КолумниТОП

Големиот, дебел, грчки стечај – државата плаќа, грчкиот изведувач лапа, а 400 македонски работници во „Бетон Штип“ и 600 други компании со прстот в уста!

извор ПЛУСИНФО

Што се крие зад приказната дека изградбата на новата клиничка болница во Штип доцнела наводно поради судскиот спор, во кој фирмата „Бетон Штип во стечај“ од изведувачот на работите, грчки „Интракат“, по судски пат побарува 2 милиони евра? Кој врши притисок врз судот и зошто? Зошто дреме инвеститорот?

Клиничката болница во Штип, модерна здравствена установа што треба да опслужува регион во кој живеат 200.000 луѓе, требаше да биде изградена до 2019 година. Не бидна ништо од тоа ветување. Потоа се рече дека ќе биде готова во 2020 година, а сега се тврди дека ќе биде изградена оваа, 2021 година, иако крајниот рок за завршување на работите, всушност, е 2022 година. Повеќе од една година на објектот ништо не се работи. Или, со речникот на градежниците, нема нови „градежни ситуации“.
Но, затоа има нова приказна, очигледно смислена за да се оправда доцнењето. Па така, во дел од медиумите, кои се повикуваат на изведувачот на работите, грчката компанија „Интраком“, се тврди дека до блокадата дошло поради тоа што фирмата „Бетон Штип во стечај“, до 2018 година подизведувач на работите, води судски спор против изведувачот, со цел да наплати 2 милиони евра ненаплатени побарувања.

Добра медиумска приказна не бива без „месо“ и без добар „зачин“. Во случајов, „месо“ (и тоа топовско!) се имињата на луѓето и на компаниите кои се врзуваат за „Бетон Штип“, пред сѐ бизнисменот Орце Камчев, како и некои други луѓе обвинети во случајот „Империја“. Што се однесува до „зачинот“, се спомнува бизнисменот Сергеј Самсоненко, кој сега со Дејан Панделески и со други лица наводно се обидува да ја обнови фирмата „Бетон Штип“, исплаќајќи 60 отсто од вкупните долгови на стечајните доверители, проценети на 8,5 милиони евра. Небаре е тоа некаков грев…

За магарето има пари, проблем е самарот

Каква врска има судскиот спор меѓу „Бетон Штип“ и грчката компанија „Интраком“ (попрецизно, со фирмата „Интракат“, која е подружничка на изведувачот), со ветувањата на ведетите на актуелната власт дека штипската болница ќе биде готова додека да кажеш ефхаристо? Инвеститорот, државата, на изведувачот, грчката компанија „Интраком“, со која од 2015 година има договор за изградба на штипската болница, според најновите официјални математики, ќе му изброи 42 милиони евра, 7 плус од првобитниот договор. Ако во меѓувреме не се прават нови пресметки и анекси. Убави пари се тоа. Ако добро разбираме, за инвеститорот и за изведувачот не биле проблем оние 42 милиони евра што треба да се издвојат од државната каса​ и да се одработат, туку проблем се баш овие 2 милиони евра, кои се предмет на судскиот спор?! Не е тоа малку чудно? Не било проблем магарето, самарот е проблем. Или, можеби, некој сака со оваа приказна уште еднаш да го „бустира“ случајот „Империја“, за кој веќе и во судско-обвинителски кругови отворено се говори дека се силува без основа, без докази и без аргументи?

Но, „Империја“ е друга тема. Да видиме сега што е проблемот со судскиот спор. Грчкиот изведувач тврди дека на „Бетон Штип“ не му должи 2 милиони евра; дека за побарувањето дознале откако им биле блокирани сметките; дека претходно судот во Скопје за спорот се огласил ненадлежен, ама штипскиот суд пресудил во полза на „Бетон Штип“; дека правосилната пресуда е извршена откако наводно со фалсификувани потписи било примено извршното решение. Грчката компанија тврди дека воопшто не била во можност да ја обжали неправосилната пресуда (не е знајала), а и дека според договорот со инвеститорот, за ваква работа не биле надлежни македонските судови, туку Арбитражниот суд во Париз.

Ако не сте ја слушнале втората страна, приказнава навистина наликува на филмски трилер – познати лица (во јавноста прогласени за вечни „негативци“), фалсификувани потписи, несовесни судии, а болницата, што би рекол Заев, стоо. Но, што ако се слушне другата страна?

„Бетон Штип“ си бара заработени пари, свои и на 600 други македонски фирми

Другата страна потврдува дека од страна на „Бетон Штип во стечај“, врз основа на неплатени времени ситуации за извршени градежни работи и фактури за испорачани градежни материјали за изградба на Клиничката болница во Штип, до Основниот суд во Штип, против фирмата „Интракат Грција“, подружнича на странско правно лице, бил поднесен Предлог за издавање на судски платен налог. Судот донел Решение во февруари 2020 година и уредно го доставил до двете странки во постапката. По правосилноста и извршноста на Решението, истото било процесуирано преку месно надлежен извршител за присилна наплата.

Станува збор за обврски на „Интракат“, кој како изведувач на проектот „Клиничка болница – Штип“ ги имал кон „Бетон Штип“ како негов подизведувач. Иако „Интракат“ ги наплатил во целост сите тие извршени работи (платил, нормално, инвеститорот, Министерството за здравство), грчкиот изведувач сепак не ги исплатил парите на „Бетон Штип“ согласно со договорот, туку напротив, неосновано го раскинал договорот за подизведување, што директно како последица предизвикало активирање на банкарски гаранции ( само гаранцијата за овој тендер не е активирана спротивно на сите законски прописи) и блокади, по што следувало и отворање стечајна постапка, отпуштање на повеќе од 400 работници и неплатени обврски кон повеќе од 600 домашни правни субјекти, кои работеле како подизведувачи на проектот.

Кој е виновен што доцни изградбата на новата штипска болница?

Има ли докази за ова тврдење? Има цел куп, велат од фирмата подизведувач. Има фактури. Но, не само тоа. Сите „времени ситуации“, тврди подизведувачот, се примени, потпишани и одобрени и од „Интракат“ како изведувач и од Министерството за здравство како инвеститор. Со други зборови, сѐ што е сработено, оверено е со потписи. Затоа, станува збор за целосно основано побарување на „Бетон Штип  во стечај“, докажано во законита судска постапка, чие постоење при книговодствените срамнувања го потврдувала и самата фирма „Интракат“ и за што постоат и судско вештачење, документи, завршни сметки и ревизорски извештаи, кои „Бетон Штип“, како акционерско друштво, ги има доставено и на Македонската берза.

Наместо да си плати од парите што ги зел од државата, грчки „Интракат“ врши притисок врз судството?!

Тешко е да се затворат очите пред доказите. Освен тоа, некој како намерно да манипулира, бидејќи овде најмалку станува збор за Камчев и за Самсоненко, туку за пари што ги заработиле на македонските работници во „Бетон Штип“ и во повеќе од преку 600 други локални македонски компании, кое сега се доверители во стечајната маса. Некој сака да се замижи пред фактот дека државата, со народни пари од Буџетот, овие пари веќе му ги исплатила на грчки „Интракат“, во кој претседател на бордот и најголем акционер е од 2018 година е Димитрис Коутрас, кој претходно е добро познат на македонската јавност по аферата „Актор“ (се сеќавате, станува збор за спектакуларен случај, во кој беа спомнувани корумпирани македонски политичари, како и вадење пари во кеш од филијалата на една скопска банка во Неготино).

И додека доверителите во стечајната постапка на „Бетон Штип“ се мачат да си ги наплатат своите побарувања и се борат да ја одржат сопствената ликвидност во овие кризни времиња, за и нив да не ги снајде „грчки стечај“ како што го снајде „Бетон Штип“, фирмата „Интракат“ нивните заработени пари ги троши на скапо платени написи во медиумите, со цел да создаде заблуда во јавноста, а истовремено пишува неосновани претставки против судии кои донеле законити одлуки, со што врши директен притисок врз судството во РСМ, вели засегнатата страна и најавува соодветни тужби пред македонските судови за сите изнесени лаги.

– Крајно безобразно е што речиси шест месеcи „Интракат“ е со блокирана сметка, врз основа на по законита, правосилна и извршна одлука на македонски суд, а сѐ уште не е во стечај и сѐ уште е со активен договор за изградба на штипската болница. На надлежните институции, на инвеститорот и на грчката компанија медиумите треба да им постават сериозни прашања. Дали има друга компанија во РСМ со блокирана сметка од шест месеци, за која судот два пати одбива да отвори стечајна постапка, иако по законот е должен во рок од 45 дена да ја отвори? Дали врз основа на одредбите на FIDIC договорните услови, по кои е потпишан договорот помеѓу договорните странки, Министерството за здравство на РСМ како инвеститор и „Интракат“ како изведувач, постои клаузула во точка 15.2 алинеа 1е, во која се вели дека во случај изведувачот да стане несолвентен („Интракат“ веќе шест месеци има блокирана сметка, 16 месеци нема градежна ситуација, нема никакви активности на објектот, нема ниту еден вработен), Министерството за здравство на РСМ треба да го раскине договорот? Дали во нашата земја постои компанија во која нема ниту еден вработен, а има тендер за изградба со пари од Европската банка од 42 милиони евра? Дали и колку данок по основ на плати нема платено „Интракат“? Треба ли ова да го испита Управата за јавни приходи, затоа што и тие неколкумина вработени кои ги имаат се преку посредничка агенција за вработување? – вели нашиот извор.

Има ли врска меѓу грчките форми „Интракат“ и „Актор“?

Прашањата немаат крај. Дали банкарската гаранција за добивање на тендерот во 2016 година била издадена од „Бетон Штип“ или од „Интракат“? Дали „Интракат“ и додека бил „Бетон Штип“ во стечај, спротивно на законските прописи, до септември 2019 година користел банкарска гаранција од 3,5 милиони евра издадена од „Бетон Штип“, како гарант, преку Комерцијална банка – Скопје? Дали е ова законски? Треба ли ова да го испита Финансиската полиција? Дали со тоа што повеќе од 16 месеци нема ниту една „градежна ситуација“ на објектот доставена до Министерството за здравство од страна на изведувачот, се избегнува плаќање на ДДВ? Дали е вистина дека веднаш штом го раскинал договорот со „Бетон Штип“, изведувачот „Интракат“ побарал анекс на договорот од 7 милиони евра, (35 милиона е основниот со нормално машинство и електрика) за нов проект за машинство и електрика? Дали има таков нов проект и кој е проектант на тој нов проект, да не е случајно фирма поврзана со изведувачот? Дали има договор и со кого е склучен тој договор? Дали е вистина дека договор за надзор не бил потпишан повеќе од две години? Дали во претходниот проект немало машинство и електрика?

Дали, дали, дали…

– Конечно, македонската јавност треба да знае кој е грчки „Интраком Констракшн – Интракат Грција“ и кој е Димитрис Коутрас. Доминантната сопственичка структура во оваа компанија е речиси иста како и онаа на грчки „Актор“, кој ги доби тендерите за изградба на патишта во Македонија од преку 250 милиона евра. Иако тогаш „Актор“, како изведувач, ги наплати парите од Министерството за транспорт и врски како инвеститор, се повлече од Македонија, а стотици домашни правни субјекти останаа со ненаплатени побарувања и десетици од нив отидоа во стечај. Патиштата останаа недоизградени. Сега појасно ли е зошто доцни изградбата на штипската болница? Треба ли некој во оваа држава да се запраша зошто никој ништо не презема за да ги заштити интересите на македонските работници, на македонските доверители кои чесно работеле, а не го наплатиле својот труд? И кој овде си поигрува со судбините на луѓето и на компаниите во нашата земја? – прашува нашиот извор.

И така, кога ќе се сослушаат двете страни – во овој текст право на глас доби и втората страна – нештата очигледно стануваат многу појасни. Но, наместо да пресудуваме кој е во право, јавно го повикуваме инвеститорот, Министерството за здравство, да се заинтересира за случајот. Не е доволно ресорот да изјави дека не навлегува во односите меѓу изведувачот и подизведувачите. Во најмала рака, владата треба да се заложи да престанат притисоците врз судиите, кои веќе донеле правосилна пресуда врз основа на докази. Или, можеби сега некој ќе нѐ убедува дека покрај наводно фалсификуваните потписи при приемот на извршното судско решение, сите други докази за побарувањето (фактури, градежни ситуации и слично – од инвеститорот, од изведувачот и од подизведувачот) исто така биле одобрени со фалсификувани потписи?

Време е власта на дело да покаже што значи вистински реформски однос кон судството.
Не е работата само во тоа само да се сменат двајца, десет или дваесет судии и обвинители. Потребни се системски промени, кои ќе овозможат правдата да се дели и да се спроведува во законити постапки, врз основа на цврсти докази, а не со јавни и тајни притисоци врз осомничените, но и врз судиите и обвинителите. Па после се чудиме зошто по судовите како кули од карта се уриваат случаите што органите на прогонот (пред сѐ славното СЈО) ги „граделе“ без „градежни дозволи“, без докази, без „градежни ситуации“, туку само со многу медиумска врева и со оцрнување на луѓе таргетирани за отстрел.

 



Македонија

Заболени
101,214
+582
Мртви
3,111
+13
Излечени
90,685
Активни
7,418
Last updated: 25/02/2021 - 19:26 (+01:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.