Колумни

Баталете ја Црна мачка, „удрете“ по Волерс!

Каква возбуда и лавина негативни коментари од потегот на ТВ Канал 5, да ја угостат стриптизетата Црна мачка на вестите. На социјалните мрежи познати и непознати фаци се размаваа со коментари, те било недолично, те она била ваква и ваква, те не и личело на телевизијата такво нешто. Ги читам и да бидам искрен се чудам.

aco kabranov

Јасно ми е дека „конзервативци“ се на власт, јасно ми е и згрозувањето, пред се на нивните фанови, што ете, нивната телевизија направила таков „кикс“ и замислете, покажала стриптизета на вести. Но, да бидам докрај искрен, а што е тоа различно или поиздржано од тоа што спомнатата телевизија и нејзините сестрински телевизии на нивните вести со години им го сервираат на гледачите?

Е да, стриптизетата беше искрена, ништо не излажа, си призна дека тоа и е професија, дека од тоа го вади лебот, не мисли да ја напушти државата и дека и политичари се палеле на неа. Велам искрена, а што правиме што годиништа на истите екрани се редат политички стриптизети, башка неискрени, се разбира, за перење мозок колку ни било убаво.

Младиот Томиќ (водителот во студиото) можеби несвесно, но ми се чини дека направи вистински потег, на вестоманите им сервираше искрена исповест на храбра жена, контра секојдневните гостувања на властодржците почнувајчи од прајм министерот па до последниот негов потчинет. Црна мачка беше бар искрена, а тие, барем јас мислам НЕ. Затоа, за неа и за младиот новинар, палец горе, ако за ништо друго, тогаш барем за разбивање на предрасудите, и она поважното, дека во државата имаме искрени стриптизерки и лажачи министри. Што е полошо, оставам сами да си заклучите.

Туку, сношти еден другар ми се јави и ми вика „абе Ацо, што е ова со Сорос, вчера на Сител, вечерва на Канал5?“. Не ми ја спомна ни Црна мачка ни бутур, туку се чудеше што сакале да кажат со броење долари на СОРОС, и тоа трте мрте, кај ги дал, кој ги зел, зошто не градел улици и болници и слични глупости. Двајцата се изнасмеавме на ваквите глупости, свесни дека не е тоа наменето за НАС неверниците и противници на семоќниот ПРЕРОДБЕНИК. Заклучивме дека нарачателот сака да каже, не размислувајте кај ви ги трошам јас вашите пари, туку гледајте кому оној Сорос му ги дава, а не МЕНЕ.

И таман помислив, оваа најнова хајка по Сорос, се разбира, по налогот на Центарот за комуникации, ќе биде забава на сите провладини медиуми, оп, ете ти го амбасадорот Волерс, и изјава во стилот политичарите ви се АПАШИ.

Се разбира, за очекување е центарот да издаде друга ИТНА директива- баталете го Сорос, го „сокапавме“, заборавете на Црна мачка, и сите во еден глас УДРЕТЕ по амбасадорот Волерс. А тој не кажал ништо што ни децата во државава го знаат, дека не владее АПАШААНА.

За крај, од мене до Волерс – амбасадоре, малку доцните, но ве разбирам зошто го кажувате на заминување, да не ОКРКАТЕ и вие оштета за нанесена ДУШЕВНА БОЛКА. Таа во Македонија експресно и дебело се наплатува.

Ацо Кабранов



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.