Колумни

Не се одродувај, Зоране Заев!

Доста е веќе лажење. Да не си помислил на менување на јазикот, химната, грбот, знамето... Знам дека не си, но не станувај сега антимакедонист! Во твојата околина има такви одродени некадарници, но не мора и ти да бидеш како нив.

Героски: Со Заев не вреди да се дискутира, тоа е како да се игра шах со мајмун

Нема ден Зоран Заев да не ни покаже дека навистина не е човек на кого може да му се верува. Жал ми е што морам тоа да го кажам, да повторам всушност, но и јас веќе не му верувам.

Во јануари годинава, на пример, човекот тврдеше дека придавката „македонски“ е идентитетска и дека нема ограничување за нејзината примена.

Сега, опоменат од Атина за банална работа, тој јавно изјави дека згрешил што ја употребил придавката „македонска“, именувајќи ја нашата фудбалска репрезентација.

Кога излажа Заев, во јануари или сега? Или и тогаш и сега?

Али Ахмети пред два дена ни кажа дека Заев подготвува промена на химната, на грбот и на знамето.

Заев „демантираше“ дека разговарал со Ахмети за таа работа.

Внимавајте ваму: не ни кажа човекот дали – додека дише, нели – ќе се фати за химната, за грбот или за знамето. Само вели дека не разговарал со Ахмети за таа работа.

Он со нас се мајтапи? Нè есапи за будали?

Јас мислам дека Ахмети не нѐ излажа. И дека Заев навистина планира да ја жртвува химната, а богами ќе се потруди да ги смени и грбот и знамето.

Од каде го знам тоа?

Од Бујар Османи, на пример, Заевиот министер за надворешни работи.

Османи јавно тврди дека химната не била „инклузивен елемент во државата“ и дека „голем дел од граѓаните не се гледаат внатре, не се споменуваат“.

Бујар Османи, се разбира, е фин дечко, ама во случајов греши. Да речеме, од незнаење. Централниот наратив во нашата химна е поврзан со Крушевската република, а таа е најинклузивниот државотворен обид на овие простори во првата половина на 20 век. Како што некој веќе прецизно напиша, Македонците во химната не се спомнуваат како етноним, туку како демоним.

Но, причината поради која Заев сака да ја менува химната е многу попрозаична и нема врска со Бујаровата теорија за „неинклузивноста“. Проста е работата – на Софија ѝ пречи што во нашата химна се спомнуваат Гоце, Питу, Даме, Сандански и Македонците воопшто, во било какво својство. Бидејќи според софиските политици, сичките ние сме Б’лгари.

На Бугарите им пречи и грбот, зашто се убедени дека планината на ова обележје е Пирин. А не Зајчев Рид, на пример.

Знамето им пречи веројатно од инает. Ако веќе сè се менува, знамето ли да остане?

А Заев, знаеме веќе, ќе стори сè да им угоди на „браќата“ од Софија, да ги одоброволи, да измоли барем некаква концесија што ќе му овозможи да прокнижи некаков „успех“ и на тој начин да се задржи на власт.

Лакомоста на Софија мене само едно ми кажува – кој знае што сè ветувал, или лажел, Заев во досегашните разговори со Борисов и со другите софиски другарчиња…

Да скратам. Немам намера да ја анализирам конфузната мисла на Зоран Заев. Всушност, такво нешто и не постои. Во неговиот исказ не постои конзистентност, често дури ни елементарна логика или идеја. Едноставно, не постои оформена мисла. Само суров екстракт од конфузија и лаги.

Немам намера со него да полемизирам. Со таков човек не вреди да се спори за било што. Не вреди со него да се докажувате, да се надмудрувате, да „играте“. Тој не почитува никакви правила. Денес кажува едно, утре друго, а задутре прави нешто сосема трето.

Сте играле ли шах со мајмун? Не, се разбира. Ако се обидете, мајмунот ќе ви ги краде фигурите, ќе ја растура таблата, ќе ви се подбива… Во таква игра, вие, едноставно, немате шанса.

За жал, во оваа наша партија со Заев, никој од нас нема шанса. Освен полтроните. И нему послушните мајмуни. Сите други губат. И допрва ќе губат.

Во овој момент, јас Зорана, со кого едно време од иста вреќа сол сме јале, би сакал јавно и без зла намера, да го предупредам – немој да си помислил да го сториш она што си го наумил! Ако си го наумил…

Ако си спомнал некогаш, да не си помислил пак да спомнеш дека нашиот и бугарскиот се еден јазик! Бидејќи тоа е грозна лага.

Не се фаќај за химната, ионака не ја разбираш. Верувај ми, не ја разбираш. Како што не ја разбира и Бујар Османи.

Не ги пипај знамето и грбот.

Знам дека не си – тоа ти е единствената олеснителна околност – но не станувај сега антимакедонист, Зоран Заев! Во твојата околина има такви одродени некадарници, но не мора ти да бидеш како нив.

Запри се и прибери се, дури не сте направиле некоја голема глупост!

Убаво ти текна дека си млад, дека имаш само 47 години. Животот е долг, а ти нема вечно да бидеш премиер, Зоране. Ако сакаш и утре да живееш со својот народ, мирно и спокојно, мора да го разбереш и да го почитуваш.

Луѓето во Македонија доволно жртвуваа. И повеќе не се спремни на нови идиотски компромиси. Ако поради тоа Евопската унија одлучи со Македонците да не преговара, нека биде така. Налет нека е!

Доста е веќе од овие малтретирања и понижувања!

Ете, така мислат и така се чувствуваат Македонците, Заев. И затоа, пред пак да зинеш или да направиш нешто, ти прво добро размисли шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред…



Македонија

Заболени
156,017
Мртви
5,489
Излечени
150,263
Активни
265
Last updated: 24/07/2021 - 09:56 (+02:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.