Македонија

Ѓорѓиевски : Визијата за модерна Кисела Вода станува реалност за сите

Визијата за модерна Кисела Вода станува реалност за сите, порачува градоначалникот на оваа скопска општина, Орце Ѓорѓиевски.

КУРИР со него разговараше за досега сработеното, но и за идните планови за работа насочена кон решавање на проблемите на жителите на Кисела Вода.

КУРИР: Месецов го заокружувате деветиот месец од вашиот мандат. Од она што е досега сработено, видливи се проекти во речиси сите сфери, но за почеток, да проговориме малку за обновата на патната инфраструктура, како една од најголемите болки на жителите на Кисела Вода кои ги мачат децении наназад.

Ѓорѓиевски: Градежната офанзива која во овој период и’ се случува на општина Кисела Вода привлекува големо внимание, посебно од жителите каде што се вршат интервенциите, бидејќи и покрај нивните поплаки во минатото, улиците беа во катастрофална состојба. Недозволиво е за една општина која го носи со себе ексклузивитетот на најстара скопска општина и е една од најфреквентните во главниот град, да има искучително лоша патна инфраструктура, да има сообраќајници на кои не е извршена никаква санација по 30, 40, 50, па и повеќе години. Настрана, естетиката која е исто така важна, но одвивањето на сообраќајот по тие улици веќе стана небезбедно и бараше итен сериозен пристап.

Првите резултати се веќе видливи. За овие девет месеци вршиме обнова на улици во должина од над 14 километри, што е повеќе од она што е инвестирано во патната инфраструктура декади наназад. Во Пржино ги саниравме сите улици, во должина од над 6 километри. Слично и во Црниче. Направивме темелна реконструкција на улицата “Наум Охридски”, со продолжување на атмосферската канализација, со што долгорочно се реши еден долгогодишен проблем во однос на атмосферските води. Целосна реконструкција извршивме и на улицата Рилски Конгрес во должина од 680 метри.

Да ја споменеме и улицата Пушкинова со сите нејзини краци, која ја обновивме уште во првите 100 дена од мојот мандат. Во Драчево ја завршивме “Румена Хаџипанзова”, “Јанко Мишиќ” и “Речиште”, на која претходно изградивме фекална канализација.  Во моментов во Драчево трае санацијата на 14 улици, кои на овој зафат чекале половина век. Минатата седмица започнвме со гребењето на оштетениот асфалт и на улицата “Иван Хаџиниколов”, која поради својата централна поставеност, важи за една од најфреквентните во овој дел од Кисела Вода. Паралелно, во моментов тече и поплочувањето со павер елементи на околу 2000 квадратни метри површина на улици низ Пинтија и Драчево. Благодарение на одличната соработка со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во Драчево, течат проекти за реконструкција на булеварот ,,Борис Трајковски, за улицата “Славка Динкова”, а тече и целосната реконструкција на улицата ,,Живко Фирфов”, која се одвива преку Министерството за транспорт и врски.

Едновремено, работиме и на подземната инфраструктура. Ќе ги споменам улицата “Петар Драпшин”, каде градиме фекална канализација во должина од 1350 метри, а ќе потсетам и на новата водоводна мрежа на улиците “Церска” и “Христо Узунов”, која жителите ја чекаа повеќе од 30 години, а ја изградивме во соработка со ЈП “Водовод и Канализација”.

Спроведуваме вистинска градежна револуција низ улиците на општина Кисела Вода, во сите месни и урбани заедници решаваме децениски проблеми на нашите жители. Тоа е насоката која ја зацртавме и по која ќе се движиме во овие четири години. Од резултатите сите ќе бидеме горди.

КУРИР: Неодамна најавивте изградба на првиот затворен пазар во Кисела Вода.

Ѓорѓиевски: Години наназад во Кисела Вода не постоеше достојно место за пласман на земјоделските производи. Дивиот пазар со субстандардни услови, без водоводна и санитарна инфраструктура, го избегнуваа и жителите на општината и самите пазарџии кои бараа поквалитетен простор.

Оттука, преку финансиско партнерство со Министерството за локална самоуправа, ја започнавме реализацијата на проектот, кој во моментот е во фаза на тендерирање, а кој на Кисела Вода ќе и донесе модерен затворен пазар, со средена инфраструктура, но и модерна надворешност.

На центарот на општината, каде што ќе биде лоциран, ова ќе му донесе нова урбана естетика, на жителите поголем комодитет при пазарувањето, што секако е чекор напред и во подигнувањето на локалната економија. Покрај овој, затворен модерен пазар во периодот што следува ќе добие и Драчево.

КУРИР: Претходната учебна година го реализиравте проектот “Компјутер за сeкој наставник”, а обезбедивте и повеќе смарт табли за училиштата. Какви проекти има предвидено Општина Кисела Вода за поддршка на образовниот процес во оваа учебна година?

Ѓорѓиевски: Минатата година обезбедивме компјутер за секоја училница од 11-те објекти на сите основни училишта на наша територија, со што наставниците во целост можат да си ги вршат работните обврски, а истото овозможува  подобра примена на ИКТ во наставата. Преку донација обезбедивме и 17 смарт табли, а паралелно работевме и во обнова на училишните објекти. Целосно реконструиравме две спортски сали, во ООУ “Невена Георгиева Дуња” и во “Партенија Зографски”. Отворивме и две сензорни соби во ООУ “Кузман Шапкарев” и во ООУ “Кузман Јосифовски Питу”. Оваа учебна година ќе го задржиме континуитетот на реализација на проекти кои ќе ја подобрат и олеснат наставата, па така, првачињата од Кисела Вода кои од овој септември за првпат ќе седнат во училишните клупи, од Општината ќе добијат бесплатна училишна чанта со неопходниот прибор за настава. Проектот “Ранче за секое прваче” има за цел да им овозможи финасиско олеснување на семејствата кои имаат првоодделенци, а со него се опфатени сите 625 запишани првачиња во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода.

Кога зборуваме на тема образование, со задоволство сакам да истакнам дека од овој септември, Кисела Вода ќе го има првото целосно инклузивно основно училиште во Скопје. Откако ги заменивме кровот и фасадата на ООУ “Кузман Јосифовски Питу”, започнавме и со изградба на лифт за деца со попреченост, која е во завршна фаза.  Заедно со пристапните рампи, специјалните тоалети, изградбата на паркинг места за лица со посебни потреби, ова основно училиште ќе биде целосно опремено да одговори на потребите на учениците кои имаат попреченост.

Со силна динамика, ќе продолжи и унапредувањето на наставниот процес во сите останати општински училишта. Месецов ќе опремиме и кабинет по информатика со најсовремена опрема во ООУ “Круме Кепески”.

КУРИР: Како ќе се справите со недостигот од места во градинките?

Ѓорѓиевски: Цел овој деветмесечен период интензивно работевме на надминување на овој сериозен проблем и она што сакам да го најавам дека оваа есен започнува со работа првата градинка во Усје. Се работи за просторна површина од 240 квадратни метри, каде ќе бидат згрижени околу 100 дечиња, вклучително и најмлади, бидејќи на ова место ќе функционираат и јасли.

Подготвуваме техничка документација и за нова градинка во Расадник. Во меѓувреме, профункционираа и јаслите во претходно изградената градинка во Драчево веќе функционираат, додека за останатите дечиња се чека согласност за врботување од  Министерството за финансии. Воедно, го проширивме капацитетот и на објектот “Синоличка” од ЈДГ “Весели Цветови”, а го зголемивме капацитетот и на објекотот Кокиче за 150 нови дечиња.

КУРИР: Минатиот месец објавивте Меѓународен конкурс за идејно решение за Расадник, прв во Македонија после 1965 година. До кога е отворен?

Ѓорѓиевски: После речиси 60 години, Кисела Вода е првата општина која направи сериозен чекор напред и  одлучи да ги следи меѓународните стандарди за урбанистичкото планирање, транспарентното работење, одлучи да води сметка за јавниот интерес. Ја спречивме намерата на претходното раководство за изградба на 99 згради во Расадник, што претставуваше урбанистичка, но и еколошка катастрофа и по неколкумесечна сеопфатна подготовка во која ги вкучивме и граѓаните, но и целокупната експертска јавност од оваа област, ја изготвивме конкурсната документација.

Програмските насоки кои се изготвуваа заедно со Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, за ДУП-от за Расадник предвидуваат постоење на урбана парк од минимум 100.000 м2, детска градинка, основно училиште, верски објект, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина… За наградите кои се парични, ќе одлучува 9-члена жири комисија во која има и врвен меѓународен експерт од областа на архитектурата и урбанистичкото планирање, како и претставници од домашната стручна јавност, но вклучени се и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода.

Единствен кој за тоа нема да одлучува сум самиот јас, како градоначалник на Општина Кисела Вода, бидејќи сакам процесот во целост да биде и транспарентен, но и целосно независен и валиден. Конкурсот трае до 11 ноември, кога ќе се знае бројот на пријавени трудови и ќе започне процесот на евалуација кој треба да заврши заклучно со крајот на декември оваа година. Се надевам дека конкурсот, кој  е достапен на Електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за Јавни набавки, на општинската веб страница, на страниците на Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија и на страниците на нивните сродни здруженија и асоцијации, ќе донесe квалитетно одржливо урбанистичко-архитектонско уредување на овој простор, со кое ќе се обезбеди хумано, здраво живеење и заштита на животната средина.

КУРИР: Го прославивте 67-миот роденден на Општина Кисела Вода, а истото продолжи со културното лето. Концептот, многу поинаков од се што било досега, посетеност во досега незапаметени бројки. Колку вие лично сте задоволен од 67-та година на Кисела Вода, барем од нејзините последни 9 месеци, откако сте нејзин градоначалник?

Ѓорѓиевски: Под слоганот 67 години моја Кисела Вода”, летово имавме роденденска седмица, во која седум дена финализиравме или отпочнувавме по еден комунален капитален проект, како нов парк, фекална канализација, спортски центар, санирање на најфреквентни улици и слично, додека во вечерните часови го одржавме кутурното лето. Преку 20 000 посетители ги видоа концертите на Жељко Самарџиќ, на ­ Влатко Лозано, Ефто Пупиновски, Боби Павловски, Филип Шурбевски Езгија квартет, ДНК, ДЈ Оги, Теа Трајковска, Наум Петрески и Зуица Лазова, Владимир Попоски, Миле Кузмановски, Златните славејчиња, Студио Данса Латина Стефи, како и други жонглери, магионичари и забавувачи за најмладите.

Тоа беше атмосфера која обедини многу луѓе и покажа колку на нашите жители им недостасувале вакви настани. Ова пак, за нас, како раководство, претставува само смерница за сите наши натамошни проекти. Бидејќи Кисела Вода за нас е и дом, и соседство и иднина на нашите поколенија, па креирањето на буџетот и на политиката на управување мора да се води исклучиво од потребите на граѓаните. Програмата што ја ветив и зад која целосно стојам, е рамката по која се водам и која секојдневно ја надградувам со нови проекти, кои се наметнале како потребни. Останувам отворен за граѓаните, за сите нивни предлози и идеи.

Промените се чувствуваат и тоа е добро, но најзадоволен ќе бидам кога мојата визија за општина Кисела Вода ќе биде во целост реалност во која секојдневно ќе живееме. А дотогаш, само професионалност, одговорност и чесна работа.



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.