на обвинители или на фунција во меѓународни организации.

Па, од тука, не било лесно Ѓешкоска да се врати во Републичкото обвинителство и затоа, сега се правел премолчан терен да се реизбере повторно на функција во ОЈО Скопје како најбезболна варијанта, и наводно поради тоа не ја тргаат од ОЈО Скопје.

Сепак, обвинителите велат дека од двајца „шефови“ им е преку глава, посебно сега кога новиот вд шеф Јове Цветановски почнал да се однесува како „одговорен“ обвинител кој барал да се работи по закон, обидувајќи се да фати приклучок пред најавените смени во организацијата.

Дека Ѓешкоска и натаму користи службено возило и телохранители, СВЕДОК лично се увери сретнувајќи ја Ѓешкоска по завршен шопинг во ГТЦ, заедно со телохранителите кои и ги носеа ќесите. Иако беше доцна попладне, по 18 часот, обвинителката и телохранителите се упатија кон обвинителството.

Гордана Ѓешкоска доби обезбедување кога го водеше случајот „Монструм“ но до сега нема податок дали МВР направила нова безбедносна проверка за заканите од овој случај по обвинителката и до кога ќе ја обезбедуиваат.

Во „Монструм“, кој сега треба да се разгледува пред Врховниот суд, таква заштита не беше побарана ниту доделена за Вишата и за Републичката обвинителка, кои го застапуваат предметот пред Апелација и пред Врховен.

Наспроти привилегиите на Ѓешкоска, обвинителот Џелал Бајрами, кој сега ќе го менува Марко Зврлевски, бил шокиран што како заменик јавен обвинител во Републичкото обвинителство немал на располагање возило и возач и добил мала канцеларија. Бајрами кој порано беше министер за труд и заменик во МВР очекувал дека таква комоција ќе добие и во Обвинителството, но морал да се задоволи и со мала канцеларија во зградата „Соковник“ покрај Вардар во кој се сместени обвинителствата во Скопје.

Ѓешкоска, според јавно достапните податоци на сајтот на Антикорупциска комисија, во два наврати не доставила анкетен лист за својот имот, но и покрај казнивоста за криење на имот, нема податок зошто антикорупционерите го толерирале незаконското постапување на скопската обвинителка.



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.