Колумни

Лажниот плач на патетичниот Никола Димитров

Лажниот плач на патетичниот Никола Димитров

Пишува: Предраг ДИМИТРОВСКИ

Не дека тие не ни се познати. Познати се уште од есента минатата година, кога бугарското Народно собрание едногласно ја донесе декларацијата за нивните постапки во процесот на приклучување на Македонија кон ЕУ. Па, нели, Македонија е најромантичниот дел на бугарската историја.

Значи, не е во тоа проблемот. Проблемот е што правел во меѓувреме нашиот министер за надворешни работи? Ништо! Се посветил на милион други работи, само не на тоа што треба да му биде меѓу приоритетите. А, зошто, само тој самиот си знае. И тука не станува збор за фокусирање на европската агенда или на ангажманот околу враќање на македонските граѓани затекнати во странство во екот на светската пандемија со корона вирусот.

Не! Во случајов две работи се суштински. Прво, обидот на Никола Димитров да сокрие од јавноста дека бугарските услови станаа и европски! Таков каков што го дал Господ, самобендисан „дипломат од кариера“ летнат во облаците на домашниот самопрогласен квазиелитизам, излегува дека не мрднал ни со мал прст да интервенира и да ги разубеди европските лидери дека билатералните услови, што суштински навлегуваат во македонскиот идентитет, а по Грција, сега на таа карта уште поопасно игра и Бугарија, не смеат да бидат преточени во европска, демократска вредност. Посебно не во 21 век. Наспроти искрените обострани желби за добрососедство и меѓусебно разбирање. Дали тоа некој ќе го стави во релација на двајца браќа или први братучедни е сосема друга работа.

И второ, ситуацијата потврдува дека министерот Димитров својата политика не ја води самиот тој, туку ја препушта на некој друг однадвор, кој ќе треба да ги решава или диктира новите проблеми. Нешто што досега го видовме, а богами и многу добро почувствувавме преку апсолутна деноминација како народ и уништување на елементарното човечко достоинство на обичниот Македонец, кое заврши како обична крпа за бришење под.

Во тој апсолутно погрешен приод, Димитров наместо да работи, остава „Бугарија да порасне“! Види мајката! Па, ако тој чека држава со традиција да порасне за да ја прифати новата реалност на постоење на македонскиот јазик и идентитет, нема да му бидат доволни ни уште три животи. Зашто, едноставно не е дораснат да ги претставува, а уште помалку зацврстува македонските интереси. Тој е само еден обичен послушник и марионета, кому му е најважен личниот интерес. И ништо друго.

Затоа патетично делуваат неговите жалби и лажниот плач за македонскиот јазик, за заборавањето на македонското малцинство во Бугарија и објавувањето на сите имиња на оние кои граделе животни кариери на сметка на македонските Бугари или само Бугари. Кој како сака и како се чувствува. Ако имаше елементарно чувство за припадност многу порано ќе направеше мал милион потребни и неопходни работи. Откако ја прифати познатата бугарска тактика „со тивко, со кроце…“ сега нека не продава патриотизам, уште помалку македонски национализам. Зашто, тие куршуми веќе не поминуваат. И нека се подготвува со својот милозвучен глас на митинзите да ги убедува Македонците дека благословена е раката, што потпишуваше и тоа што треба и тоа што не треба. Истата таа рака, што беше предмет на една таткова клетва, која, според преданијата, фаќала до деветото колено.

 



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.