Забава

Не верувам во љубов повеќе

ОТВОРЕНО СО ВЕСНА БЕЈБИ ПЕТРУШЕВСКА

Се борев точно осум месеци, одев на секое рочиште, гледав право во очи, ги издржав беседите на одбраната, и само си зборував сама на себеси дека ова го правам за Мина и за сите други дечиња кои биле жртви. За педофилијата не се зборуваше во ова општество, а предатори околу вас еден тон. Жртвата не е виновна никогаш.

Ја знаеме како актерка, некогашна домаќинка на ТВ шоуто „Вртелешка“, основач и едукатор во драмското студио за деца „Бејби шоу“, уредничка во моден сајт, а од лани и како писателка, по промоцијата на автобиографската книга „Трофеј“, во која ги откри најинтимните случки од својот живот. Најважната улога за Весна Бејби Петрушевска е во нејзиниот дом, како мајка на Мина (11) и на Кирил (14), а ужива во грижата за четирите кучиња миленици: Ноа, Буби, Ума и Хана. Од неодамна, Весна е побогата за уште едно искуство, работата како модел. Таа е заштитно лице на новата плус сајз колекција на модната дизајнерка Елена Лука. Искрено и исцрпно, Бејби одговори на сите прашања „Женски магазин“.

 Бејби со своите миленици: Ноа, Буби, Ума и Хана

Женски магазин – Од каде идејата токму ти да бидеш заштитно лице на оваа колекција, и дали ти е проблем што линијата е токму плус сајз?

Весна – Веќе три години работам на сајтот кој е во сопственост на Елена Пандева ака Елена Лука. Уредувам, менаџирам, пишувам. Се бориме против невкусот, кичот, системот кој е без вредности, против тривијалностите, релавитизирањето и еве замислете, успеваме без жолт печат и политикантство. Некако природно Елена Пандева еден ден само предложи да направиме едиторијал. Никаков проблем не ми е што е плус сајз. Да не се лажеме, целата модна индустрија е прегладнета, па сега истите тие се борат против таа појава да гледаме преслаби модели. Оти кој е плус сајз? Секој оној кој има облини малку повеќе. Жената е убава со облини, тоа рефлектира топлина, слобода на умот. Пораката е дека не треба да се претставуваме како оние коишто не сме, напротив, ако се водиме од онаа стара добра мантра: Јас ќе ослабам, ама тебе памет тешко да ти дојде! Ми беше задоволство да охрабрам жени. Едно од најнепријатните работи е кога ќе ви кажат: си се здебелила. Најчесто не знаат дека можеби е здравствен проблем, стрес. Нејсе, мене ми беше љубов и задоволство.

Женски магазин -Како се чувствуваше како модел, предизвика ли некои посебни чувства кај тебе самиот ангажман и позирањето?

Се водам од онаа стара добра мантра: Јас ќе ослабам, ама тебе памет тешко да ти дојде. – Весна на позирањето за колекцијата на Елена Лука

Весна – Храброст, ведрина, одлучност. Тоа се емоциите од кои јас тргнав кога ги облекував, за да се фотографирам. Кај мене се е аудиција. Аудицирам секој ден, оти така си ја имам сфатено сопствената професија, да се натпреварувам со самата себеси. Многу важно е на камерата да не си и здодевен, да и кажеш се што имаш во тие моменти, да комуницираш со неа на ниво на партнер. Јас уживав и ми беше неверојатно чувството. Пред некој ден имавме фотографирање за есенската колекција и едвај чекав да почнам. Веројатно она, детето во мене кое си останало, не сака да си оди и добро што е така. Без детето во себе, вие сте половина човек.

Женски магазин – За какви жени е оваа колекција, дали се идентификуваш со нив?

Весна – За оние кои знаат што сакаат, кои имаат префинет вкус, кои умеат да се сакаат себеси. Жени кои работат неколку работи, за да може да излезат на крај со сите проблеми. Жени кои сакаат да сакаат и се позитивни во умот и во намерите.

Женски магазин – Во која претстава прво ќе те гледаме на репертоарот на МНТ оваа сезона, подготвуваш ли нови улоги?

    Со Игор Џамбазов во претставата „Брачна игра“

Весна – Со оглед на тоа дека последниве десет години играм во независни проекти и копродукција со МНТ каде што работам веќе 25 години, подготвуваме уште еден независен проект кој е спектакуларна комедија. Сè уште не ја гледам на репертоар „Министерка“ која има зад себе 80.000 гледачи, „Брачна игра“ ја ставиле еднаш во месец октомври.

Многу малку луѓе знаат дека јас многу повеќе имам направено за театарот отколку тој за мене, но борбата сè уште трае. Не можат да ми го земат талентот и публиката. Со Игор Џамбазов често зборуваме за тие нешта – да опстанеш кога неталентирани ќе ти се најдат на патот. Јас велам дека само со работа се успева и не е флоскула, туку напротив е мотивација.

Женски магазин – Како е да си мајка на двајца тинејџери, колку е тешко да се носиш со проблемите и предизвиците на две деца на специфична возраст?

 Со децата Мина и Кирил на летување во Грција

Весна – Со оглед на тоа дека навистина сама сум со нив двајца, често знам да кажам дека сум мажена за своите деца. Се научивме да бидеме рокенрол, да се тркаламе како каменчиња, кога имаме имаме, кога немаме да се договараме дека ќе биде подобро. Јас работам три работи за да опстанам и пак е тешко. Да си сингл мама во оваа средина е сизифовска битка, а тоа го знаат веројатно сите оние кои се во иста ситуација. За да издржиш ти треба храброст, лутина, љубов и издржливост на лавица во буквална смисла.

Женски магазин – По злото кое и се случи на Мина како жртва на педофил, извојувавте една голем битка ова лето. Тој ја доби својата казна. Како сите тројца ја поднесовте сета таа борба, и колку сега откако е завршена помирно спиете?

Весна – Се борев точно осум месеци, одев на секое рочиште, гледав право во очи, ги издржав беседите на одбраната (за која патем ви требаат челични нерви) и само си зборував сама на себеси дека ова го правам за Мина и за сите други дечиња кои биле жртви. За педофилијата не се зборуваше во ова општество, а предатори околу вас еден тон. Жртвата не е виновна никогаш. Не знам бејб, мене одамна ми е земен сонот. Мина е мојот херој за цел живот. Кирил беше вистински маж, ден денес се грижи дали сум наспана и дали некој ме изнервирал на работа, дали имаме доволно. Тоа дете пак е од Бога пратено, Кирил е нашиот маж!

Женски магазин – Помеѓу трите ангажмани и грижата околу децата и милениците, наоѓаш ли квалитетно време за социјален живот?

Весна – Искрено, немам социјален живот. Ако се собереме со Игор, Вики, КифлаГуру – Харе, Пере кај него дома евентуално или кај мене. За волја на вистината имаме едно место кај Ристе и Соња, знаеме таму да седнеме, ама да сме раат. Ете сега ќе одам на Стинг. Ме фаќа мака одвреме навреме што немам доволно време за социјален живот, ама сум навистина преуморна.

Мојот багаж е претежок за некој партнер и престанав просто да сонувам на таа тема. – Весна Бејби

Женски магазин – Книгата „Трофеј“ завршува со приказната „Сон“, која раскажува за непознат маж со кого заемно се вљубувате. Веруваш ли дека повторно ќе ти се случи нова, голема љубов?

Весна – Денес кога ти одговарам на ова интервју, немам ама баш никаква надеж дека ќе ми се случи нешто и да ме тресне од земја. Мојот багаж е претежок за некој партнер и просто не верувам во љубов повеќе. Замисли, го кажав тоа. Престанав да сонувам на таа тема и се навикнав да бидам сама со себе. Велат дека храбрите можат сами, драпај си мевот велат старите, не е во ред да останеш сам. Јас знам дека заслужувам најдобро, но не по секоја цена и секако без компромиси. Затоа и ја напишав „Трофеј“, да осветлам нечиј пат и да соопштам дека секому може сѐ да се му се случи во животот.

За Женски Магазин, разговараше Милица Џаровска



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.