Колумни

КОИ ЌЕ БИДАТ НОВИТЕ МИНИСТРИ ОД СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИТЕ? Дворски игри во СДСМ, Ковачевски на мака со Спасовски и Николовски

Она што засега останува како најголема непознаница во однос на составот на новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски се секторите внатрешни работи и одбрана, како и лидерските позиции за другите безбедносни сектори. Партиски извори брифираат дека западноевропските дипломати искажаа сериозна загриженост во однос на изборот на кадрите и безбедносните сертификати неопходни во работата со НАТО.

Оливер Спасовски се откажа од функцијата во СДСМ, за Ковачевски рече дека тој треба да си го избере тимот, но сепак упорно ги користи сите полуги на својата актуелна позиција како се уште актуелен министер за внатрешни работи да остане на таа позиција. Ама освен проблемите со Ковачевски, Спасовски има уште посериозни проблеми со претставниците на меѓународната заедница во Македонија, особено со дипломатите од амбасадата на САД и од Канцеларијата на ЕУ.

Според партиски извори, освен министерската фотеља, Спасовски ја користи и кумановската позиција и блискоста со таткото на актуелниот мандатар за состав на нова влада и новиот прв човек на СДСМ Димитар Ковачевски. Слободан Ковачевски, таткото на Димитар, беше градоначалник на Куманово кога Спасовски беше неприкосновен во општинската организација на социјалдемократите. Наспроти ова лобирање, ново-старите имиња во СДСМ, кои важат како луѓе на Бранко Црвенковски, поранешниот неприкосновен лидер на партијата, Миле Зечевиќ, Игор Ивановски и Андреј Петров, сметаат дека на Ковачевски навистина му треба нов и партиски и владин тим.

Тука, според партиски извори, зачудува недефинираната позиција на Зоран Заев кој досега не се искажал ни за ни против можното останување на Спасовски на министерската позиција. Како можен компромис кој најмногу би му одговарал на Спасовски се споменува и името на професорот Никола Дујовски.

Очигледна е и нерешителноста на Ковачевски во однос на позицијата на Спасовски – од една страна се пријателските препораки од дипломатите, бројните афери во кои клучно е името на Оливер Спасовски (бегството на Никола Груевскииздавањето македонски пасоши за наркобосовите од регионотдипломатскиот скандал со дипломатот Миле Миленковскинезатворањето на техничката станица каде што автобусот на Беса транс добил регистрација…), но и неговото се уште силно партиско влијание. Пораката испратена до Ковачевски е јасна – не ти треба министер(и) поврзан(и) со бројни скандали.

Во сите овие комбинаторики не е занемарлива и улогата на се уште актуелната министерка за одбрана Радмила Шекеринска чие влијание во безбедносните структури не е за занемарување, па оттаму и нејзиниот интерес за кадровските решенија. Се разбира, Шекеринска отворено кажува дека Љупчо Николовски не би бил достоен нејзин заменик, но затоа пак е тврда за тоа на нејзината позиција да ја донесе Катерина Ставреска, поранешен член на нејзиниот кабинет, а сега вработена во МНР. Таа е упорна да го вдоми и воениот разузнувач Горан Василевски, но овојпат за цивилната функција која Македонија треба да ја пополни во мисијата на ОБСЕ во Виена. И ова лобирање сериозно го отвораат прашањето за неповрзаноста на воените задачи со цивилните. Шекеринска е упорна и генералот Симеон Трајковски да го прати во Брисел. Целиот овој нејзин ангажман всушност само покажува дека иако официјално најави повлекување, таа и натаму сака да има сериозно влијание и во партијата и во власта.

Во лобирањето за Ставревска како резервна комбинација е и Артан Груби, од ДУИ, кој би ја прифатил оваа понуда. Но, евентуалниот ваков потег веднаш предизвика сериозна реакција на Алтернатива, како нов член на владината коалиција и партија која го обезбедува собраниското мнозинство.

За позицијата на Шекеринска, се водат сериозни дворски игри во СДСМ. Љупчо Николовски пројавил сериозни амбиции да биде новиот министер за одбрана, што, пак, претставува проблем и за новите партиски луѓе, но и за оние од меѓународната заедница кои имаат зголемен интерес за овие чувствителни позиции, особено кога станува збор за неопходните безбедносни сертификати во комуникацијата со структурите на НАТО.

Освен внатрешни работи и одбрана, се поставува прашањето и за тоа кој ќе биде новиот човек на чело на Агенцијата за национална безбедност, но и новиот советник на премиерот за национална безбедност каде што сега е Зоран Верушевски. Тој и Виктор Димовски, актуелниот директор на АНБ, имаат сериозен багаж и во однос на новата поставеност на фигурите во партијата. Освен тоа и комуникацијата на Димовски со Спасовски не оди баш најдобро поради одредени недоразбирања околу тоа кој каква надлежност има.

За сите овие позиции странците сериозно ја ставаат под сомневање безбедносната култура во однос на серификатите. Тие бараат чисти биографии, а дворските игри вадат само стари и компримитирани имиња.

Петре Шилегов е упорен да го земе Министерството за транспорт и врски. ДУИ го сака Министерството за образование и тука Јетон Шаќири (кој се повлече од министерското место за информатичко општество) ќе треба да му помогне на Рамиз Мерко за некои проблеми на неговиот универзитет во Струга. Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, новата потпретседателка на СДСМ се амбицира да биде министерка за култура. Планот на Никола Димитров да оди амбасадор во Вашингтон тешко ќе се оствари поради нарушените односу со Заев…

Сето ова навистина многу му ги заматува и отежнува плановите на Ковачевски кој е упорен, барем во изјавите, дека сака да владее врз принципите на професионалност, одговорност, против партискиот клиентелизам и за способноста и интегритетот на поединците.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.