Колумни

Децо не мучите се џабе, постаните бабе!

Како што политиката царува и диригира во секој сегмент на општеството и на нашето живеење, не е ништо чудно што доаѓа до маргинализирања на способни луѓе, кои уште многу можат да дадат за својата татковина, но тоа не им е важно на политикантите, популистите и на некадарните што раководат со државата

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Група луѓе немо и беспомошно стојат пред отворот на колекторот на рудникот Бучим, кој е одвај широк колку човек да се протне лазејќи. Гледа накај малата група на армиските волци, која ќе влезе таму каде што никој не смеел и ќе отползи петстотини метри низ црна темница во самото срце на брдото на длабочина од 400 метри.

Ќе се обидат да го извлечат телото на починатиот рудар, кое веќе некое време се наоѓа таму каде што никој не се охрабрува да тргне. Пред самиот влез на колекторот, тројца од волците легнуваат и ги голтнува темнината на тесниот ходник, каде што полека ползејќи, врзани со јажиња и влечејќи зад себе боци со кислород, затоа што нема доволно простор да ги стават на грб, тргнуваат да го извршат она што им налага војничката, но и човечка чест.

Тројца од волците ги испраќаат тројцата колеги со поглед и надеж дека ќе ги видат повторно, држејќи ги во раце јажињата со кои се врзани со јасна и кратка наредба, ако јажињата прекинат да се движат, влечете нè со хамерот, можеби некој ќе биде жив.

„ВОЛЦИТЕ“ НИКОГО НЕ ОСТАВААТ 

Пред влезот настанува молк и неприродна тишина, која ја нарушува само повременото стружење на јажињата, како единствен знак на живот таму од утробата на земјата. Времето бавно одминува и по цела вечност се појавуваат прво нозете на првиот од тројцата, внатре нема простор за вртење, па се враќаат назадечки, па вториот, па третиот. Влечат количка, која била заглавена на околу 300 метри од влезот.

Повторно влегуваат и ги нема бескрајно долго сè додека не се појават со телото на починатиот рудар. Никого „волците“ не оставаат зад себе, никогаш. Сите шестмина на чело со командантот, тогаш потполковник, денес бригаден генерал, добија за првпат медал за храброст од претседателот на Републиката.

Ечи воздухот над Тетово, таму од кај Калето и Шара, од рафали на автоматско оружје и зуењето на снајперските куршуми. Таа 2001 година, добар дел од тајкуните, политичарите и нивните семејства се надвор од Македонија, уплашени за себе и богатството што го стекнале којзнае како, избегале пред воениот конфликт.

Секој што може, го одбегнува Тетово и западниот дел на Македонија, но не и командантот на пешадиски баталјон и баталјонска борбена група поставена на тетовското Кале и на падините на  Шар Планина. Заедно со своите војници ги потиснува терористите подалеку од Тетово и ги локализира спремен за одлучувачкиот удар.

МАЈОРОТ ОД ТЕТОВСКОТО КАЛЕ

Политиката и странските мешетари ги вплеткуваат прстите и на  преговарачката маса се носи Охридскиот договор. Војската гордо се повлекува по наредба на политичките структури, свесна и горда за својот придонес во одбраната на Македонија на дело, а не само на зборови, како што тоа го правеле и го прават многу самопрогласени „херои“.

За сето она што го направил за татковината, командантот на баталјонската борбена група вонредно е унапреден во чин мајор од претседателот, затоа што тогаш претседателот нема право да даде одликување.

Денес мајорот од тетовското Кале е генерал мајор, кој напредувал и во својата кариера се движел чекор по чекор со свој труд и огромно залагање. Во 2003 година, тој станува дел од најелитната борбена единица на АРМ, полкот за специјални операции. Ја врши должноста началник за операции, планирање и обука, а во 2010 година е поставен за началник на штаб и унапреден во чин полковник, а во 2012 година станува командант на полкот за специјални операции.

Со указ на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили, во август 2013 година е поставен за командант на Првата  механизирана пешадиска бригада и унапреден во чин бригаден генерал.

Во 2015 година е поставен за заменик на командантот на Здружената оперативна команда, а три години подоцна во 2018 година, станува командант на Здружена оперативна команда. Истата година е унапреден во чин генерал-мајор. Со трансформација на Армијата во 2019 година е поставен за командант на Командата за операции.

РАЗРЕШУВАЊЕ БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Покрај многуте заслуги за модернизирање и устројувањето на армијата по светските стандарди, тој е заслужен, заедно со својот колега од почетокот на приказната денес бригаден генерал, за оспособување и модернизирање на Криволак, изградба на 80 километри патишта во Криволак, спроведување на последната НАТО вежба, овозможување финансиски средства за Армијата токму поради Криволак.

Токму на денот кога се завршува НАТО воената вежба „Одлучен удар 21“, и тоа со голем успех , во мигот кога ги прима честитките од своите колеги генерали на НАТО силите, претседателот потпишува указ со кој го разрешува од должност овој генерал, а со уште еден указ го разрешува и другиот, бригадниот генерал, без никакво образложение.

Како политиката царува и диригира во секој сегмент на општеството и нашето живеење, не е ништо чудно што доаѓа до вакви маргинализирања на способни луѓе, кои уште многу можат да дадат за својата татковина, но тоа не им е важно на политикантите, популистите и на некадарните што раководат со државата.

Но, токму затоа немаме традиција, континуитет, херои и пред сè национална стратегија со артикулирани национални интереси. Сево ова ми личи на онаа Нушиќева песна „Два раба“, во која на крај вели:

„Српска децо што множити знате

Из овога поуку имате,

У Србији прилике су так’е

Бабе славе, презиру јунаке.

Зато и Ви не мучите се џабе,

Српска децо постаните бабе“.

 



Поврзани вести

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.