Колумни

МОНТАЖЕР НА ТВ КЛАН СЕ ЖАЛИ ДЕКА МУ ПРАВЕЛЕ МОБИНГ ВО ТЕЛЕВИЗИЈАТА И ДЕКА ДОБИЛ НЕЗАКОНСКИ ОТКАЗ

Кемал Алиу од Тетово, медиумски работник и поранешен вработен во ТВ Клан Македонија веќе неколку месеци води самостојна битка за докажување на својата пријава за вознемирувањето на работно место. Заснован е предмет по приватна тужба во Основниот суд во Тетово за утврдување на точните околности под кои Кемал Алиу добил отказ на работно место на 5ти Март 2022 година. Според неговите наводи, причината за прекинување на работниот однос била пријава од негова колешка, вработена на позиција новинар до главниот и одговорен уредник на ТВ Клан Македонија, кој без образложение и утврдување на веродостојноста на пријавата ја донел одлуката да го прекине работниот однос на Кемал Алиу.

Кемал Алиу, медиумски работник и поранешен вработен во ТВ Клан Македонија, според неговите наводи добил отказ поради лажна пријава на неговата колешка мотивирана од лични причини.
Мојата колешка ме пријави до главниот и одговорен уредник, кој потоа донесе одлука да бидам избркан од работа. Пријавата на колешката не беше заснована на вистинита случка, туку имаше лични мотиви зошто ме пријави и сакаше да ме отстрани од моето работно место. Таа случајот го пријави и во МВР, од каде ме сослушаа и се воспостави дека немам никаква врска со пријавата што ја направила колешката против мене и полицијата воопшто не покрена пријава против мене. Но тоа не им беше доволно на моите претпоставени во ТВ Клан Македонија кои досега не го уважија мојот протест на оваа лажна пријава. Затоа сега се влечкам по судови и ќе ја докажам својата невиност, ако треба ќе чекам со години, ама морам да го одбранам своето достоинство и достоинството на моето семејство, вели Алиу за „Мој збор“.

Доколку Кемал Алиу успее да докаже својата пријава за вознемирување на работното место на суд, неговата колешка, инаку вработена во ТВ Клан Македонија на позицијата новинар ќе одговара за остварување на личните цели и интереси на штета на друг, а според законот и се заканува најстрога казна, казна затвор во времетраење од 1 година. Алиу воедно бара на неговата колешка, сегашна новинарка во ТВ Клан Македонија да и се одреди казна и по основ лажно пријавување и лажно сведочење.

Во рамки на приватните медиуми, работните места на новинарите се флуктуирачки и неизвесни. Новинарите и медиумските работници толерираат кршење на Законот за работни односи од страна на уредниците или сопствениците на медиумите, од страв дека ќе ја изгубат работата.

Што е вознемирување на работно место?
Што се подразбира под вознемирување на работно место е прашање на кое не е лесно да се даде одговор. Во психолошката литература се наидува на опис на вознемирување преку: психичко вознемирување, нанесување на психичка тортура, нанесување на страв, изживување, понижување, нефер однос кон вредниот колега се со цел да се отстрани од работа, стратегија за одржување на неспособните на власт, но и начин за остварување на личните цели и интереси за сметка на друг.

Пријавата на мобинг на работно место ја прави вработениот кој бил изложен на вознемирување на работно место, образложувајќи го своето искуство што го третира како „вознемирувачко“. Сепак, дали нешто ќе се третира како вознемирување или не, зависи и од многу индивидуални фактори. Некои поединци го разбираат нефер односот кон нив, како нормален дел од начинот на кој функционира системот и успешно се борат против него, додека други запаѓаат во поголеми кризи на идентитет, па дури и болести а пријавувањето на нефер односот го третираат како пораз бидејќи сметаат дека тие нешто им погрешиле на другите со што ја заслужиле таа казна.

Последиците од вознемирување на работното место се бројни и тие се движат од границите на психичкото до границите на соматското. Луѓето прво појавуваат психички проблеми, а потоа и соматски болести.

Вознемирувањето на работно место доведува до намалена концентрација и фокус во извршувањето на работните задачи, а потоа и до нарушена комуникација. Постојано преиспитување и несигурност во себе и до пад на личната самодоверба. Лицето се соочува со конфликтот (дилемата) меѓу тоа дали да се остане во работната средина или да се даде отпор и напушти работната средина. Работното место во тој случај предизвикува анксиозност, стрес и други забележителни психолошки и соматски симптоми кои можат да се одразат на целокупниот живот на личноста, вели Соња Угриновска – лиценциран психолог, семеен и системски советник.

Поради широкиот спектар на толкувања на „вознемирувањето на работно место“ и пред се постоење на индивидуални разлики во начинот на кој се вреднуваат искуствата, вознемирувањето на работно место е тешко да се докаже. Загрижувачки податок е тоа во 2020 и во 2021 година бројот на пријавени случаи за мобинг значително опаднал, токму поради сложениот процес на докажување на кој се изложени пријвителите. Втор загрижувачки податок е дека судскиот процес трае долго, а досега се донесени решенија на мал број предмети отворени по основ „вознемирување на работното место“.

Случаи на вознемирување на работното место кај новинари и медиумски работници
Новинарите и медиумските работници кои се соочиле со вознемирување на работното место водат лични битки за докажување на својата обесправеност. За жал, во рамките на новинарската професија малку се води сметка за вознемирувањето на работно место кое го претрпеле новинарите и медиумските работници од своите колеги.

Од една страна се појавува чувство на непријатност за искажана реакција токму поради тоа што во случај на вознемирување на работно место кај новинар или медиумски работник и обесправената страна и страната која е вршител на вознемирувањето се припадници на една иста фела. Од друга страна, без донесување на судско решение, до кое макотрпно се доаѓа, е неетички и непрофесионално да се искаже реакција без да се утврдат точните околности под кои е направена пријавата за вознемирување на работното место.

Како да се справиме со мобинг на работно место?
И покрај разочарувачките податоци за малиот број на донесени судски одлуки по пријави за вознемирување на работното место и просечната должина на судските спорови, сепак единствениот начин да му се стави крај на вознемирувањето на работното место е тоа да се пријавува.

Зголемениот број на пријави го алармира системот и обрнува внимание на оваа појава, со што се менуваат и навиките и културата во работната средина и се обрнува внимание на избегнување на вознемирувањето на работно место.

Наместо да се затвораат во себе и да го сметаат вознемирувањето како личен проблем, жртвите на вознемирување на работно место треба да бараат помош од институциите и надлежните. На тој начин си даваат шанса за правда себе си, но и придонесуваат за тоа да се спречи ширењето на вознемирувањето на работното место и да зафати некој друг поединец.

Новинарите и медиумските работници се изложени на чести притисоци од заегнатите страни во новинарските стории, особено чувствителни се темите во кои се откриваат измами на големи суми на пари, или злоупотреба на службена должност за која постои строго предвидена казна по сторено кривично дело.

  

На опасност при вршење на својата работа се изложени новинарите и медиумските работници секојдневно. Здружението на новинари на Македонија отвори регистер на напади врз новинарите кои се регистрирани од 2014 година до денеска. Утешителен податок е што бројот на напади во последните две години се намалува. Во 2021 година регистрирани се 5 напади врз новинарите, а во 2022 година, досега е регистриран еден физички напад врз новинар и снимател.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници пласираше web платформа на која новинарите и медиумските работници може да ги пријавуваат нападите. Според податоците од регистерот на ЗНМ, забележително е дека најголем број од пријавените случаи се физичките напади на новинарите. Тоа покажува дека другиот тип на вознемирување не се пријавува, а новинарите заштита бараат само кога е крајно време, односно кога доаѓа до физичко загрозување на нивната безбедност.

ЗНМ и ССНМ понесоа заедничка иницијатива до ОЈО за отворање на посебен оддел кој ќе ги третира само нападите врз новинарите и медиумските работници, како би се забрзал процесот на завршување на предметите во судовите. Веќе неколку години се очекува да се донесе закон со кој нападот врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице и строго ќе се казнува. Сепак, оваа барање е затворено во Собранието, под изговор дека пратениците имаат поважни и поприоритетни прашања за кои треба да расправаат и усвојуваат законски решенија.

Покрај тоа што, новинарите и медиумските работници се мета на напади, надвор од својата професија, тие често се жртви на насилство и вознемирување и внатре професијата. Прашањето за вознемирувањето на новинарите и медиумските работници внатре професијата не наидува на доволно внимание од новинарските здруженија и од критичката јавност. Вознемирување на новинарите на работното место се третира под општиот закон за мобинг кој е донесен во 2013 година како дополнение на Законот за работни односи. Сепак спецификата на работата на новинарите и медиумските работници, подразбира и посебна заштита од вознемирување на работно место.

Автор: Магдалена Стојмановиќ, МОЈ ЗБОР



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.