Црна Хроника

Кој ја пpoби akциjaтa „Планина“ и зошто МВР нeмaшe свои пpeтcтaвници во Oпepaтивниот штaб?

Едномесечен молк во врска со истрагата за пробивањето на акцијата „Планина“ наведува на сомнеж дека во позадина се подготвува заташкување на случајот и откривање на кртот во институциите кој ги предупредил нарко-босовите од Грчец навремено да се дадат во бегство. Дали кртот бил дел од оперативниот штаб на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција или пак од МВР, на јавноста не и е дозволено ниту да поставува прашања – особено кога прашањата се во вистинската насока. Одговор со латентна закана доби редакцијата на „Инфомакс“ на прашањата поставени до ОЈОГОКК. Од МВР пак добивме замолница да наидеме на „разбирање“ поради сензитивноста на истрагата во која тие не сакаат да бидат алиби за евентуална компромитација на истата.

Како изгледа постапката за спроведување на оперативна акција од обем како „Планина“?

Според Законот за кривична постапка, во оперативни обработки, односно оперативни акции како „Планина“ главниот збор го има јавниот обвинител. Тој ги прибира потребните информации, ги процесуира и дава наредби за стратешките чекори во истрагата. Јавниот обвинител гради и стратегија за истрагата која ја координира со соодветните служби во Министерството за внатрешни работи.

Кога станува збор за „Планина“, главниот збор го има шефицата на ОЈОГОКК Вилма Русковска. Таа ги издава наредбите за истражните дејствија, а службите на МВР се нејзин сервис во истрагата – конкретно, во инструметариумот на Русковска за оваа акција на располагање се ставени Одделот за организиран криминал и корупција и Одделот за сузбивање на трговија со наркотици и оружје.

– Со новиот Закон за кривична постапка, Јавниот обвинител има главна улога во откривање и гонење на кривичнни дела, поради што МВР штом добие сознанија за кривично/и дела го иннформира соодветното обвинителство, посебни ако треба да се применат посебни истражни мерки (ПИМ), објаснува екс-министерот за внатрешни работи Павле Трајанов, лидер на Демократскиот Сојуз.

Вилма Русковска за криминалните активности на групата од Грчец била информирана во текот на минатата година, од кога, како што вели таа започнала и оперативната обреботка. Од тој момент, одговорна за водење на истрагата е токму шефицата на ОЈОГОКК која согласно ЗКП ги издавала сите наредби за спроведување на истражните мерки, меѓу кои и ПИМ.

– Одделот за спречување на трговија со дрога, одделот за организиран криминал, Агенцијата за Национална безбедност, сите заедно или АНБ самостојно собираат информации. Најчесто се отвара оперативна обработка или акција каде се собираат овие информации, вели Павле Трајанов за „Инфомакс“.

Обвинителството не секогаш има допир со сите прибрани информации, туку само оние информации кои по барање на надлежниот обвинител ќе бидат побарани – што води до логичниот заклучок дека МВР има повеќе информации од оние кои ги има Русковска во било кој момент од постапката.

– На ЈО не му се доставуваат тековно сите информации туку само ако им треба формално правни дејствија, пред се поради можна деконспирација (да немаат допир многу луѓе до сензитивни информации). Понатаму ако се вклучени повеќе сектори или МВР и АНБ, тогаш АНБ информациите ги отстапува информациите при реализација на оперативната акција, објаснува Трајанов за „Инфомакс“.

Тука некаде протекуваат и иннформациите, кои Русковска тврди дека биле клучни во остварувањето на бегството на нарко-босовите од Грчец. Во полициската акција под диригентска палка на ОЈОГОКК фатени беа неколку стотина грама кокаин и помала сума на пари.

– И во текот на обработката протекуваат информации, но најважно е при подготовките за апсење да не се пробие планот, но тоа во оваа акција се случило, тврди екс-министерот за внатрешни работи Павле Трајанов.

Кој луѓе ги имале сите информации во секое време, и кој бил во оперативниот штаб?

Оперативниот штаб на ОЈОГОКК се формира веднаш по добивањето на првичните информации од МВР уште минатата година, за кога и самата Русковска тврди дека започнала акцијата за прибирање на информации и оформување на кривичниот предмет.

Според информациите на „Инфомакс“, во оперативниот штаб формиран од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во целиот период МВР нема свој официјален претставник кој бил ја координирал оперативната обработка/акција. Наместо тоа, во оперативниот штаб присутни биле само претставници на ОЈОГОКК како и тројца странски претставници кои не се припадници на американската ДЕА.

Сепак, од ОЈОГОКК за Инфомакс одбиваат да дадат одговори на поставените прашања, наместо тоа се одлучија на латентна закана. Одговорот го пренесуваме во целост:

– Одговорот на прашањата за кои покажувате интерес задираат во оперативни детали што во ниту една постапка во која постапува обвинителството не биле предмет на споделување со јавноста. Со оглед на нивната сензитивност и нивното директно задирање во процесните дејствија на постапката, во моментов не може да споделиме информации. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција резултатите од спроведената акција детално ги сподели и образложи во обем што дозволува за да се задоволи интересот на јавноста, а притоа да не се загрози истрагата и презумпцијата на невиност. Во моментот кога обвинителството ќе оцени дека споделените детали нема да наштетат на постапката, навремено ќе ја информира јавноста, стои во одговорот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Значи, во оперативниот штаб во секој момент биле присутни претставници на ОЈОГОКК, тројца странски претставници и истражители кои ОЈОГОКК ги ангажира од МВР. Во ниту еден момент, МВР во оперативниот штаб нема свој официјален претставник во смисла на началник или раководител на одделение.

Неофицијално дознаваме, иако такво барање до МВР било испратено, од министерството одбиле да испратат свој претставник во ОЈОГОКК токму поради елиминирање на можноста за деконспирација – пробивање – на акцијата пред нејзина реализација.

Сепак, тоа не гаранција дека акцијата не е пробиена токму од МВР.

Освен присутните во оперативниот штаб, контакт со информациите имале и полицајци вработени во Одделот за гонење на организиран криминал и корупција но и во Одделот за спречување на трговија со наркотици. Како што претходно објаснивме поради спроведување на наредбите од ОЈОГОКК тие морале да имаат информации со овие информации.

– Јавното обвинителство многу тешко може да ја расчисти провалата доклку МВР и АНБ не се вклучат посериозно, особено ако немаат интерес или провалата е од лица повисоко поставени во хиерархијата, вели за „Инфомакс“ екс-министерот за внатрешни работи Павле Трајанов.

Тоа значи дека во контакт со сите информации во секое време, по наредба на ОЈОГОКК контакт имале раководителите на Одделот за организиран криминал и корупција и Одделот за борба со недозволена трговија на дрога. Две функции под директна наредба на Директорот на БЈБ.

– Каков штаб имало во ОЈОГОКК не знам, сигурно и со припадници на МВР (истражители), но не сум убеден дека оперативно тие раководеле цело време со операцијата, многу малку оперативни информации им доставуваат освен пред реализација, поврзано со претреси, апсења итн, објаснува Трајанов за Инфомакс.

Дали полицајци ја пробиле акцијата?

Дека голем дел од нарко-босовите поврзани со Шеваљ Мемети биле во комуникација со полициски службеници веќе видовме и фото-документирани примери. Секако, тоа може но и не мора да значи ништо, особено ако знаеме дека за акцијата МВР биле известени само три часа пред спроведувањето на претресите и апсењата.

Ако ги земеме во предвид сите претходно објаснети околности, само Оперативниот штаб на ОЈОГОКК и началниците на Одделот за гонење на организиран криминал и корупција, односно Одделот за борба со недозволена трговија на дрога имале постојан контакт со сите информации и ги знаеле сите наредни чекори.

Веројатноста за тоа од каде излегле информациите се сведува на три одговорни лица – шефовите на ОЈОГОКК, началникот на одделот за организиран криминал и корупција и началникот на одделот за борба со недозволена трговија со дрога. Можеби не тие директно, но лица под нивна команда.

Според мене, неверојатно е некој директно вклучен во полициската акција на денот на апсење да ја оддал информацијата, особено ако знаеме дека полицајците задолжени за апсење на нарко-босовите за таква акција дознале три часа пред акцијата.

Освен ако не е човек со супер-моќи Шеваљ и неговите другари за три часа не би имале можност да избегаат и притоа да не остават ниту една трага. Тоа била акција подготвувана подолго време.

А, за тоа како ова е поврзано со акцијата во која „падна“ шоферот на Трајче Заев ќе читате во следниот текст.

А.Митовски



Македонија

Заболени
154,524
Мртви
5,184
Излечени
143,427
Активни
5,913
Last updated: 15/05/2021 - 10:41 (+02:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.