Занимливости

Ѓорѓевиќ од маж ќе прави жена

Проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ, еден од најпознатите светски хирурзи во хирургија на машки и женски гениталии којработи на Универзитетската детска клиника во Белград, а раководи и со Центарот за генитална хирургија, направил повеќе од 1500 операции на промена на полот. Тој раководи и со тимот во Клиничката болница Аџибадем Систина каде утре ќе се изведе операција за промена на пол, или маж ќе стане жена. Подготовките траеле околу една, а утре ќе биде финишот.

Д-р Ѓорѓевиќ е стручен соработник во врвни медицински центри во светот, а исто така повеќе години е стручен соработник во Клиничката болница  Аџибадем Систина. Сега во оваа болница со него на овој случај работи и белградски тим за промена на пол.

За време на еден од своите престои во Клиничката болница Аџибадем Систина д-р Ѓорѓевиќ даде интервју за ВЕСТ во кое објасни дека хирургијата за промена на полот во последно време многу добива на значење и има голем медиумски интерес за неа.

-Овој тип на реконструктивна хирургија многу бара, бидејќи од гениталиите на еден пол, треба да направите гениталии на друг пол. Многу често оваа хирургија се поистоветува со хир, со естетска хирургија. Но, тоа не е точно од проста причина што станува збор за едно психичко заболување, односно за  пореметување на половиот идентитет и според Светската здравствена организација тие луѓе имаат и официјална дијагноза. Поради тоа треба да помине период каде овие пациенти ги следи психијатар и по најмалку една година се одредува дијагноза. Потоа тие луѓе се упатуваат кај ендокринолог кој им одредува хормонска терапија, која исто така треба да трае најмалку една година и дури по тие минумум две години, таквите пациенти стекнуваат услов да ја почнат својата хируршка транзиција. Таа може да се одвива во два правци, од машки пол во женски и обратно. Овие луѓе се раѓаат со инцидемнца, односно појавувањето на ваквите луѓе е еден спрема 30.000 во секоја популација во целиот свет. Затоа нема разлика меѓу народите и расите, вели д-р Ѓорѓевиќ во интервјуто.

Докторот објасни дека се доведува до совршенство и функционалниот дел.

-Ако правиме разлика меѓу овие два типа операции, сите се сложуваат дека некако е поедноставно да се формираат женски гениталии кај мажите, бидејќи такви операции денес во светот изведуваат најразлични специјалисти, односно пластични хирурзи, уролози, гинеколози, општи хирурзи. Другата операција при која на жени им се формираат машки гениталии е операција која се изведува во еден акт, каде од женските гениталии се формираат мали машки полови органи. Некаде три четвртини од женските трансексуалци се задоволни да имаат машки полови органи, без разлика што се мали, не им е битна величината. Но многу им е важно да немаат женски обележја и да можат да мократ во стоечка положба, што на некој начин ги обележува и ги прави мажи. Некаде околу 25 отсто од пациентите бараат да имаат вистински машки полов орган, со соодветна димензија, да имаат можност за пенетрација, значи да можат да имаат сексуален однос со пенетрација. Кај овие пациенти формираме полов орган користејќи ткиво од различни делови на телото од пациентот, тоа е првата процедура, а потоа треба да го направиме функционален и тоа се постигнува со импланти за постигање ерекција, а исто така со помали операции го продолжуваме и го доведуваме на врвот на тој полов орган, за да може и изгледот и функицијата на половиот орган да биде што послижен и поприближен на нормалниот изглед, објаснува д-р Ѓорѓевиќ.

Говорејќи за трансексуалноста на Балканот, тој вели дека хирургијата за промената на полот на балканските  простори, поточно на просторите на поранешна Југославија почна кон крајот на 80-тите години. Правата операција е изведена во 1989 година и оттогаш досега имало 350 пациенти од просторот на цела поранешна Југославија, кои во центарот каде што работи го промениле полот.

-Таа слика се промени, сега имаме повеќе држави на просторот на поранешна Југославија и она што е многу  битно е дека имаме контакти со групите на тие пациенти од секоја држава и ги подготвуваме за операција и ги оперираме, посочува д-р Ѓорѓевиќ.

Пред неколку години, лекарите кои работат на проемна на пол, психијатрите, ендокринолозите, хирурзите, формирале група заедно со пациенти од Србија и почнале еден вид борба како да им се помогне на нашите пациенти тие операции да се покријат од Државниот фонд за здравствена заштита.

 

-Она што секогаш беше проблем базирано на искуството во мојата земја, е дека имате население кое веднаш вели “ние немаме пари за дијабетичарите, а сега ќе дадеме пари за промена на полот”. Тоа се исти болести, секому својата болест му е најтешка и оној што има проблем со срце, и оној што има дијабетес и овој што е трансексуалец. Но многу е битно да се каже дека овие операции на нашите простори не се скапи како во останатиот дел од светот, ако таа операција во САД чини 25-30.000 долари, кај нас чини од 4-5.000 долари. Ако имате 16 пациенти во Македонија кои чекаат на операција тоа за Фондот е 50.000 евра, што глобално гледано не е многу, а на тие луѓе им помагате. И второ ја ширите сликата за државата, дека таа е транспарентна, дека е демократска, што ние многу добро го видовме на нашиот пример. Кога дојдоа да го испитаат почитувањето на човековите права во Србија и кога им е покажано дека нашата држава се грижи за овие луѓе, веднаш го променија впечатокот. Тоа е еден од начините како можеме да им го промениме погледот на сите држави во светот дека не сме примитивни и заостанати како што не третираат, заклучи д-р Ѓорѓевиќ.

VEST



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.