КолумниТОП

Анѓушев продолжува да лаже за директните странски инвестиции

 

Вицепремиерот Кочо Анѓушев не се откажува од идејата за политички детерминизам – дека македонската стагнирачка економија може да биде успешно подобрена со политичка волја и сила на владата на Зоран Заев да донесе што повеќе директни странски инвестиции.

 

„Директните странски инвестиции во 2018 година достигнаа до 624,49 милиони евра, што е за 276 отсто повеќе од претходните осум години или речиси двојно повеќе од најдобрата година во последните десет години.“ (Анѓушев, Топ-Тема, 06.03.2019)

 

Но, важен е овој дел од неговата изјава: „Од 624-те милиони евра 405 се реинвестирана добивка и сопственички капитал.“ Уделот на работничките плати во преостанатите 219 милиони евра Анѓушев не го прецизира колкав бил, бидејќи се разбира уделот на профитите на газдите за нивна лична потрошувачка на луксузни стоки и услуги доминирал над уделот на работничките плати. Не треба да нè радува ниту фактот што од овој остварен вишок на вредност мнозински дел бил реинвестиран, бидејќи општиот перформанс на стопанството во секој случај нема да биде подобрен!

 

Како што веќе покажав, не само што работничките компензации во плати и осигурување во голема мера стагнирале зад остварениот личен профит на приватните газди, покажав овде дека и генералната профитна стапка на македонската економија стагнирала зад износот на авансиран капитал во вид на фиксен капитал, и не само тоа, ќе предвидам дека генералната профитна стапка на вкупната домашна економија ќе продолжи да стагнира до крајот на мандатот на владеење на премиерот Заев и впрочем дека истата генерална профитна стапка нема да ги достигне своите максимални нивоа од годините 1993-1994!

 

Значи, не падот на инвестициите, како што тврди Анѓушев, туку падот на генералната профитна стапка на вкупната домашна економија, го предизвикало и ќе продолжи да го предизвикува економското замирање.

 

„Во капиталистичкото производство профитната норма е движечката сила, и се произведува само она што може и колку може да се произведува со профит.“ (Маркс, Капиталот, трети том, 1976 год., стр.237) „Профитната норма, која е стимул на капиталистичкото производство и условувач на движењето на акумулацијата на капитал, се доведува во опасност од самиот развиток на производството. А квантитативниот однос овде е сè.“ (стр.237)

 

Графиконите долу го докажуваат Марксовиот закон за тенденциско опаѓање на профитната стапка односно како што се зголемувал размерот на инвестиции во фиксен капитал во однос на компензациите за работниците во плати и осигурување, така се намалувала генералната профитна стапка, еден емпириски доказ што го побива тврдењето на вицепремиерот Анѓушев дека директните странски инвестиции го сопреле економското замирање. Предлогот на Бранимир Јовановиќ за излез од економското замирање преку зголемување на компензациите за работниците во плати и осигурување спротивно од она во што тој верува, уште повеќе ќе ја снижи генералната профитна стапка, за што имаме емпириски доказ од Хрватска. Неодамна го побив и тврдењето на Бранимир Јовановиќ за „Албанија која го напушти рамниот данок во 2014

година. Откако го напуштија рамниот данок и воведоа прогресивен данок се случи сето ова: се зголемија буџетските приходи, се намали јавниот долг, се зголеми економскиот раст. Сето ова се случи. Така што слично нешто такво ќе се случи и во Македонија. Останува да видиме во колкав обем.“

Како што гледаме, до крајот на мандатот на премиерот Заев директните странски инвестиции ќе продолжат да растат, а сепак генералната профитна стапка нема да го достигне својот максимум од 1993-94. Со оглед на овој емпириски доказ, паѓаат во вода единствено инсинуациите на Анѓушев за неминовно закрепнување на општиот перформанс на македонската економија со растот на директните странски инвестиции.

Томислав Захов, магистер на технички науки



Поврзани вести

Напишете коментар

Back to top button

Детектиран Блокатор

Ве молиме да го исклучите вашиот блокатор за реклами на вашиот пребарувач за овој сајт, со истото би дале поддршка за повеке вести.