ЖивотСпорт

Ива Пројковска – прва македонска интернационална ФИФА-судијка: Лесно се справувам со пцостите и навредите на теренот

Ива Пројковска е првата Македонка, интернационална ФИФА-судијка, која е во елитната група на најдобрите 20 судии во Европа. За себе вели дека го сака фудбалот од дете, но и воопшто спортот. „Да се биде ФИФА-судија, значи голема одговорност, пред сѐ, и можност да бидам дел од големите европски и светски натпреварувања“, вели Ива во интервју за „Репортер“. Да се биде судија е голем предизвик, особено, вели таа, кога некој доаѓа од мала држава како Македонија. Вели дека ѝ е чест што е првиот судија во елитната група и дека ова е само почеток на остварувањата на нејзините соништа и испишувањето уште многу историја за македонскиот фудбал.


„Ја сум многу строга во она што го работам и тоа ме разликува од другите. Едноставно, имам свои принципи во животот и сакам правилата да се почитуваат. А се разбира, мора некој да биде лошиот во приказната и баш тоа сум јас“, вели Пројковска.

Ива дипломирала на Полициската академија во Скопје, на криминалистичко-криминолошката насока. Постдипломски студии запишала на форензичка физика на Природно-математичкиот факултет и безбедносни науки на ФОН, но сепак работи како фудбалски судија.

„Криминалистиката и сѐ што научив при студирањето ми помага полесно да се справам со сите предизвици на фудбалските стадиони. Го сакам фудбалот и воопшто спортот, ја сакам и правдата, но логичкото размислување, да ги поврзувам настаните и да ги откривам сторителите на прекршоци и веројатно успеав да го најдам спојот помеѓу двете работи“, открива првата македонска ФИФА-судијка.

Секој натпревар има посебно значење во нејзината судиска кариера, но особено се гордее со последниот натпревар жени од четврт-финалето во Лигата на шампионите помеѓу екипите на Волфсбург и Арсенал, на кој имало речиси 13.000 гледачи, како и на полуфиналниот натпревар на кој била како четврти судија помеѓу Лион и ПСЖ, каде што првпат ја добила можноста да биде дел од оваа фаза на најелитното клупско натпреварување.

Ја навративме Ива на нејзините почетоци, кои почнале од судење на детски лиги, каде што вели се чувствувала збунета и со надеж дека побргу ќе завршат.

„Како главен судија знам дека беше натпревар од детските лиги во Драчево, кој играше – не знам, меѓутоа контролорт Ацо Мировски-Шац ме натера да судам на тој натпревар за кој денес многу сум му благодарна. Пред тоа како асистент судија почнав во четвртата лига на ОФС Гази Баба, натпреварот се играше во Скопско Поле, а со кого играше домаќинот – не се сеќавам“, раскажа Ива.


За анегдоти од теренот вели има многу, а како најинтересна е онаа кога била гледач на еден натпревар, па седела меѓу некои од навивачите на Вардар, кои почнале да го пцујат главниот судија. „Една од пцостите беше поврзана со жена му (а судијата беше млад, неженет), па им се обратив и им реков – повелете јас сум му жена. На тоа навивачите престанаа да го пцујат судијата и по неколку минути, почнаа да навиваат: „Жена ти е фраер судија, судија, судија“, вели Ива.


А кога си судија, тука се и непријатните ситуации од терен, во кои треба да знаеш како да се справиш. Не се исклучени и честите навреди што се упатуваат кон судиите.

„Со играчите полесно се справуваме поради тоа што на теренот смееме да доделуваме дисциплински мерки, а публиката само си ги покажува својата спортска култура и домашното воспитување“.

 
Да се биде судија на терен, треба да имаш и добра кондициска подготвеност, па токму затоа таа има редовни тренизи, вкупно седум во неделата.

„Често знам да спортувам со моите пријатели. Во зависност од годишните времиња и временските услови – планинарам, возам велосипед, играм пинг-понг, пливам, скијам, веслам“, раскажа Ива.

 
Дрес-кодот на судијките на фудбалскиот терен е унифициран, но сепак има разлики во зависност на какво првенство се суди.

„Имаме дресови во разни бои и брендови, во зависност дали се работи за натпреварите од домашното првенство, УЕФА-натпреварувања или ФИФА. Стандардната опрема ни е дрес, шорц, штуцни и копачки, на натпреварите најчесто одиме лежерно облечени, а на меѓународните натпревари имаме опрема со логото на УЕФА. Бојата на дресот ја избираме во зависност од боите на домашната и гостинската екипа. Судиите секогаш треба да се разликуваат од сите други играчи“, вели Ива. Наспроти стилот на облекување на терен, приватно таа најчесто преферира секојдневни комбинации.

„Зависи од пригодата. Најчесто носам патики и, искрено, најсигурна сум во нив, меѓутоа и добри високи потпетици ми се составен дел од животниот стил“, рече Ива за „Репортер“.

Кога ја прашавме за хоби, рече дека има и е малку несекојдневно.

„Собирам алкохолни пијалаци од сите земји во кои патувам. Се разбира, за пиењето се задолжени другарите и другарките“, вели Ива.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.