Колумни

ГЕРО СО КОЛУМНА

Македонија ги напушти југословенската федерација, стариот социјалистички систем и еднопартизмот и се конституира како млада демократија со значајна, би рекол и пресудна поддршка на САД. Така почна нашето стратешко партнерство со Американците. Секој што потезите на американската администрација сега ги толкува како поддршка за власта и како напад врз опозицијата, или како поддршка за провладините апологети и напад врз критичарите на владините политики, е или будала или манипулатор. Или и двете заедно.

Новата извршна наредба на американскиот претседател Џозеф Бајден за блокирање на имоти и за забрана на влез во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизација на состојбата во Западен Балкан предизвика голема возбуда во круговите на провладините „аналитичари“. Ги прочитав првите реакции и пак се разочарав – во Македонија сѐ тече, а навистина како ништо да не се менува.

Патем речено, не ми се допаѓа терминот аналитичари, но факт е дека првите четири букви од зборот прилично прецизно ја лоцираат суштината на оваа нова „професија“, така како што е разбрана кај нас. Имено, станува збор за позиција од која нашите „аналитичари“ комотно и безбедно „анализираат“ и ни прекажуваат што мисли и што сака да ни каже сопственикот на локацијата.

Во конкретниов случај, тоа е претседателот на САД. Некој очигледно не разбира дека тоа е локација од која секогаш стасуваат многу сериозни пораки, што мора да се читаат прецизно, а не да се толкуваат „екстензивно“, според потребите на локалните политички агенди. Ставовите на американската администрација не се избираат како паштети од супермаркет (ми се допаѓа, не ми се допаѓа…) туку имаат своја суштина и конзистенција, која вообичаено се соопштува јасно и прецизно, па нема потреба локалните „шамани“ да се занимаваат со дополнителни експликации на скриените значења и пораки.

Поддршката на американската администрација за демократските институции и процеси, за внатрешната стабилност и за добрососедсвото (оттаму и експлицитното наведување на двата договора, Охридскиот и на Преспанскиот), но и за правдата и за борбата против корупцијата – суштината на овој декрет, значи – нашите провладини аналитичари ја „преведоа“ како намера за итно воведување жестоки санкции против опозициски политичари, против интелектуалци, па дури и против новинари од Македонија, чиј „грев“ е што јавно изразуваат мислења и ставови против двата договора, а особено против Преспанскиот. Во некои „толкувања“ на декретот на Бајден, се оди и чекор понатаму, па се тврди дека на удар на американската администрација ќе се најдат дури и лица кои не го поддржуваат сѐ уште недефинираниот и несклучен финален договор со Бугарија.

Тешки глупости…

Жално е што некои луѓе, кои не ги кријат својата нетрпеливост кон опозициското и кон критичкото мислење и својата отворена наклонетост кон актуелниот хибриден режим на Зоран Заев, не се способни малку поспокојно и потемелно да го прочитаат документот на Белата куќа. И што со својата површност глумат советници на Бајден, калифи наместо калифот, така како што и во реалниот живот копнеат да бидат во престижната ролја на суфлери на Амбасадата на САД во Скопје, луѓе кои таму го соопштуваат „гласот на народот“, а возвратно пренесуваат што мисли „Калето“ за македонцките работи.

Како и да е, факт е дека претседателот Бајден најавува зајакнување на политичкото присуство на САД во регионот Западен Балкан. Тоа не е новост, беше најавено во претседателската кампања и е сосема во духот на феноменот наречен „американски интервенционизам“, кој традиционално е поизразен кога на власт се демократите наспроти републиканците. Но, треба да се каже и тоа дека не е во духот на американската демократија да промовира „деликт на мислење“, да ја загрозува слободата на изразување и да ја цензурира политичката мисла и критика со какви било санкции. Ако внимателно се прочита документот, ќе се забележи дека голем простор е посветен на опис на активностите (директни и индиректни) кои се сметаат за загрозување на стабилноста во регионот Западен Балкан, како и на дефинирање на областите во кои се детектира тоа загрозување.

Од особена важност е што освен регионалните договори, декретот на Бајден на овој начин ги поддржува и човековите права (предвидените санкции важат и за тие што ги прекршуваат), како и борбата против корупцијата, поткупот, злоупотребата на јавните фондови за политички цели и слично. Така што, ако некој од нашите букачи од „аналитичари“ веќе прави список на луѓе од Македонија коишто треба да се најдат на „црната листа“ на Бајден, сугерирам да не ги заборават и нашите корумпирани политичари, луѓето од политиката и од институциите поврзани со организираниот криминал, со трговијата со луѓе, со шверцот со дроги, со фалсификувањето пасоши и продажба на идентитети и со многуте други зла за кои сведочевме и за време на режимот на Никола Груевски, но сведочиме и сега, за време на хибридниот режим на Зоран Заев.

А најпаметно е сепак да оставиме претседателот Бајден и неговата администрација да си ја вршат работата и да ги реализираат своите намери спокојно и одлучно. Ионака е голема заблуда помислата дека нашите мали, локални Бајдени, возбудени од новостите од Вашингтон, ќе успеат на Белата куќа да ѝ го наметнат својот дискурс, односно својата опседнатост со мислата дека спасот за оваа земја е да се сотре опозицијата во ликот на ВМРО-ДПМНЕ, а критичките гласови да стивнат до нивото на некаква „прифатлива конструктивност“, ниво што ќе го определуваат тие и режимот како со потенциометар.

Македонија ги напушти југословенската федерација, стариот социјалистички систем и еднопартизмот и се конституира како млада демократија со значајна, би рекол и пресудна поддршка на САД. Така почна нашето стратешко партнерство со Американците. Секој што потезите на американската администрација сега ги толкува како поддршка за власта и како напад врз опозицијата, или како поддршка за провладините апологети и напад врз критичарите на владините политики, е или будала или манипулатор. Или и двете заедно.



Македонија

Заболени
156,017
Мртви
5,489
Излечени
150,263
Активни
265
Last updated: 24/07/2021 - 09:11 (+02:00)

Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.