КолумниТОП

Лозари ја доставија преписката со министерот Хоџа: Ова е вистината, да дојдеше министерот, ќе видеше со свои очи што се случуваше!

ФОКУС

Апсолутна невистина е дека помеѓу лозарите имало провокатори, водени од партиски мотиви, а уште пак помалку дека дури и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев е вмешан во било што поврзано со протестот. Тој единствено дојде таму и остана до крај со лозарите, а ако министерот за земјоделство Арјанит Хоџа смета дека некој нешто планирал за политички поени, требаше и самиот да дојде пред винарската визба, и лично да се увери што се случува. Беше поканет и информиран за настаните од страна на лозарите, уште на самиот почеток, пред да бидат истурени приколките со грозје пред винаријата Тиквеш, негова беше одлуката да не дојде – вака за ,,Фокус” раскажуваат лозари кои беа дел од протестот кој се случи пред винарската визба Тиквеш во Кавадарци пред два дена.

Од лозарските здруженија велат дека се разочарани поради тоа што повторно се мешаат прстите на политиката во лозарството, наместо во ек на гроздобер да им се излезе во пресрет.

Како всушност почна проблемот на лозарите, кој ексалираше и заврши со истурени приколки вранец пред визбата, а потоа и со уривање на металната ограда, за ,,Фокус” појаснува еден од лозарите, кој прв објави видео на социјалните мрежи на кое се гледа како ја истура приколката со грозје. Горан Кимов, инаку е лозар од Неготино. Вели дека лозарството со генерации наназад било во неговата фамилија, но поради сите константни проблеми со кои се соочуваат лозарите, со години наназад, ќе биде и последната генерација на лозари.
-Со ред да почнеме, за да знае јавноста и да се запрат манипулациите со народот. Нема никаква политичка, односно партиска позадина случајот, и грев е лозарите да бидат претставувани како провокатори. Таму имаше народ, над 700 луѓе, кои добро знаат што точно се случи. И министерот Хоџа ќе имаше реална слика, доколку дојдеше, кога го поканивме.

Ден пред протестот од винаријата измерија малигани на вранецот, беа околу 21, ни рекоа утре да се бере грозјето. Јас сум инаку од Неготино, ја носев приколката на мои роднини. Кога според договореното стигнав пред визбата, грозјето повторно беше измерено и покажа 20,4 малигани. Отсечно ми кажаа дека имаат нови правила, не примаат под 21 малиган. Нормално дека прашав зошто тоа не ни се кажа претходниот ден, ако требало поголема шеќерност, ќе чекавме уште неколку дена. На прашањето што да му правам на грозјето, кое беше повеќе од три тона, одговорот беше да си го носам. А каде да го носам? –раскажува лозарот.

-Истото му се случи и на други лозари, и што беше дополнително иритирачки, не ни добивме било каква белешка на која пишува колку точно малигани беа измерени. По сета мака со бербата, да бидеме доведени во ваква ситуација, што можевме да правиме? Да се надеваме на помош од министерот, да го известиме и да го повикаме да дојде и да види што се случува. Токму тоа и го направивме. Му пративме порака на неговата официјална страница во 10.27 минути.

-Министре, да дојдеш во Тиквеш да видиш како се откупува грозјето, гласеше пораката. Добивме автоматски одговор дека истата е примена. Потоа му пративме уште една порака која гласеше – Грозје со 20,4 шеќерни единици, го враќаат назад. Барем да не известеа дека од денеска ќе се откупува грозје само со над 21 шеќерна единица. Во 10.57 добивме повратен одговор кој гласеше – Одма сега ќе пратиме од инспекторатот да се види на лице место.

Бевме трепливи и чекавме. Не дојде ниту инспекција, ниту пак било кој од министерството. Во 13.35 минути, значи по речиси три часа чекање, пак му пишавме – Министре, тука во Тиквеш, ни инспекција, ни па некој друг дојде. На таа порака веќе не добивме ниту повратен одговор, за жал.

Насобраните лозари на кои не им го примаа грозјето го алармираа кавадаречкиот градоначалник Јанчев, кој веднаш дојде и разговараше со присутните. Баравме од него да се сретне со надлежните во винаријата и да се најде решение. Тој влезе внатре, но кога се врати ни кажа дека од винаријата остануваат на ставот дека нема да го примат грозјето со помала шеќерност од 21 малиган. Значи, ни преостана сами да се снаоѓаме и да правиме со него што знаеме.

Дојдоа и пратеници од Кавадарци, и тие разговараа внатре со надлежните од винаријата, ни го пренесоа истиот одговор, дека нема да се откупува грозје под 21 малиган – вели Кимов.

Целата таа ситуација се одвивала пред очите на голем број очевидци, а лозарите револтирани од односот на винаријата, решиле да го истурат грозјето, бидејќи, не ни имале каде да го носат.

-Градоначалникот Јанчев, ниту со нас нешто се договарал, ниту не убедувал да правиме проблем или пак провокации, и навистина е грев да се фрла дамка врз лозарите, кои само бараат фер и коректен однос. Ако имало провокатори, како што обвинуваат од министерството, да потсетиме дека пред винаријата имаше над 700 лозари, луѓе земјоделци кои не ги интересира политика, туку гледаат да го предадат родот и очекуваат почитување на договорите, а не промена на условите за откуп, за која никој не не извести со време.

Тоа е целата приказна, и грев е да се извртува вистината за да се добијат политички поени. Ние сме земјоделци, нека не не злоупотребуваат, бидејќи овие проблеми со откуп и со ниски цени не се од вчера, со години наназад лозарството тоне. Ниту имам нешто со Јанчев, не сум ниту од Кавадарци, ниту со било кој политичар, само барам достоинствен однос кон лозарите. Би му порачал на министерството за земјоделство, дека јас сум последна генерација која се занимава со лозарство, токму поради сите манипулации со кои сме соочени секој гроздобер, со години наназад – вели лозарот, кој ни ја достави преписката со министерот Хоџа, која се одвивала пред да им се прелие чашата на лозарите и пред да го истурат грозјето.

Додека траеше протестот, и дел екипата на ,,Фокус” беше на самото место. Насобраните лозари беа од Кавадарци, но во голем број и од Неготино, и бараа да дојде министерот, или пак да испрати претставник од министерството. Тогаш, во телефонски разговор за ,,Фокус” Хоџа порача лозарите да се смират и да си одат, бидејќи винаријата нема да врши откуп во наредните два дена. Исто така изјави дека преговарал со други винарии, кои наредниот ден ќе започнеле откуп со цените кои претходно беа објавени од Тиквеш. Рече дека нема да дојде пред винаријата, иако лозарите инсистираа на негово присуство. Многу од нив, останаа до раните утрински часови пред винаријата, а со нив беше и градоначалникот.

Сега, го прашуваат министерот кои винарии вршат откуп според најавените цени, бидејќи како што тврдат од здружението Тиквешки лозаро овоштари, се уште не знаат што ќе се случува со грозјето, и во Кавадарци откуп се вршел во еден пункт, исто и во Неготино, со отворена цена.

Реакции на лозарите доаѓаат и откако денес министерот изјави дека наводно кавадаречкиот градоначалник стои зад настаните и се обидел политички да профитира.

-Ако незадоволство имале одредени политичари, односно градоначалници, зашто не им успеало тоа што го планирале, навистина ми е жал што сакале да ја употребат маката на лозарите за да поентираат политички. Сум кажал и на самиот почеток, кажувам и сега – додека јас го водам Министерството, политика во земјоделството нема да има, нема да се делат не само лозарите, туку и сите други производителите по политички бои.

Жал ми е што тоа некои политичари се уште не го сфатиле, дури се обидуваат да добијат уште еден градоначалнички мандат на маката на лозарите. Жал ми е, зашто градоначалникот на Кавадарци го ценам како мој пријател. Не ми беше јасно што се случуваше тој ден. Но, со моја ургенција лозарите беа примени кај раководството на „Тиквеш“ за да разговараат и веднаш потоа откупот почна, но изгледа тоа не им одговараше на поединци и повторно го прекинаа откупот-истакна тој, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со црногорскиот колега Александар Стијовиќ.

Од лозарските здруженија од Тиквешко, појаснуваат дека протестот беше поради нивното незадоволство од развојот на настаните, но и од традиционалните проблеми со откупот и бараат да не се злоупотребува нивата мака за добивање на предизборни поени од било која страна.

-Од ветените 13 денари за килограм, се стигна до осум денари. Како може да бидеме задоволни? Каде е масовниот откуп?– прашуваат.

Потсетуваат дека чекаат откупот да започне да се одвива без прекин, и конечно да се објават цени кои претходно беа спомнати во неформалниот договор, 11 денари за смедеревка и 13 денари за вранец.
Апелираат власта да им излезе во пресрет, бидејќи немаат време за чекање, ниту пак за партиски препукувања врз нивниот грб.

Според заклучокот кој го донесоа на средбата која се одржа вчера во Кавадарци, ќе чекаат на стабилизирање на состојбата и започнување со почитување на неформалниот договор за откупните цени, а доколку тоа не се случи, утре ќе одлучат кои чекори ќе ги преземат.



Македонија

Заболени
189,887
Мртви
6,594
Излечени
170,956
Активни
12,337
Last updated: 27/09/2021 - 08:15 (+02:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.