Колумни

Јас не простувам никому!

Бранко Героски

Изјавата на Зоран Заев дека треба да му се прости на непријателот (на политичкиот непријател, попрецизно), за да престанат поделбите во Македонија, предизвика бура од коментари во медиумите и на социјалните мрежи. „Тоа апсолутно значи дека секој ќе оди на суд и ќе си понесе одговорност – се обиде Заев да биде јасен – но мораме меѓусебно да си ја испратиме пораката за простување, ако сакаме да соработуваме“.

И навистина, коментарите главно се сведуваат на прашањето на одговорноста за злоделата што ги изврши хунтата на Груевски – корупција, криминали, убиства. Малку е тешко да се сфати концептот на „простување“ при јавно преземената обврска виновниците да се изведат пред лицето на правдата и да се осудат, без амнестија и без каков било друг акт на вонредна милост.

Имено, ако сите виновници ги добијат заслужените казни (а Заев, нели, ветува дека „секој ќе оди на суд“), тогаш нема да имаме кому да простиме – на невините немаме за што да им простуваме, а на виновниците што евентуално ќе се извлечат од канџите на правдата, едноставно, не смееме да им простиме.

Јас го разбирам Заев. Тој сака да прости како верник. Така и рече. Но, религиозниот концепт на простување не е поврзан со претходна лустрација на виновниците, туку со една сосема друга, морално комплицирана и предизвикувачка идеја – со признанието дека сите сме грешни. Зошто мораме да простуваме? За да ни се простат нашите гревови.

Нека извинат верниците (јас сум атеист), но на душата немам никаков грев за злата крв што бликна во Македонија во деценијата на страховладата на Груевски. Не се чувствувам виновен за поделбите. Јас и најголемиот дел од вас, почитувани читатели, заедно со Заев, никого не делевме, никому грев не сторивме.

Ние бевме жртви на баграта. Затоа, не чувствувам обврска никому да простам.

Му предлагам на Заев да ја промени реториката, за сепак да ја сочува својата благородна мисла. Јавно нека зборува да прекинат поделбите, нека демонстрира соработка, нека подаде рака на помирувањето. Прво од мене ќе добие поддршка. Но, простувањето нека му го остави на Бога. Грешните нека си се покајат (има во Идризово капела), нека го замолат Бога да им ги прости гревовите, а тој нека поработи малку – барем нему не му треба мандат од Иванов.



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.