Колумни

Никој ништо нема да ви заборави, колку и да молите да заборават граѓаните, ако можат

Арсовски со колумна за Плусинфо

Гледам и се чудам. Читам и не ми се верува. Стефан Богоев во колумна во име на СДСМ зборува „да заборавеле луѓето ако можат”. Што да заборават? Да ги заборават срамот, криминалот и неуспесите изминативе 5 години што ги правеа?

Срам дека имаат, немаат, тоа знаеме. Образ дека имаат да делат памет, како треба да се работи, и тоа немаат. Немаат образ затоа што им го „ошамараа“ граѓаните на последните локални избори. Го вдомија во партија кај нив, за да дели памет од искуство кое го стекнал како градоначалник, спроведувајќи ги политиките кои мисли дека се правилни, а всушност заради истите изгуби.

Вели дека граѓаните повеќе се сеќавале на антиката, а не се сеќавале на изминативе години од блиското минато. Забораваат во СДСМ дека блиското минато веќе се тие самите, како партија која повеќе од 6 години ги има на функциите своите луѓе, сметајќи ги и техничките влади. Јас велам дека граѓаните, исто како што се запознаени со антиката, уште подобро се запознаени со сите штети и неуспеси од Владата на СДСМ. Чувствуваат на своја кожа.

Многу добро се сеќаваат на криминалот во Фондот за иновации. Се сеќаваат и на шверцот на дрога каде што ДЕА апсеше луѓе на СДСМ и меѓу другото циркулираа имиња кои биле вмешани од семејството Заеви. Уште подобро се сеќаваат на случајот „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, каде што го слушаа и името на Богоев и тоа директно од обвинетите. Многу добро се сеќаваат на неговото име и презиме кое циркулираше во медиумите за случајот со рекетирање на милионски суми. Ова се работите на кои што се сеќаваат подобро од антиката и не ги забораваат.

Вели, да им раскажел приказна на граѓаните, случајна средба со работникот на кој му биле насолзени очите од општината, кој добил регрес и никогаш не видел толку пари на сметка. Во еден ден примил повисока минимална плата и регрес. Тука има две многу важни работи кои треба да се споменат. Најпрво, нека поразговара со вработените од „Македонски железници“ или со вработени од „Еурокомпозит“ или со уште неколку други вакви претпријатија под нивна команда, да му објаснат како со месеци им се каснело плата и како преживувале додека он уживал. Втората многу важна работа е следнава – како е возможно ако толку многу добро ја водел општината и вработените биле задоволни, следствено и сите граѓани на Карпош, зошто тогаш Богоев е сменет од позицијата и не му ја дадоа граѓаните довербата на СДСМ да продолжи да ја води општината? Нешто не штима, а?

Вели, имало слобода на говор сега, имало дебати, во истиот весник кај што пишувал колумни, пишувале и од опозицијата. Искрено, се уште не ми е јасно, како може млад политичар кој има висока функција во партија на власт, да има толку кратко и плитко помнење? Дали тоа значи дека тој е првиот од останатите кои заборавија? Еве, да го прашам, дали со ваква гордост излезе јавно да укори еден дневен весник каде што јас многу кратко време пишував колумни, кои беа жестоки критики кон власта и притоа не им се допаѓале на луѓе кои се испоставија над уредништвото, па соработката ми беше откажана само по неколку броја? И тогаш им беше предложено да има и од власта колумнисти како противтежа на моите критики и аргументи, но и тоа не им се допаѓаше, па брутално ми беше прекината соработката. Сепак изгледа до капацитетот било, кој го немале да се спротивстават. Патем, секоја чест за чесноста на уредништвото на весникот, но сепак таму власта и СДСМ победија. Но, за жал, сите такви работи ги гледаа граѓаните, па на локални избори СДСМ и таквите како Богоев изгубија.

И сега дојде време, да го потсетиме Богоев кој е очигледно со кратко помнење, на што граѓаните се сеќаваат. И своите сеќавања им се навратија на 17 октомври и 1 ноември 2021, кога им се случи изборен дебакл на СДСМ. Кога и бастионот на СДСМ, омилениот Карпош на Богоев, падна од рацете на СДСМ. Очигледно лошо работеле. Очигледно се што зборуваа по улици граѓаните за неговото неработење било вистина.

Се сеќаваме на криминалот во Фонд за иновации. Се сеќаваме на криминалот во случајот „Рекет“. Се сеќаваме на криминалот во „Рекет 2“. Се сеќаваме на криминалот во „Рекет 3“ со РЕК Битола. Се сеќаваме на криминалот на СДСМ во Меѓународен сојуз. Се сеќаваме на шверцот на цигари од страна на нивниот градоначалник од Ново Село. Се сеќаваме на криминалот на Рашковски. Се сеќаваме на криминалот на Ден Дончев. Се сеќаваме на шверцот на тутун на Деве Баир од блиски луѓе на Љупчо Николовски.

Се сеќаваме кога луѓе од СДСМ делеа шамари на јавна расправа за Трнодол во сред општина Карпош, која што ја водеше Богоев токму тогаш. Се сеќаваме на криминалот на Венко Филипче и набавката на вакцини и респиратори. Се сеќаваме дека до седмо колено ги исповработија сите блиски роднини низ институциите. Се сеќаваме на криминалот на Шилегов. Се сеќаваме и на криминалот на Мухамед Зекири. Се сеќаваме и на понижувањата кои самата Влада на СДСМ ги прави врз граѓаните и Република Македонија.

Се сеќаваме на се, ич да не се секирате. И нема ништо како граѓани да заборавиме. Не ни можеме, не ни сакаме. Треба некој да сноси одговорност. И ќе сноси одговорност.

За крај, денеска е 9 Мај, Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот. Фашизмот како пејоратив означува режим и репресија кон поединецот. Никој не е репресиран повеќе од граѓанинот на Република Македонија од страна на Владата на СДСМ и нема поголем режим од овој во моментов. Ама ќе падне и тој, како и неработењето на градоначалниците на СДСМ. Фашизмот во Република Македонија е жив.

Нека ни е честит 9 Мај, Денот на Европа, а фашизмот ќе го бутнеме на предвремени парламентарни избори!



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.