Колумни

Ни збор од „општественикот“ Заев за смртта на Митрева, а ни комеморација – па на што личи ова?

Ниту една од политичките институции во чие дејствување Илинка Митрева даде значен придонес – СДСМ, Министерството за надворешни работи, Владата, Собранието – не организираше комеморативна седница. Не е ли тоа срамно?

На официјалната страница на Зоран Заев на Фејсбук пишува – општественик, економист, социјалдемократ, поранешен премиер на Северна Македонија.

Последната објава на страницата на Заев е од 16 јули. Веројатно човекот е на одмор. Се извинувам што го обеспокојувам, ама морално е…

Во меѓувреме, почина Илинка Митрева, поранешна пратеничка од редовите на СДСМ и министерка за надворешни работи. Нејзината партија се огласи соопштение со сочувство до семејството. Во коминикето, меѓу другото, се вели:

„Како еден од основачите на партијата, Митрева го трасираше патот до она што СДСМ е денес, одговорна, државотворна партија. Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времиња кои беа полни со сериозни предизвици. Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните. Нека почива во мир“.

Одбрани зборови, нема замерка.

Уште подобро ќе беше на нејзиниот погреб да имало претставници на СДСМ, од Министерството за надворешни работи, од Владата, од Собранието. А дознавам дека немало. „Честа“ на СДСМ ја „бранел“ единствено поранешниот претседател Бранко Црвенковски, кој имаше посебна, лична релација со својата сопартијка.

Добро, некој ќе рече, погребот си е приватна работа. Често се случува семејствата на починатите да инсистираат на приватен погреб, како што тоа беше случајот со погребот на Киро Глигоров, на пример. И таквите одлуки секогаш се почитуваат.

Добро, ама камо комеморација?

Како тоа ниту една од наведените политички институции, во чие дејствување низ годините значаен придонес даде и Илинка Митрева, да не почувствува потреба да организира комеморативна седница?

Не е ли тоа навистина срамно?

А најгласно се слушна молкот со кој „социјалдемократот“ Заев ја испрати својата својата сопартијка. Не слушнавме и не прочитавме ниту збор од него за смртта на Митрева. Ни сочувство до нејзиното семејство.

Ако сум проипуштил нешто, ете на мене нека е кабаетот…

Наспроти него, Радмила Шеќеринска, на пример, ќе напише кратко и достоинствено: „Длабоко сочувство до семејството и до сите кои ја сакаа и почитуваа Илинка. Нема да пишам вечен да ѝ е споменот – тоа несомнено ќе биде така“.

Можеби причината за молкот на „општественикот“ Заев била реакцијата на Митрева на неговото „славно“ интервју за агенцијата БГНЕС. Што злобниот и одмаздољубив Заев сигурно ја запомнил, како што ја запомнивме и сите. Тогаш Митрева побара вонреден конгрес на СДСМ и рече:

„Ставовите на Заев се завршниот удар што тој ѝ го задава на Македонија. Почна од Преспа и промената на името на нашата држава, а сега посегна по идентитетот, јазикот и историјата – по ноторни историски факти, фашистичката окупација на Македонија. Капитулираше пред најголемиот напад со кој се соочила Македонија од почетокот на нејзиното постоење: уцени, притисоци и барања што задираат во темелите на македонската нација“.

Во Заевото „општество за сите“ нема место за неговите критичари. Дури ни постхумно.

Многу, многу злоба, неискреност и невоспитаност, другарки и другарчиња.

Навистина тажно…

ПС. Денеска е 5 август. Веста за смртта на Илинка Митрева беше објавена на 1 август. Поминаа првите најважни денови од чествувањата на Илинден. Би рекол дека сѐ уште не е доцна за комеморативна седница.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.