Колумни

Една наивна приказна за ЕУ и САД

Од:

????????????????????????????????????
????????????????????????????????????

Професорот Флоријан Бибер е добар, или поточно би било- одличен познавач на состојбите во Македонија, судејќи според неговите настапи, текстови, анализи и студии.

Затоа, неговото последно интервју за “Дојче веле” ме зачуди, особено неговата упорност да ги приволи ЕУ и САД на притисок кон ВМРО, или како вели тој: Тие мора да извршат посилен притисок врз владејачката гарнитура во Македонија за да се обезбедат фер и демократски избори”. Тој елаборира дека е “тешко  замисливо дека елитата нема да заврши во затвор поради постојните сомнежи и затоа цената на изборите е многу висока. Прашањето е дали воопшто можеме да зборуваме за фер и демократски избори при така висока цена. Ризикот е многу голем. А тука природно се поставува прашањето: што може да ги убеди да прифатат фер и слободни избори кога ризикот дека за тоа ќе платат голема цена е висок”.

Оттука, Бибер смета дека ЕУ и САД се тие кои би извршиле притисок врз ВМРО, но тој не објаснува на каков притисок мисли, затоа што тоа е суштинската алка во целата операција на избори и сигурниот победнички триумф (о, па се разбира на ВМРО), доколку не се изврши тој одлучувачки притисок.

Тие избори,  сигурна сум, Бибер е свесен дека не траат само тој ден или пак за време на кампањата.  Иако е свесен за овој факт Бибер, тој не само што не го зема воопшто во предвид, не го споменува, туку и целосно го игнорира, како непостоечки, невалиден, неважен, попатен факт.

Токму затоа, од суштинско значење е да се разговара и за 10 годишната состојба во која се наоѓа Македонија и граѓаните, тие гласачи кои низ целиов овој период всушност и не беа тоа. Тие не беа присутни на избори, затоа што избор и немаше воопшто.

propag

Најпрво, медиумската пропаганда- таа произведе предавничка, платеничка, кодошка и криминална структура не само од останатиот дел запишан на избирачкото ливче и потпишан како опозиција. Не, не беа силувани само Заев и Шеќеринска. Секој новинар, професор, активист, секој интелектуалец, таа храбра и борбена интелигенција беше унакажувана, уништувана и малтретирана. Нивниот глас, нивниот став, говорам за целокупната опозиција, беше замолчуван и непостоечки. Јасна е причината- сетете се како велел Вацлав Хавел: “Во борбата за слобода на тие луѓе, лежи заканата за слободата на сите други”.

Јавноста не знаеше за фактите, намерно не велам за вистината, затоа што другото, поинакво мислење, особено кога станува збор за интелигенцијата, подразбира понуда на факти а не на вистина, критички анализи, податоци и аргументи, за кои самата јавност подоцна треба да биде слободна да суди. Огромен дел од податоците на официјалните институции беа криени, заташкувани или фабрикувани.

Конечно, јавноста, ова гласачко тело, овој народ, за кој толку со страст говори Груевски, тој народ многу ретко имаше можност да слушне поинакви мислења, ставови, факти, податоци, поинаква вистина од сервираната низ деценијата, сосила наметнувана, испружена како одамна мртво тело, загноено, засмрдено и распаднато, со таква вистина беше хипнотизиран тој народ на Груевски и молчешкум ја прифаќаше.

За кого би гласале вие во ваков случај?

Следува клиентелизмот се разбира, лагодноста, сервилноста, таа покорна култура не е бесплатна, ниту пак создадена во име на идеали, заради некаква идеологија, верба, страст, подготвеност да се умре заради сопствениот став, каков и да е.

О, не, каква е оваа политичка наивност која се граничи со тотален аматеризам. Па не, се разбира дека повторно е не, затоа што идеалите се најсмешниот производ на човечкиот ум онаму каде што владее, каде доминира, каде покорува мирисот на парите, една фина, заоблена функција, расклатена, но сепак фотелја, ве молам, дури и мирис на застоена и смрдлива метла доаѓа во предвид.

А каква може да биде поинаква една метла? Но, да бидеме сериозни, навистина- некои благодарејќи на ситни врски, за кои подоцна ќе се испостави дека биле микроскопски, да, но сепак партиски, добиваат работно место чистач и се пресреќни, нивната метла  е нивниот живот, единствена радост и причина за ненадејна и разбирлива смрт, само ако им се одземе ова право, право да работат, што било, кај било, кај кого било, но само да работат.

Сега сетете се само на таа армија администрација, чија точна бројка и не ја ни знаеме, тие луѓе кои земаат плата а многу од нив немаат ниту столче, ниту биро, но имаат врз главата семејства добога, имаат несреќно отворена трансакциска сметка, среќно потишана партиска книшка, пристојно, иако наследено од родителот громбиевско одело, патетична карирана сукња и можеби криви штикли кои потсетуваат на социјалистичката ударничка радост за малку внимание и љубов на Мир-Јам, но можеме ли за миг да запреме, ве молам.

Затоа што многумина од нив всушност имаат и талент и знаење и квалификации, но немале работно место, немале име, биле непостоечки и очајни,   се додека не се појавил Груевски и неговата идеја како да се исповрати и избербати се што потсетува на фер и демократски избори. А што можеше друго да направи овој човек, што му преостануваше на Греуевски?

Знаете ли поинаков начин за добивање избори од заведување терор, заплашувања, уценувања и поткупувања, каде вашата армија ќе маршира на контра-протести, ќе јаде контра- сендвичи и ќе вее контра-американско знаеме, односно руско, со залепена слика на Путин на челото, како навистина да има некаква врска целава иконографија со нивниот изгубен и пропаднат живот. Но, Груевски им нареди да има, да има и тоа голема, огромна важност нивниот мал живот, ако му го принесат и тој замезува делче по делче, орган по орган, за да им исплука се, а тие да собираат, за да имаат со што да одат на следните контра-протести, за да имаат со што да јадат од следните контра-сендвичи.

За кого би гласале вие во ваков случај?

slobod

Аха, доаѓаме до следната точка- заплашувања и уценувања, страв не да не се проговори, туку воопшто да се осмели некој и да го изговори неговото име, па името на братучедот, па на кумот, па на шефот, директорот, претседателот на куќниот совет, за кого знаете дека има некакви блиски врски со некој што го познава шефот, а шефот го сретнал некогаш кумот, кумот има релации со братучедот, а братучедот  е побогу братучед на оној што не смее да му се спомене името. Во сите случаи име не смее да се дознае и изговори.

Бомбите на Заев се најголемиот аргумент зошто било најдобро да се молчи, а некого ако снема од работното место, од улица, од тротоар или студентска клупа и заврши на полициско испрашување, тоа не се однесува на тој некој кој е приведен, о, не.

Куќните притвори на Шарените не беа наменета лекција за нив самите, па се разбира дека не.

Идејата беше едноставна, обична педагошка мерка: долгата рака да го допре секој граѓанин, секој што воопшто се осудил некогаш, некаде да излезе на улица, додека траеја протестите, дури и кога посакал да испуши цигара пред зградата, без да го исплука гневот. Тој некој, обичниот мал човек мора да знае- ќе заврши можеби полошо и од Шарените. Не, не значи дека ќе заврши радикално, во притвор, но може да ја изгуби работата, метлата, бирото, платичката, живеачката, душичката.

За кого би гласале вие во ваков случај?

Гласачите кои биле и се клиенти на оваа власт, преплашени дека ќе изгубат се, уценети да не проговорат, уживатели на она многу или малку што го добиле, тие знаат дека нивната единствена задача е заокружување на оној што ги тормозел, прославил, изгнасил, унаказил. Но, немаат избор или пак сакаат да го имаат само овој избор, само него, само Груевски и неговото најважно друштво, затоа што само така ги облева светлина или пропаѓаат во мракот.

Затоа, единствената опција за некаков разговор за избори (не велам фер и демократски затоа што би било несериозно во вакви околности да говорам така) може да биде СЈО. Во оној момент кога почнува да се руши пирамидата, да пропаѓа, да се изместува, да се заклати врвот, тогаш оние исплашени, уценети, сите оние безгрижни во удопствата и животно загрижени што ќе се случи со нив доколку не победи ВМРО, токму сите тие тогаш ќе сфатат дека ништо од сето ова не било вистина. Ниту тие, ниту Груевски. Дека се ќе исчезне, ќе биде одземено и вратено на некој што заслужил, што бил излажан, украден и умирал тивко, полека, за овие другиве да не чујат, за да не го докусурат, за да му се знае барем гробот.

Така отприлика би требало да заврши оваа приказна, за која ЕУ и САД и да сакаат, не би можеле многу што да сторат, затоа што ние се знаеме а нешто мора и да сториме, за да се заслужиме во подобриот крај во неа.

Македонија

Заболени
27,199
Мртви
934
Излечени
18,948
Активни
7,317
Last updated: 27/10/2020 - 07:26 (+01:00)
loading...

Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.